Сопругот ја навредувал дека не може да најде работа, ја следел, ја уценувал со детето и на крај ја натепал, а Центарот за Социјална Работа ја откачил

февруари 13, 2021

Жртва на семејно насилство на почетокот на овој месец, по бруталното претепувањето од сопругот, се обратила до Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи, кој со помош на полицијата и социјалните работници, во моментов ја чува на непозната локација.

Оваа наша сограѓанка е жртва на долгогодишно физичко и психичко насилство за кое пријавувала и во надлежната полициска станица. Но, поради страв и срам, постојано се враќала во домот и се откажувала од идејата да покрене постапка против сопругот.

„Во ноември таа по кој знае кој пат била брутално претепана од сопругот. Случајот го пријавила во полиција, а инспекторот за семејно насилство ја советувал да се врати во домот. По три месец таа преживува уште едно сериозно физичко насилство, по што успеала да го напушти домот и случајот веднаш го пријавила во МВР. Решена да стави крај на долгогодишната тортура која ја трпи и поради недовербата во институциите, кои ја вратиле дома кај насилникот, жртвата побара помош од нас“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Но, меѓу ноемвриското и ова последново претепување на беспомошната жена, се носи Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој точно ги пишува задолженијата и чекорите на секоја институција посебно, во случаи на насилство врз жената и за семејното насилство воопшто. И автоматски сликата се менува.

Полицијата, која во ноември ја враќа тепаната назад во домот на насилникот, овојпат постапува по стриктните одредби од законот, а насилникот е веќе во обвинителството.

„Претставничка од Комитетот ја придружуваше жртвата пред Центарот за социјална работа (ЦСР) и до надлежна полициска станица за да го пријави насилството и да се изнајде решение за проблемот со кој таа се соочува. Стручните лица од Центарот заеднички со МВР проценија дека ризикот по безбедноста на жртвата е голем, поради што изготвија безбедносен план. Стручните лица од Центарот поднесоа и предлог за изрекување на привремени мерки за заштита и спречување од семејно насилство до надлежниот суд. Дополнително, бидејќи жртвата го напуштила домот само со основните лични работи, таа беше советувана да поднесе барање за одобрување на еднократна парична помош која има за цел да ѝ помогне во намирување на секојдневните трошоци како храна, средства за лична хигиена, лекови и слично“, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.

Понатаму, со помош на претставничката од кај нив, жртвата била придружувана и пред МВР. Полицијата веднаш поднела предлог до судот, насилникот да биде отстранет од домот и секако известување до надлежното обвинителство. Судот експресно донесе решение со кое се изрекуваат привремените мерки за заштита и спречување семејно насилство, како: забрана за насилникот да ѝ се приближува на жртвата, да ѝ врти на телефон, да ѝ се заканува дека ќе стори семејно насилство и слично, т.е. се како што пишува во новиот закон.

„Жртвата моментално е соодветна згрижена и е во постапка да поднесе тужба за развод на бракот“, вели Пировска.

2Во друг случај, жртва на семејно насилство заедно со нејзините две малолетни деца на возраст од 5 и 7- годишна возраст во август 2019 година дошла во канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права за да побара помош поради долгогодишното физичко и психичко семејно насилство кое го трпела од страна на нејзиниот вонбрачен партнер. Насилството многу често се случувало и пред очите на децата. Ја влечел за коса, ја удирал, а некогаш тоа се случувало и на јавен простор, пред очите на други луѓе.

Една година пред да се обрати до Комитетот, таа претрпела сериозно физичко насилство од страна на вонбрачниот партнер, со кого таа живеела во заеднички дом. Поради претрпените повреди таа била хоспитализирана, а социјални работници од надлежниот Центар за социјална работа веднаш излегле на терен во здравствената установа и земале пријава за сторено семејно насилство.

Во меѓувреме, поради лоша финансиска состојба жртвата заминала да работи во странство на неколку месеци. Ја повлекла пријавата за сторено семејно насилство. Ја запрела постапката против насилникот, надевајќи се дека нејзиниот поранешен партнер нема повеќе да го повтори насилството. Додека била отсутна, родителите на жртвата ги чувале и се грижеле за малолетните деца.

„Жртвата се враќа дома, кога повторно започнува да се соочува со низа проблеми кои ѝ ги предизвикува нејзиниот поранешен партнер. Тој не обезбедувал финансиска поддршка за нивните деца, а откако ќе ги земел кај него, не ги враќал по неколку дена. Кратко потоа, нејзиниот поранешен партнер повторно започнува да ја вознемирува, да ѝ телефонира, да доаѓа во нејзиниот дом и физички да ја малтретира. Една вечер кога насилникот дошол во нејзиниот дом, ситуацијата ескалирала кога жртвата се обидела случајот да го пријави во полиција, а нејзиниот поранешен партнер ѝ го скршил телефонот. По овие случувања, таа побара правна помош од Хелсиншкиот комитет. Комитетот ја придружуваше жртвата пред надлежниот Центар за социјална работа за да го пријави насилството, ја советуваше, ѝ помогна да поднесе барање до Центарот за вонбрачно доверување на малолетните деца на чување, грижа и воспитување кај неа“, наведува уште еден пример Пировска за постапување со жени-жртви на тешки насилства во брачна, односно вонбрачна заедница, кои собрале храброст и пријавиле кај нив.

По барањето, Центарот донел решение со кое старателството врз малолетните деца се доверува на мајката. Таткото на малолетните деца и натаму не обезбедувал никаква финансиска поддршка за чување и грижа на децата, а мајката како невработено лице не можела да ги намири сите секојдневни трошоци.

Како и во претходниот случај, Комитетот поднел барање за одобрување на секундарна правна помош до надлежното подрачно одделение на Министерството за правда за ангажирање адвокат кој ќе ја застапува жртвата во судска постапка со цел определување на износот на издршка кој треба таткото да го плаќа на децата. Министерството за правда го одобри барањето и ѝ додели бесплатен адвокат на жртвата.

Во еден од случаите на семејно насилство, Хелсиншкиот комитет поднел претставка до Одделот за внатрешна контрола за незаконитото и непрофесионалното постапување на полициските службеници, но биле утврдени неправилности само во делот како службениците ги подготвиле службените белешки за настанот. (Фото: СДК.МК)

„Жртвата повеќе не трпи никакви форми на психичко или физичко семејно насилство од страна на нејзиниот поранешен вонбрачен партнер, кој сега има и обврска да плаќа издршка за малолетните деца која му е определена од страна на судот“, зборуваат од Хелсиншки за уште една безбедносна и правна заштита на жртва која била храбра и го пријавила кај нив насилството од вонбрачниот сопруг со кого имала две деца.

3За разлика од претходните случаи со насилство со предизвикани телесни повреди врз жените, во Комитетот пред неколку месеци дошла жртва на психичко насилство. Оваа жртва побарала помош поради двегодишна неподнослива тортура која ја трпела од сопругот. Живееле под постојани закани од него, ја навредувал дека не може да најде работа. Го демнел и го контролирал нејзиното движење, обвинувајќи ја дека гледа други мажи, што немало врска со реалноста.

Ваквото семејно насилство неретко се случувало пред нивните мали деца, синот на 6-годишна, девојчето на 3-годишна возраст. Децата секогаш кога биле сведоци на психичкиот терор што го вршел без престан таткото врз нивната мајка, дошле до степен да почнат да се плашат од него.

Бидејќи жртвата решила да стави крај на ваквото психичко семејно насилство, таа со децата се преселила во куќата на нејзините родители, но вознемирувањето и психичкото семејно насилство продолжиле. Сопругот, според сведочењето на жртвата, најмалку три пати дошол во куќата на нејзините родители, убедувајќи ја да се врати во нивниот дом, со веќе познатите закани кај што е најранлива секоја мајка, дека ќе ѝ ги земе децата.

„Дополнително во периодот по нејзината преселба тој во повеќе наврати ѝ праќал смс-пораки со вознемирувачка и заканувачка содржина дека ќе ѝ ги земе децата со сила од кај нејзините родители и дека нема повеќе да ги види. Психичкото насилство и вознемирувањето не престанале, поради што таа решила да го пријави на СОС-телефонот за жени и деца од семејно насилство. Оттаму ѝ било кажано дека психичкото семејно насилство треба да го пријави во Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството, пак, ѝ било кажано дека за да постапува Министерството, прво таа мора да пријави во полиција“, вели Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет.

Ова е пример како се постапуваше, односно како се шуткаа жртвите натаму-наваму, пред да биде донесен новиот Закон. Сега ако не постапи органот каде што пријавува жртвата семејно насилство, ќе плати казна до 5.000 евра, а физичко лице во органот, 500 евра казна.

„Пред да пријави во полиција, жртвата дојде во просториите на Хелсиншкиот комитет, за да добие повеќе информации за заштита од семејно насилство. Кулминацијата на семејното насилство врз неа се случи кога нејзиниот сопруг дознал оти се распрашувала за правна заштита. Истиот ден дошол до куќата на нејзините родители и почнал со викање да ги прашува каде е таа и каде може да ја најде, при што ја земал нејзината 3-годишна ќерка и заминал. Потоа телефонски ѝ се јавил и ја прашал каде е и каде може да дојде со изговор дека сака да ѝ ја даде ќерката која плачела и сакала да се врати кај неа“, раскажува Џугуманова што преживеала жената.

Насилникот не останал само на психичко малтретирање на сопругата и мајка на неговите деца.

„Истиот тој ден нејзиниот сопруг го паркирал автомобилот во кој била и нејзината тригодишна ќерка. Излегол од колата и веднаш почнал да ѝ вика, да ја турка и да ѝ се заканува дека ако не му се врати нема да ги види повеќе децата. Психичкото насилство прераснало во физичко, бидејќи насилникот почнал да ја шутира жртвата и да ја удира по нозете. Целиот настан го посведочило малото преплашено девојче кое во силен плач гледало како таткото ја тепал нејзината мајка. Тој ѝ нанел такви телесни повреди, поради кои завршила в болница, а тим од надлежниот Центар за социјална работа излегол ‘на терен’ во здравствената установа и тогаш зел пријава за семејно насилство од жртвата“, зборува Џугуманова за оваа случка.

Но, Центарот само проформа го евидентирал случајот, ризикувајќи го животот на беспомошната жена.

„Центарот за социјална работа не поднесе предлог за изрекување на привремени мерки за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Поради тоа Хелсиншкиот комитет ѝ помогна на жртвата во составување на предлогот до надлежниот суд. За времетраење на судските рочишта, Комитетот ја придружуваше жртвата, а против насилникот беа изречени привремените мерки“, вели соговорничката.

Жртвата моментално не живее повеќе со насилникот и не трпи никаква форма на семејно насилство.

4Еден друг случај, од пред година ипол, зборува за жртва на семејно насилство од Скопје кон која незаконски и непрофесионално постапила полицијата. Полициските службеници не ги презеле потребните мерки за да ја заштитат од нејзиниот сопруг кој брутално ја тепал пред очите на нивното дете.  За незаконското постапување, таа се обратила до Хелсиншкиот комитет.

„Критичниот ден, додека жртвата после работните обврски го чекала автобусот за да си замине дома, сфатила дека истиот доцни повеќе од половина час и дека најверојатно нема ни да пристигне. Таа телефонски го побарала својот сопруг и го замолила да дојде и да ја земе со своето возило. Откако тој пристигнал и таа влегла во возилото, започнале вербална расправија по што тој ѝ удрил шамар и ја обвинувал дека таа го изневерува. По пристигнување во нивниот дом расправијата продолжила, каде што тој продолжил да ја удира со шамари, клоци и да ја влече за коса. Натепаната жена изглегла од својот дом за да купи храна за детето, а сопругот ѝ го одзел мобилниот телефон за таа да не може никому да се јави“, евидентира Хелсиншки уште еден брутален случај на семејно насилство, за кој полицијата не презела ништо и ја оставила жртвата самата на себе.

Пред да биде донесен новиот Закон за .за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, жртвите ги шуткаа натаму-наваму, но, сега ако не постапи органот каде што пријавува жртвата семејно насилство, ќе плати казна до 5.000 евра, а физичко лице во органот, 500 евра казна. (Фото: СДК.МК)

„Жртвата во продавницата побарала некој да ѝ позајми телефон за да го пријави случајот во полиција. Откако успеала да го пријави, се вратила во нивниот дом, каде по половина час пристигнале полициски службеници. Службениците освен обичен разговор со нејзиниот сопруг, не презеле никакви мерки за заштита на жртвата и за нејзиното малолетно дете, а жртвата уплашена дека повторно ќе биде нападната, се спакувала и заминала кај нејзините родители“, раскажуваат во Хелсиншки за уште еден пеколен живот под семејно насилство.

Наредниот ден, жртвата се обратила до Хелсиншкиот комитет од каде побарала помош поради непостапувањето на полициските службеници. Комитетот за незаконитото и непрофесионалното постапување на полициските службеници поднел претставка до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој за жал утврдил неправилности само во делот како службениците ги подготвиле службените белешки за настанот.

„Службените лица од Центарот беа информирани за долгогодишното насилство врз жртвата како и за околноста дека нејзиниот сопруг е поранешен осуденик со агресивно и девијантно однесување. Жртвата не сакаше да покрене кривична постапка ниту предлог за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство поради што ЦСР го повика насилникот на разговор. Личните работи на жртвата останаа во куќата во која таа живееше со нејзиниот сопруг поради што претставничка од Хелсиншкиот комитет додека беше во полициска станица побара од инспекторот за семејно насилство да обезбеди полициски службеници кои ќе ја придружуваат жртвата во нејзиниот дом како би можела таа безбедно да ги земе своите работи“, велат од Комитетот.

Жртвата преку адвокат поднела тужба за развод.

Идентитетот на споменатите жртви на семејно насилство е заштитен. За некои од нив и не смее да се знае на која локација се поради тоа што уште не се безбедни, а насилниците кои се на слобода, ги бараат.

Но, она што сака да укаже Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи е дека жртвите не се сами. Само треба да не трпат, да се охрабрат и да го пријават домашното насилство. И, дека има решение и за вработени малтретирани сопруги, и за невработени, за венчани, за оние кои живеат во вонбрачни заедници, со деца и без деца, такви што ги изневерила полицијата и центрите за социјална работа, кои се избркани од дома без денар и без облека, Македонки, Албанки, Ромки…

С. К. ДЕЛЕВСКА