Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија, април/мај 2021

јуни 23, 2021

 

 

 

 

 

 

         СОДРЖИНА:            

         РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • Рокот за трансформација на работен однос е премногу долг и ги држи работниците вработени на определено време во незавидна положба
  • Задоцнетиот пакет мерки конечно изгласан во Собранието
  • Трудовиот инспекторат да постапува итно и приоритетно во случаи на заштита на права од работен однос кои се директно поврзани со егзистенцијалниот статус на работниците

         ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • Протест за неисплатени плати во штипска конфекција

          ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Наставниците имаат обврска активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство
  • Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се вклучи како пријател на судот (amicus curiae) во постапката за заштита од дискриминација од јавен интерес

        РОДОВА ЕДНАКВОСТ

  • Неопходно е инкриминирање на фемицидот во Кривичниот законик
  • Непостапување во случај на семејно насилство

      ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

  • Тортура во КПУ Затвор Прилеп
  • Нехумани услови во КПУ Затвор Скопје

          ГОВОР НА ОМРАЗА

  • Предупредување за зголемен говор на омраза во пресрет на Месецот на гордоста

 

 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

 

Април 2021

 

 

 Во април 2021 година нотирани се 12 пријави, со кои се опфатени најмалку 81 работници

 

 

Мај 2021

 

 

 

Во мај 2021 година нотирани се 11 пријави, со кои се опфатени 121 работник

 

 

 

Рокот за трансформација на работен однос е премногу долг и ги држи работниците вработени на определено време во незавидна положба

Неколкумина работници во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје нè известија дека дел од вработените, кои преку агенции за привремени вработувања му се отстапени на претпријатието за извршување на работното место возач, повеќе од пет години работат со договор за вработување на определено време. Последниот договор на определено време што го имаат склучено бил со времетраење до 30.03.2021 година, но работодавачот не извршил трансформација на работниот однос на неопределено време и покрај тоа што тие ги исполнуваат условите предвидени со Законот за работните односи.

Законот предвидува дека договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од пет години.[1]

Со оглед на тоа што во конкретниот случај постојат услови за трансфомирање на работниот однос на неопределено време, побаравме Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор во седиштето на работодавачот и да испита дали и колку работници ги исполнуваат условите за трансформација на работниот однос. Притоа, побаравме Инспекторатот да му наложи на работодавачот да го трансформира работниот однос на сите засегнати работници во работен однос на неопределено време, доколку утврди дека работниците ги исполнуваат законските услови.

Во април, Државниот инспекторат за труд нè информираше дека спроведениот инспекциски надзор резултирал со утврдување неправилна примена на трудовите прописи од страна на работодавачот. Инспекторатот заклучил дека на шест работници не им бил трансформиран работниот однос и покрај тоа што тие повеќе од пет години работеле кај него. Притоа, Инспекторатот на работодавачот му изрекол инспекциска мерка – Опомена, го задолжил во рок од 15 дена да ја отстрани констатираната неправилност и да изврши трансформација на работниот однос на засегнатите работници.

Покрај позитивниот исохд, овој случај уште еднаш покажа дека работниците со договори за вработување на определено време се во постојана неизвесност затоа што во секој момент работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив и да ги остават без работа. Поради тоа, новиот Закон за работните односи ја намалува сегашната граница за трансформација на работен однос од пет на три години. Предложеното законско решение предвидува дека договор за вработување на определено време може да се склучи, со прекин или без прекин, најмногу до три години. Притоа, вработувањето на определено време е предвидено како исклучок, односно, нема да можат да бидат вработени на определено време повеќе од 20 проценти од вкупниот број вработени.

 

 

Задоцнетиот пакет мерки конечно изгласан во Собранието

Поради ставот на пратениците дека „работниците можат да истраат уште еден месец без плати“, 17.000 работници не ја добија заработената плата за два месеци. Опозицијата со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки, отворено покажувајќи дека не се грижи за работниците и сиромашните. На 18 април 2021 година, 115 пратеници во Собранието го изгласаа петтиот пакет економски мерки, од кој зависеше исплатата на платите за работниците за февруари и март.

Овој период, 6000 текстилни работнички беа испратени на „принуден одмор“, поради тоа што работодавачите ја чекаа државната финансиска помош. Ваквите злоупотреби на трудовата легислатива и незаконските исплаќања на помала плата поради неправилно повикување на институтот „принуден одмор“, значеа дека некои од текстилните работнички што беа „испратени дома“ примаа плата во износ од околу 7500 денари. Голем дел од текстилните работнички немаа земено плата ниту за февруари и покрај тоа што трошоците за исхрана и основно живеење секојдневно се зголемуваат, а плаќањето на сметките за струја и за вода не се одложува, ниту пак ги чека платите на работничките.

 

Трудовиот инспекторат да постапува итно и приоритетно во случаи на заштита на права од работен однос, кои се директно поврзани со егзистенцијалниот статус на работниците

Вработен во адвокатско друштво во Скопје побара бесплатна правна помош од Хелсиншкиот комитет за човекови права во мај, поради тоа што по изјавување дека го откажува договорот за вработување и по истекот на отказниот рок, работодавачот не го одјавил од задолжителното социјално осигурување. Вработениот нè информираше дека на 1 март, по пошта доставил писмена изјава за откажување на договорот за вработување, по што почнал да тече договорениот отказен рок од два месеци. Но, и по истекот на отказниот рок, работодавачот не го одјавил од задолжително социјално осигурување, создавајќи кај работникот несигурност и страв за својата егзистенција, затоа што ова значи дека тој не може да се вработи на ново работно место.

Веднаш по истекот на договорениот отказен рок, на 4 мај, работникот го пријавил ова прекршување во Државниот инспекторат за труд и побарал трудовиот инспектор да постапи согласно членот 13 став 11 од Законот за работните односи, кој предвидува дека:

доколку работодавачот по престанокот на работниот однос, во рок од осум дена од денот на престанокот на работниот однос, не го одјави работникот од задолжително социјално осигурување, одјава на работникот може да се изврши по барање на работникот врз основа на претходно доставен записник од инспекторот на трудот до Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.[2]

Државниот инспекторат за труд дури на 26 мај го спровел вонредниот инспекциски надзор и утврдил дека со тоа што не го одјавил работникот од задолжително социјално осигурување, работодавачот постапил спротивно на одредбите од Законот за работните односи што ги уредуваат отказните рокови и дозволеноста на отказот.[3] Имајќи ги предвид констатираните пропусти, трудовиот инспекторат донел решение, со кое го опоменува работодавачот да донесе одлука за прекин на работниот однос во рок од три дена од приемот на решението. По неколку неуспешни обиди за достава, дури на 1 јуни работодавачот го примил ова решение од трудовиот инспекторат и го одјавил работникот на 4 јуни.

Инспекторатот не постапил согласно својата законска надлежност за одјавување на работникот со записник директно во Агенцијата за вработување и со изрекување опомена дотолку повеќе ја закомплицирал постапката за престанок на работниот однос и непотребно го одолговлечил времето на несигурност кај работникот. Против работодавачот не била изречена ниту прекршочна мерка затоа што тој постапил по опомената, и покрај тоа што ваквото грубо и нехумано кршење на правото на работникот да го прекине својот работен однос го повредува неговото достоинство и ја загрозува неговата егзистенција.

Во вакви случаи Инспекторатот треба да одговори на барањето во рок од 30 дена од денот на неговото поднесување, но неопходно е трудовите инспектори во вакви случаи да реагираат и пред истекот на овие 30 дена. Овој рок е несоодветен поради тоа што се работи за заштита на права од работен однос, кои се директно поврзани со егзистенцијалниот статус на работниците и таквата заштита бара посебен приоритет и итност.

 

 

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Протест за неисплатени плати во штипска конфекција

На 26 мај, околу 40 вработени во конфекцијата АЛКОН-ТЕКС од Штип (во штипската јавност позната како конфекција Лонгуров) организираа и одржаа мирен протест пред седиштето на работодавачот, затоа што не ја добија априлската плата. Станува збор за 110 работници во конфекцијата кои беа испратени на привремен принуден одмор, почнувајќи од 8 април 2021 година, па сè до создавање услови за нивно повторно повикување на работа. Оваа одлука за прекин на дел од работниот процес од деловни причини работодавачот ја донел поради намалена работа и намален работен интензитет. На овие работници им беа доставени поединечни решенија за привремен принуден одмор, во кои било наведено дека за времетраењето на оваа состојба, работодавачот ќе пресметува и ќе им исплаќа плата во висина од 70 отсто. Ова значи дека овој период работниците може да примат надоместок понизок од законски предвидениот износ на минималната плата. Сепак, работодавачот не им ја исплати априлската плата во висина од 70 отсто на вработените во конфекцијата што се на принуден одмор.

Бисера Кафтанова е една од работничките испратени на принуден одмор, која два дена протестира пред Алкон-текс:

„Работевме во карантин, без прекини. Луѓе се разболуваа, откази се делеа, а притисокот и мобингот станаа секојдневие. Платите се намалуваат, а работа има. Се регистрираат нови фирми, а преку старите се ослободуваат од вишокот. Субвенции од државата редовно се земаат, само за нас плати нема. Па, овој протест нека биде за сите да не молчат, да се борат за своите права и за своите плати кои иако се мали, тешко се заработуваат.“

Текстилната индустрија е убедливо најслабо платена индустрија, а текстилните работнички често добиваат плата која не е многу повисока од минималната. Жените кај нас се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија, што значи дека овие прекршувања на работничките права особено ги погодуваат нив и не може да се занемари родовата димензија на овој проблем. Неисплаќањето на платите е само едно од низата прекршувања со кои се соочуваат текстилните работнички. Најновите истражувања покажуваат дека изминатава година, вкупно 6783 текстилни работнички и работници останале без работа, а невработеноста е со највисок пораст во Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово, каде што текстилната индустрија е најразвиена. 17.000 работници останаа без заработената плата за февруари, март и април, заради тоа што опозицијата во Собранието со недели го блокираше петтиот пакет економски мерки. Меѓу нив беа и 6000 текстилни работнички што работодовачите ги испратија на принуден одмор, поради тоа што ја чекаа државната финансиска помош.

Воедно, загрижувачки е и тоа што текстилните работнички честопати работат со договори за вработување на определено време од еден месец, па така, се наоѓаат во постојана неизвесност затоа што во секој момент работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив. Стравувањето за губење на работното место и егзистенцијата го повредува правото на работникот на достоинствена работа.

Правото на работа и на соодветна заработувачка е уставно загарантирано право на секој вработен. Исплаќањето на плата под минималната, а во случајов неисплаќањето на никаков надоместок, значи сериозен удар по егзистенцијата на работниците и нивните семејства. Дополнително, сето ова се случува во услови на тешка здравствена и економска криза, кога трошоците за исхрана и основно живеење на работниците секојдневно се зголемуваат.

Хелсиншкиот комитет за човекови права побара Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор кај работодавачот и да утврди неправилности во примената на трудовите правила. Дополнително, Комитетот ги контактираше и останатите надлежни институции како што се Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција, со цел да се испита дали работодавачот е корисник на државна финансиска помош и дали добиените средства ги злоупотребил. Хелсиншкиот комитет ги повикува сите државни институции да постапуваат со должно внимание согласно своите надлежности и да бараат одговорност од работодавачите кои грубо ги кршат работничките права.

 

 

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Наставниците имаат обврска активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство

На 20 април 2021 година, претставници на ЛГБТИ Центар за поддршка, Сигурна куќа, ТрансФормА, Субверзивен фронт и Скопски квир центар беа гости во емисијата „Моја сторија“ на Македонската радио телевизија (МТВ), поддржана од Европска куќа (Europe House Skopje). Емисијата имаше за цел да прикаже дека ЛГБТИ+ луѓето не бараат посебни права, туку еднаков пристап до и уживање на уставно и законски загарантираните права за сите граѓани, како и да информира за предизвиците, проблемите и потребите со кои тие се соочуваат. И покрај тоа што оваа емисија не е организирана од Министерството за образование и наука и нема никаква поврзаност со сегашните образовни реформи, од нејзиното емитување наваму, темата, гостите, водителите, а и МТВ беа мета на напади од јавноста, со кои се осудува одлуката да се прикажуваат вакви содржини на јавниот национален сервис. Реакциите на дел од јавноста на социјалните мрежи изобилуваа со говор на омраза и закани по телесниот интегритет и животите на ЛГБТИ+ луѓето. Ова само дополнително го потврдува фактот дека всушност ЛГБТИ+ луѓето се нееднакви во ова општество, а нивните стравови за безбедноста се легитимни и оправдани.

Особено загрижувачки беше тоа што дел од наставниот кадар се однесува дискриминаторски и се придружи на бранот омраза што уследи на социјалните мрежи. Еден таков пример е наставникот Гоце Бумбароски, кој според достапните информации на социјалната мрежа Facebook, е вработен во ООУ Кочо Рацин во Прилеп. Имено, на 21 април 2021 година, наставникот на својот профил објавил фотографии со инсерти од емисијата „Моја сторија“ со придружен текст: „За вакви реформи во образованието се залагаш министерке? Дел од едукативниот блок на МРТВ… Ова ли треба да го учат нашите деца?“. Видливо од коментарите на објавата на наставникот, овој чин охрабрува и поттикнува дискриминација на ЛГБТИ+ луѓето и говор на омраза насочен кон нив, спротивно на Законот за основното образование и Законот за заштита и спречување од дискриминација.

Основното образование се развива врз основа на начелата на еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност и унапредување на сличностите и прифаќање на различностите, интеркултурност, мултикултурализам, интеркултурализам и мултикултурност. Во оваа насока, и вработените во основните училишта имаат законска обврска да промовираат еднаквост и правичност помеѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство.[4]

Не секогаш дискриминацијата отворено се прикажува како некое нееднакво постапување со некој човек или група луѓе. Некогаш, како во конкретниов случај, несоодветни и неточни објави предизвикуваат бран на дискриминација од други луѓе. Овој пат, дискриминаторските изјави и говорот на омраза доаѓаше најчесто од родители на деца што го следат наставникот. Ова е всушност поттикнување и охрабрување на дискриминацијата кон ЛГБТИ+ луѓето, а поттикнувањето на дискриминација претставува дискриминација и е забрането со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација е секоја активност со која посредно или непосредно се повикува, охрабрува, дава упатства или поттикнува да се изврши дискриминација врз дискриминаторска основа.[5]  Вознемирувањето претставува несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика. [6]

Имајќи предвид дека меѓу целите на основното образование е и воспитувањето за почитување на различностите, соработка, почитување на различноста, основните човекови слободи и права, како и подготвување на ученикот за одговорен живот во слободно, граѓанско и демократско општество, наставникот Гоце Бумбароски флагрантно ја прекршил својата обврска да промовира еднаквост и правичност. Тој не само што не се спротивставил на сите облици на дискриминација и насилство, напротив, активно придонел кон нивно промовирање.

Со оглед на тоа што наставникот Гоце Бумбароски, вработен во ООУ Кочо Рацин во Прилеп, ги прекршил своите обврски согласно Законот за основното образование во однос на заштитата од дискриминација и промоција на еднаквоста, а дополнително, со преземените дејствија ги повредил целите на основното образование и начелата на кои тоа се развива, побаравме Државниот просветен инспекторат да спроведе вонреден инспекциски надзор во ООУ Кочо Рацин. Притоа, побаравме со наведениот наставник да биде спроведена едукација согласно Законот за основното образование и да му биде посочено со кои дејствија и на каков начин сторил дискриминација и активно придонел во ширење говор на омраза кон ЛГБТИ+ луѓето. Дополнително, потребно е наставникот да биде задолжен со задолжително посетување обуки за превенција на дискриминација, со што во иднина би се спречило преземање на дискриминаторски дејствија и ширење говор на омраза.

 

 

Комисија за спречување и заштита од дискриминација се вклучи како пријател на судот (amicus curiae) во постапката за заштита од дискриминација од јавен интерес

На 1 февруари 2021 година, Хелсиншкиот комитет поднесе тужба до Основниот граѓански суд Скопје, по основ на заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis) против Владата на Република Северна Македонија, Државната изборна комисија и Министерството за локална самоуправа. Тужбата е поднесена заради утврдување дека тужените сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост со непреземање, односно, пропуштање да се преземат дејствија за прилагодување на инфраструктурата и просторот до и во избирачките места – пристапност на лицата со попреченост. Со тоа, тужените ги оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас. Воедно, тужените не преземале, односно, пропуштиле да преземат дејствија за соодветно приспособување на законските, подзаконските акти и самиот изборен процес, со цел активно учество на лицата со попреченост во политичкиот живот во државата.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација може да се јавува како замешувач во судски постапки за заштита од дискриминација или пак, на барање на странката или по сопствена иницијатива да поднесе барање судот да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae). Имајќи ги предвид овие надлежности на Комисијата, веднаш по нејзиното формирање, се обративме со барање за вклучување во постапката по тужбата од јавен интерес. На 26 април, Комисијата ја извести јавноста дека за првпат ја искористи својата законска надлежност и побара Основниот граѓански суд Скопје да ѝ овозможи да дејствува како пријател на судот (amicus curiae) во оваа судска постапка за заштита од дискриминација. Amicus curiae или пријател на судот е професионално лице, организација или тело кое не е странка во судска постапка, но со својата експертиза, искуство и информации во одредена област може да го советува судот за одредена правна материја, која е предмет во судска постапка.

Комисијата, како професионално тело за еднаквост, даде толкување на членовите од Меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченост кои се однесуваат на соодветното приспособување, општа пристапност, еднаквост и недискриминација vis a vis пристапот до гласачките места и овозможување лицата со попреченост да го остварат правото на глас, како дел од учеството во политичкиот и јавниот живот. Дополнително, Комисијата во овој поднесок направи и краток преглед на судската пракса на Европскиот суд за човекови права во предмети во кои судот утврдил дискриминација врз основ на попреченост, заради необезбедно соодветно приспособување.

 

РОДОВА ЕДНАКВОСТ

Неопходно е инкриминирање на фемицидот во Кривичниот законик

Во текот на месец април во медиумите излезе веста за убиство на 34-годишна жена од страна на нејзиниот сопруг во Струга.  Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Струга истата вечер извршил увид во станот во кој бил убиена жената и според првичните сознанија кои беа објавени од страна на медиумите, убиството настанало по меѓусебна расправија во станот на нивните пријатели каде што биле на гости.  Сопругот со нож ја убил жената, а потоа се обидел и да се самоубие.

Убиството на жена затоа што е жена, односно фемицидот, претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво. Најчесто е предизвикано од страна на лице со кое жртвата е во партнерски однос. Имајќи предвид дека фемицидите не се ретка појава, а во нашата земја најчесто се резултат на непријавување на семејното насилство или на несоодветно постапување на релевантните институции, потребно е да се утврди дали на овој случај му претходеле пријави за семејно насилство од страна на жртвата и дали службените лица соодветно постапувале по тие пријави.

На 27 јануари оваа година Собранието на РСМ го донесе новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој ќе започне да се применува од 6 мај годинава. Овој закон претставува еден од клучните закони кој беше предвиден со Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023. Она што се очекува со донесувањето на овој закон е дека значително ќе се подобри институционалната и сеопфатна поддршка на жртвите на родово базирано насилство. Оттука, потребни се итни измени на Кривичниот закон во насока на негово усогласување со Истанбулската конвенција односно инкриминирање на различните форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и фемицидот како најтешка форма на родово базирано насилство врз жената.

 

Непостапување во случај на семејно насилство

Преку објава на социјалните медиуми беше идентификуван случај во кој случајна минувачка била сведок на семејно насилство во населба Центар, по што повикала полиција да ѝ укаже помош на жртвата. Според наведеното во објавата, станува збор за млада девојка со мало дете, што на својот прозорец побарала помош од минувачите.

Полициските службеници што излегле на увид, не сакале да преземат ништо заради тоа што семејното насилство не било пријавено од жртвата и покрај тоа што биле известени дека насилството се случувуа континуирано. Одговорот на полициската службеничка дека „Тоа си е нивна работа. Таа ако е глупа, нека седи со насилник, што не дојде да го пријави“ е само уште еден показател за сфаќањето на семејното насилство како домашна, наспроти општествена појава и за грубото кршење на законските обврски што ги имаат полициските службеници. Ова е само уште еден во низата случаи на семејно насилство што може да доведе до фатални последици поради непостапување на полициски службеници.

Имено, Кривичниот законик предвидува дека кривичното дело загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство се гони по службена должност. Тоа значи дека полициските службеници по добиените сознанија имале обврска да го повикаат сторителот на насилството во полициска станица и покрај тоа што жртвата не пријавила. Дополнително, полициските службеници имаат обврска да постапуваат во секој случај кога насилството се врши во присуство на дете.

Тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со сериозна закана дека ќе нападне врз неговиот живот или тело или животот или телото на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци. Тој што ќе го стори ова дело при вршење семејно насилство или од омраза, ќе се казни со затвор од три месеци до три години (Член 144 од Кривичниот законик, став 1 и став 2).

Секој граѓанин е должен да пријави сознание за семејно насилство до полициска станица, центар за социјална работа, здружение или на националната СОС линија. Надлежните институции се должни да постапат и по анонимна пријава. Дополнително, и полициските службеници имаат законска обврска да пријават сознание за постоење на семејно насилство. Оттука и изговорот дека жртвата не пријавила е непрофесионален и незаконски.

Хелсиншкиот комитет побара одговорност од надлежните институции за постапувањето на полициските службеници кои излегле на увид по пријавата за семејно насилство и пропуштиле да преземат дејствија за спречување на насилството.

 

 

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

Тортура во КПУ Затвор Прилеп

Осудено лице од КПУ Затвор Прилеп во април се обрати со претставка до Хелсиншкиот комитет за човекови права со наводи за претрпена тортура, нечовечко и нехумано постапување од страна на припадник на затворска полиција, вработен во казнено поправната установа.

При крајот на месец април, осуденото лице било физички нападнато со шлаканици по лицето од страна на вработен командир во установата, а настанот се случил во дел кој е под надзор на видео камери. Имено, на физичкиот напад претходела вербална расправија помеѓу осуденото лице и командирот, во која командирот му се заканил на лицето дека ќе го затвори во собата и нема повеќе да му дозволи да излезе. Разговорот се одвивал во присуство на друго осудено лице, кое посведочило како командирот го повлекува за рака осуденото лице кое потоа било нападнато од страна на командирот.

За случајот е поднесено известување до Управата за извршување на санкции од каде е побарано да се приберат сите материјални докази, односно снимките од видео камерите како и да биде спроведен разговор со осуденото лице кое било физички нападнато, но и со осуденото лице кое било сведок на настанот.

Хелсиншкиот комитет во овој случај ќе го следи постапувањето на Управата за извршување на санкции кој е еден од заштитните механизми во случаи на тортура, сурово и нечовечко постапување од страна на припадници на затворската полиција, а со цел правилно утрвдување на фактичката состојба и соодветно санкционирање на командирот, доколку се утврди дека тој применил прекумерна физичка сила врз осуденото лице.

 

 

Нехумани услови во КПУ Затвор Скопје

Бранител на притворено лице кон крајот на месец март се обрати со претставка до Хелсиншкиот комитет за човекови права со наводи за  наводи за постоење на тортура, нечовечко и понижувачко постапување спрема притворено лице кое издржува мерка притвор во КПУ Затвор Скопје. Имено, бранителот на притвореното лице не информираше дека условите во просторијата во која лицето ја издржува мерката притвор се субстандардни и нехумани за живеење што самото по себе претставува тортура и нечовечко постапување. Така, бранителот не извести дека просторијата не ги задоволува минимум стандардите предвидени од страна на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечното и понижувачко постапување и казнување – КПТ во поглед на квадратура, влажност и светлина. Меѓудругото, тој со загриженост констатира дека ваквите услови може сериозно да го загрозат здравјето на притвореното лице, а особено поради тоа што не постојат санитарни јазли во просторијата, што резултира со разлевање на фекалии по подот во просторијата.

По ова известување, Хелсиншкиот комитет за човекови права побара од судијата за извршување на санкции согласно член 178 став 1 од Законот за кривичната постапка дозвола за посета на притвореното лице со цел спроведување на разговор и посета на просторијата во која тој ја издржува мерката притвор. По добивање на дозволата, претставници од Комитетот во април го посетија притвореното лице во КПУ Затвор Скопје. При посетата беше забележано дека лицето е преместено во друга просторија која ги задоволуваше стандардите во поглед на големина, влажност, светлина, хигиена и слично, а по претходна посета на Народниот правобранител кој утврдил дека кон притвореното лице се постапува нехумано и нечовечки, дозволувајќи тој да ја издржува мерката притвор во просторијата со субстандардни услови за живеење. Просторијата во која тој претходно ја издржувал мерката притвор, а за која Народниот правобранител утврдил пропусти, не беше посетена од страна на преставниците на Комитетот имајќи предвид дека за тоа е потребна дозвола од страна на судија за извршување на санкции.

 

ГОВОР НА ОМРАЗА 

Предупредување за зголемен говор на омраза во пресрет на Месецот на гордоста

Хелсиншкиот комитет за човекови права за април и мај 2021 година нотираше повторно висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми. Говорот на омраза врз основ на етничка припадност повторно беше на врвот на пријавени пријави. Комитетот верификуваше вкупно 116 пријави за април и мај, 2021 година. Најголем број од случаите, или 35%, се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност што е на високо ниво од почетокот на годината. Негативната реторика овој период се одвиваше во контекст на спроведувањето на пописот и зачестените напади и навреди кон ромската етничка заедница. За сите инциденти, Хелсиншкиот комитет има испратено соодветна реакција до надлежните институции за понатамошно процесирање.

Во овој период, исто така, нотирано е драстично зголемување на хомофобичниот говор на омраза кој се користи како средство за навреда и понижување на поединци што воедно и се напаѓа цела заштитена категорија врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет (или 31% од вкупниот број на пријави). Хелсиншкиот комитет особено нагласува дека хомофобичниот говор се интензивираше во месец мај, особено по повод содржините кои беа објавени на 17 мај за Денот против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата. Во тој контекст, не изостана и говорот на омраза кон овогодинешниот македонски претставник на Евровизија по одржувањето на настанот.

Како што претходно е наведено (во делот Дискриминација) по гостувањето на ЛГБТИ+ активисти во емисијата „Моја сторија“ на Македонската радио телевизија (МТВ)  се случи бран од говор на омраза кон  гостите, водителите и медиумската куќа, пропратени со лажни вести дека овој медиумски настап е дел од агендата на новата образовна реформа на Министерството за образование и наука.

Слично како и во 2019 година, говорот на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет порасна по објавувањето на програмските содржини планирани за јуни по повод месецот на Гордоста.

 

Говор на омраза на социјалните медиуми за април и мај, 2021 година

 

 

Тренд на говор на омраза за април и мај, 2021 година

 

 

 

 

Апелираме медиумите да пишуваат и известуваат придржувајќи се до професионалните и етички стандарди, без користење на потпалувачки или сензационалистички говор што може да генерира омраза и насилство кон ЛГБТИ+ заедницата, и најважно, без продукција на лажни вести. Ваквите содржини присутни на интернет порталите се споделуваат подоцна на социјалните мрежи каде што омаловажувањето, потсмевањето и вознемирувањето на ЛГБТИ+ луѓето продолжува со зголемен интензитет. Во крајна линија, тоа лесно може да резултира со криминал од омраза врз ЛГБТИ+ луѓето надвор од интернетот, во физичкиот простор, којшто во голем дел од случаите останува непријавен и несанкциониран од кривично-правниот систем и, за жал, го прави нашето општество уште понасилно, поисклучувачко и понепријателско кон сексуалната и родовата различност.

Хелсиншкиот комитет нотира дека се почесто се евидентира говор полн со омраза, односно употреба на крајно мизоген, деградирачко-навредлив и хомофобичен речник во јавната комуникација, што дополнително го зголемува интензитетот на омраза. Иако говорот на омраза врз основ на политичка припадност е намален (или секоја петта пријава, 22% од вкупниот број), сепак во општеството овој дискурс се сведува на начинот и перцепцијата како се спроведува масовната вакцинација и тековните реформи во образованието. Хелсиншкиот комитет за човекови права, заедно со бројни граѓански организации, беше дел од заедничката реакција  за воведување на принципот на недискриминација во образованието како предуслов на градење инклузивно и отворено општество кое не продуцира омраза.

Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/

 

 

[1] Член 46 став 1 и став 3 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19 и 267/20).

[2] Член 13 став 11 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19 и 267/20).

[3] Член 70 и член 71 од Законот за работните односи.

4] Член 5 став 4 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/19 и 229/20).

[5] Член 9 од Законот за спречување и заштита од дискриминација (Службен весник бр. 101/2019 на Република Северна Македонија).

[6] Ibid. Член 10.