Хелсиншки бара брз и транспарентен избор на Комисија за заштита од дискриминација

октомври 28, 2020

Хелсиншкиот комитет го поздравува усвојувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и бара брз и транспарентен избор на нова, независна, стручна и професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. За таа цел, апелираат Собранието на Република Северна Македонија после стапувањето на законот во сила, во најкус можен рок да објави јавен оглас за избор на членовите на Комисијата.

Со 69 гласови за, еден воздржан и без ниту еден глас против, Собранието на Република Северна Македонија го изгласа вчера Законот за спречување и заштита од дискриминација кој првично беше донесен во мај 2019 година, но заради неисполнет собраниски кворум,  беше укинат од страна на Уставниот суд во јуни 2020.

Ова законско решение, како што посочуваат од ХК, треба да понуди подобра превенција и заштита од дискриминација, да гарантира транспарентен избор на стручна, професионална и независна Комисија за спречување и заштита од дискриминација, да го подобри административното работење на Комисијата со воведување на стручна служба на Комисијата, да ја скрати и направи поефикасна постапката за заштита од дискриминација пред Комисијата и да го олесни пристапот до судска правда во случаи на дискриминација.

-Следен чекор, кој е неопходно што побрзо да се случи е  отпочнување на процесот за формирање на нова, независна, стручна и професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. За таа цел, апелираме Собранието на Република Северна Македонија после стапувањето на законот во сила, во најкус можен рок да објави јавен оглас за избор на членовите на Комисијата, се наведува во соопштението од ХК.

Оттаму посочуваат дека Законот беше усвоен без амандманот на членот 18, со кој постапката за оваа комисија требаше да се уреди по примерот на постапката за избор на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

– Основаните сомнежи дека изборот на членовите на КСЗД ќе зависи од партиски договор, ќе се отстранат само доколку се овозможи учество на граѓанските организации во јавна расправа за избор на членовите на КСЗД, согласно постоечкиот  собраниски Деловник, се наведува во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека будно ќе го следат процесот на спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, изборот на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, нејзиното работење, како и нејзиното работење.