Евромбасадорот Дејвид Гир на средба со претставници од ЛГБТИ+ заедницата
октомври 27, 2020
По повод одбележувањето на 8-годишнината од ЛГБТИ-центарот за поддршка, денес, во социјалниот простор „Комитет“ се одржа средба помеѓу амбасадорот Дејвид Гир и активистите што се борат за правата на ЛГБТИ+ заедницата во земјата, обединети во Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија (НМХТ).
Заедничката средба отвори можност за дискусија на важните теми на денешницата, како за донесувањето на законот за спречување и заштита од дискриминација и процесот на интеграција во ЕУ, но и за некои достигнувања преку напорната работа во минатото.
Амбасадорот Гир ја истакна важноста на законот за антидискриминација, што треба да се донесе, но и на Комисијата за заштита од дискриминација, што треба да резултира со назначување професионалци што ефикасно ќе ја подигнат свеста и ќе ги заштитат сите граѓани од дискриминација. Понудена беше ЕУ-помош на властите и на граѓанските организации во подобрување на правната рамка и практиките кон ЛГБТИ-луѓето. Сепак, во наредниот период поголемите и здружени напори ќе бидат од клучно значење за значително да се подобри почитувањето на човековите права на ЛГБТИ-луѓето, беше оценето на средбата.
„Во процесот на промовирање и борба за правата на ЛГБТИ-заедницата, особено се важни силните сојузници и поддршката, особено какви што имавме со претходното Собрание преку интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ. Оваа група беше една од најактивните и најуспешни групи во Собранието во последните неколку години и ние посветено работиме за повторно да ја формираме групата во рамките на новиот состав на Собранието“, беше посочено од страна на активистите.
„Во последните неколку години подобривме дел од законската рамка, но, за жал, доживеавме и процеси во кои правата на ЛГБТИ не беа високо на политичката агенда и останаа да чекаат подобри времиња. Донесен беше закон за спречување и заштита од дискриминација, кој првпат обезбеди заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, но исто така се соочивме и со негово укинување. Доживеавме слаба имплементација на Кривичниот законик во заштитата од злосторства од омраза засновани на сексуална ориентација и родов идентитет, неказнивост за говор на омраза кон ЛГБТИ-луѓето и недостиг на низа законски решенија, што соодветно ќе ги адресираат проблемите и потребите на оваа заедница“, кажаа учеснците.
Активистите се обврзаа дека и покрај сите предизвици, ќе продолжат да работат секојдневно за подобрување на состојбата со правата на ЛГБТИ во земјата и животот на луѓето од заедницата.
Тие оценија дека средбата е добар прв чекор за соработка и заеднички напори во обединетата борба за еднаквост на сите.