COVID-19 и пазарот на трудот
март 29, 2021
Анализата насловена „COVID-19 и пазарот на трудот“ е подготвена во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Северна Македонија“ финансиран од Фондот за добро владеење на Велика Британија. Истата има за цел да ги утврди последиците од здравствената криза и влијанието кое мерките за справување со неа го имаат врз пазарот на трудот. Притоа, истражувачкото прашање на кое тимот се обидува да одговори е следното: „Како влијаеше здравствената криза врз пазарот на трудот и како да се промени законодавството со цел да се направи пазарот на труд поотпорен и подготвен за економската криза која следува?“ Анализата ги опфати мерките на Владата на Република Северна Македонија донесени заради справување со пандемијата. Потоа, релевантното национално законодавство за работни односи и заштита на јавното здравје, но и меѓународната регулатива и стандарди, кои произлегуваат од Меѓународната организација на трудот и од Европската Унија. Анализата навлегува и ги разгледува и искуството на Европската Унија и на државите од поранешна Југославија: Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово. Конечно, анализата ги согледува ставовите на три групи засегнати страни: јавни службеници, работници и работодавачи, преку квалитативно истражување, како и анализа на ставови и перцепции на граѓаните во однос на пандемијата и начинот на справување со истата, обезбедени преку квантитативно истражување. На самиот крај, се изведуваат заклучоци и се даваат препораки насочени кон анализираните сегменти и кон справувањето со пандемијата, а кои би можеле да придонесат за подобрување на состојбата на пазарот на трудот и намалување на негативните ефекти од пандемијата во наредниот период.