СКОПЈЕ ПРАЈД 2021 – ОСЛОБОДУВАЧКО ИЗЛЕГУВАЊЕ ВОН ЅИДОВИТЕ
јули 1, 2021
Ако првиот го гледавме како тест за општеството, овој Прајд требаше да ни потврди дали успешноста на првата парада на гордоста во Скопје беше инцидентна, или навистина го постигнуваме посакуваниот ефект за видливост и континуитет во борбата за човекови права и прифаќање во средината во којашто живееме. Годинава, големината на настанот подразбираше водење сметка и за пандемијата и од тие причини се доцнеше со најавата за Прајдот, сѐ додека тоа не го дозволи епидемиолошката состојба. Не стравувавме за бројноста, иако таа сабота беше ден со тропски жештини, затоа што двојната изолација со која со соочи нашата заедница во изминатиот период едноставно мораше да заврши на средба на која ќе се видиме, ќе протестираме и ќе танцуваме заедно, со нашите пријатели и избрани семејства.
Мора да напоменеме дека не била инцидентна ни добрата соработка со Министерството за внатрешни работи. Како организации, кои, патем, често го критикуваат постапувањето на полициските службеници, сакаме и овој пат јавно да ја пофалиме нивната професионалност и покажан такт при подготовките и спроведувањето на безбедносниот план за Прајдот.
Во однос на професионалноста на медиумите, по минатогодишните позитивни оценки, годинава забележуваме и дополнителен напредок. Покрај известувањето од активностите во текот на јуни, Месецот на гордоста, голем број од нив покажаа и автентичен интерес за обработка на теми поврзани со животот на ЛГБТИ луѓето, почитувајќи ја една од основните препораки – да се проследува низ призмата на човековите права.
Чувството на слобода и сигурност е главниот индикатор за успешен Прајд. Дополнето со програма што ги раздвижи сите, атмосферата гореше повеќе од сонцето над нас. Дента ги игнориравме сите пораки на омраза, затоа што зборовите на поддршка беа далеку посилни, веројатно поради „петтиот елемент“ во нив. Марија Костадиновска од Битола, застана на сцената на Школка, а со тоа и целосно на страната на својата ќерка и изрече родителски безусловно: „За да излезат од ѕидовите, родителите треба малку да им поможат“. Марија е една од неколкуте родители кои изминатиов период јавно истапија во поддршка на своите деца и се понудија за помош и поддршка на други родители, кои проаѓаат низ процесот на прифаќање. Мајките и на Прајдот покажаа дека се шампионки на промената, кои го замолчуваат и најдолниот мразач.
Прајдот е и протест, на кој ги испративме своите пораки до јавноста и институциите. Во име на организациониот одбор, Елена Петровска посочи дека „Месецот на гордоста нѐ враќа малку во минатото, нѐ тера да видиме до каде сме стигнале, каков напредок сме оствариле, како ќе продолжиме понатаму“. Нагласувајќи колку здравствената криза на суров начин ја покажа системската обесправеност на ранливите ЛГБТИ луѓе, таа побара итно донесување на регулативата за правно признавање на родот, затоа што сѐ додека секој од ЛГБТИ заедницата не излезе од приклештеноста на системските бариери, никој од нас не е слободен.
Во однос на волјата на нашата политичка сцена за унапредување на човековите права и слободи, добивме знаци на поддршка и разбирање, но и на воздржаност и осуда. На Скопје Прајд годинава лично присуствуваше претседателот на државата, Стево Пендаровски. Премиерот Зоран Заев со јавна изјава ја изрази владината и својата поддршка за оваа манифестација, а на настанот присуствуваа неколку министри и други функционери од редовите на СДСМ, како и претставници на партискиот подмладок. И партијата ДОМ даде поддршка со присуство, а пратеничката Маја Морачанин се обрати во име на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Формирањето на првата ваква собраниска група беше голем исчекор, што се случи уште во минатите собраниски состави и во која членуваат пратеници и од власта и од опозицијата. За жал, ниту еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се дел од оваа собраниска група, не беше присутен на овој Прајд, а изостана и декларативната поддршка. Националната мрежа против хомофобија и трансфобија во наредниот период подетално ќе се осврне на овие прашања, затоа што сметаме дека да се биде дел од оваа група во законодавниот дом подразбира и директна вклученост на пратениците во борбата за еднаквост, а не тоа да биде сведено на учество на конференции по службена должност.
Од негативните пораки, ја издвојуваме изјавата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, кој се огради од политичката поддршка на Владата, нагласувајќи дека се води од „семејни вредности“ и притоа употребувајќи оправдувања за својот став, што само покажуваат колку е неопходно сексуалното образование, и за децата, но и за возрасните. Алтернатива им се обрати на граѓаните од албанската етничка заедница и ги повика да се дистанцираат од парадата на гордоста, посочувајќи дека „ваквите паради се неприродна појава која го загрозува семејството и удира врз конзервативниот морал“. Од ДУИ, иако е дел од владејачкото мнозинство, немаше реакција. Останува да се надеваме дека ребрендирањето во зелена партија, наскоро ќе значи и пресврт во нивните ставови кон ЛГБТИ прашањата.
Иако самиот настан помина во најдобар можен ред, ни се случи несакано дежаву во форма на физички напад по завршувањето на Прајдот. Сторителите се пронајдени. Станува збор за тројца малолетници, што нападнаа и му нанесоа повреди на ЛГБТИ лице во центарот на Скопје и сега ќе се соочат со отежнувачката околност на дело сторено од омраза. Цената на нетолеранцијата кај нас редовно и најмногу ја плаќаат младите, и како жртви, и како извршители на кривични дела од омраза, и тоа е една од главните пораки што сакаме да бидат чуени. Не може сеењето омраза да се пакува како вистинска грижа за децата.
Изминатиов период засилено го следевме говорот на омраза по основ на сексуална ориентација и родов идентитет, а повеќе пријави се веќе поднесени до МВР. Прајдот е очекувано повод за експлозија од коментари на социјалните мрежи, но тешкото е што тој наратив го живееме секојдневно – изливи на омраза, лажирани факти, понижувања и дехуманизација, и целото насилство кое се изродува од сето ова.
Нападот по Прајдот беше еден брз „reality check“ и тоа додека уште траат моментите на добро исполнет и радосен ден. Отрезнување кон она што сите добро го знаеме, дури и кога инспиративната атмосфера на заедништво и солидарност ќе нѐ направи еуфорични. А тоа е дека борбата е постојана и дека меѓу деновите кога славиме протестирајќи, и понатаму е потребно засолниште за прогонетите, психолошка поддршка на трауматизираните, правна помош, здравствена и социјална грижа и други начини да им се излезе во пресрет на најранливите и помалку привилегираните. Организациите-членки на НМХТ се целосно посветени на оваа мисија и продолжуваме со сите свои сили, љубов и ентузијазам да работиме на промените. Без сомнеж и без оглед на етикетите, што од разни страни ги добива нашиот граѓански активизам.
Благодарност од срце за сите волонтерки и волонтери што се вклучија на годинашниот Скопје Прајд. Благодарност за поддршката од Европската Унија, Фондацијата Отворено општество Македонија, амбасадите на САД, Велика Британија, Холандија и Civil Rights Defenders. Благодарност до артистите Вера Вендета, Соња Исмаил, Васил Гарванлиев, Фифи Јаневска, Туна, Ивана Драгшиќ, Узун Баба и Зоки Бејбе за нивните настапи и поддршка. Секако благодарност и до водителите на програмата на Школка во Градскиот парк, Линда Социјалиста и Огнен Јанески, како и до Град Скопје и платформата за развој на независна и културна сцена „Терапија“.