Реакција: Скандалозен однос на Јавното обвинителство кон кривичните дела од „Јавна соба“
јануари 27, 2021
Платформата за родова еднаквост изразува огромно разочарување од игнорантниот однос на надлежните институции во врска со случајот „Јавна соба“. Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.
Точно една година по појавата на оваа група на мрежата Телеграм, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба. На прашање на Хелсиншкиот комитет, Министерството за внатрешни работи одговори дека постапиле по предметот „Јавна соба“ во рамки на својата надлежност и го доставиле до Јавното обвинителство. Година дена подоцна, ваквите групи на Телеграм сѐ уште се активни во објавување на фотографии, лични имиња и адреси.
Сметаме дека е скандалозен и недозволив односот на Јавното обвинителство, од кое се очекува да го процесуира случајот во насока на докажување на вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување на девојки, од кои голем дел се и малолетни. Потсетуваме дека оној кој ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина, може да одговара за кривичното дело „Злоупотреба на лични податоци” член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година. Доколку на видеата има прикажано малолетник, сторителот кој ја произвел детската порнографија со цел нејзина диструбуција, или ја пренел или ја нудел преку компјутерски систем ќе одговара за „Производство и дистрибуција на детска порнографијa” член 193-а став 3 од Кривичниот законик за кој е превидена казна затвор од најмалку осум години. Ние како претставници на граѓанскиот сектор ќе инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.
Молкот на институциите очигледно дополнително го охрабрува фунцкионирањето и одржувањето на вакви групи во дигиталниот простор, а девојките и понатаму се соочуваат со опасност по личната безбедност и нарушено достоинство и здравје. Во групата вознемирувачите заемно се поттикнуваат, здружуваат и дополнително ги омаловажуваат девојките. Исто така, се зголемува и ризикот од уште посериозни форми на насилство, а се обесхрабруваат сегашните и идни жртви да пријавуваат и да зборуваат за насилството кое го претрпеле.
Овој случај е шанса на институциите да покажат дека се залагаат за женските права и заштитуваат од родова засновано насилство, фактички, а не само декларативно! Оттука, бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело и за кое треба кривично да се одговара. Бараме од Министерството за внатрешни работи континуирано да презема превентивни активности и да го спречи опстојувањето на ваквите групи. Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција.