Нов демант до Иџет Мемети, сега од членовите на „Омбудсман+“
октомври 21, 2020
Народниот правобранител Иџет Мемети е виновен што земјата нема механизам за надворешна контрола на полицијата, реагираа денеска од Хелсиншкиот комитет, Македонското здружение на млади правници и Здружението за кривично право и криминологија. Јавниот став на групата организации, кои се и членки на нефункционалното тело „Омбудсман+“, доаѓа по интервјуто на народниот правобранител Иџет Мемети за „360 степени“.
Прашан зошто телото за контрола над работата на полицијата, кое е замислено како форум за соработка меѓу омбудсманот и невладиниот сектор, не функционира, Мемети изјави:
„Моја беше идејата и одредбата, лично сум ја напишал, во Народен правобранител треба да се формира тим во кој тројца ќе бидат вработени од страна на Народниот правобранител затоа што тој е уставна категорија, а тројца ќе делегираат НВО, кои ќе ги избира парламентот. Знаете што се случи? На првиот оглас на Собранието не конкурираше ниту една невладина организација… Не се избрани и сега тројца претставници, немате информација, јавноста треба да знае дека Собранието бира три невладини организации. Откога Собранието ги бира трите невладини организации, тие треба да делегираат кај Народниот правобранител во тимот, за да стане екипа, тројца или по еден кои можат да работат кај него само една година… Законот вика, тројцата претставници што ги делегираат невладините организации работно се ангажираат во Народен правобранител, на определено време, на една година.
изјави Иџет Мемети за „360 степени“.
НВО: Мемети сака да ги потчини претставниците на невладиниот сектор
Во реакцијата на Хелсиншкиот комитет, Македонското здружение на млади правници и Здружението за кривично право и криминологија, се вели дека причините што телото „Омбудсман+“ не функционира се инакви и дека Мемети се обидува да воспостави целосна контрола над механизмот.
Демантот го пренесуваме во целост:
На 19 октомври 2020 година, во емисијата на Алсат ТВ, Народниот правобранител на Република Северна Македонија, г. Иџет Мемети, на прашањето зошто не е воспоставен и не функционира механизмот за надворешна контрола на полицијата при канцеларијата на НП, не даде одговор за вистинските причини за ваквата состојба, односно дека тој самоволно се поставува и бара да ги потчини претставниците на невладиниот сектор.
Всушност, преку негово лично толкување на законот, со кој се воспостави механизмот за надворешна контрола на полицијата, Народниот правобранител се обидува да воспостави целосна контрола врз овој механизам и да влијае на избраните претставници на невладините организации, со што механизмот би функционирал под негова контрола и во зависност од неговата желба.
Иако во ова интервју Мемети го тврди спротивното, ние напоменуваме дека претставниците на невладините организации не може и не смее да бидат вработени во институцијата Народен правобранител, бидејќи во тој случај тие повеќе нема да бидат претставници на невладините организации, туку вработени кај Омбудсманот и под целосна негова контрола.
Претставниците на невладините организации треба и мора да останат независни и надворешни членови кои ќе придонесат со квалитет и вештини во комплетирање и процесирање на случаи поврзани со пречекорување на полициските овластувања во надлежните правосудни институции.
Јавноста треба да знае дека Народниот правобранител го блокира процесот девет месеци и не дозволува да се создаде методологија по која претставниците на граѓанското општество ќе можат да придонесат во објективно оценување на претставките за работата на полицијата. Неговото толкување дека еден од избраните членови на механизмот за граѓанска контрола е политички активен е надвор од неговиот мандат на постапување.
Со ова, Мемети се обидува да ја избегне одговорноста за нефункционирањето на овој механизам, кој од Европската комисија во последниот извештај за РС Македонија е оценет како витален и потребен. За недостигот на ваков механизам единствено е одговорен г. Иџет Мемети.