Извештај за обезбедена правна помош во периодот август 2016 – јануари 2018
март 27, 2018
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија (МХК) го имплементира проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите“, чија цел е да обезбеди информации базирани врз докази и да ја подигне јавната свест за одредени ранливи и маргинализирани групи, и на тој начин да придонесе за подобрувањето на социјалната и правната заштита на овие групи. Една од компонентите за остварување на ваквата цел е обезбедувањето бесплатна правна помош на жртви од дискриминација и судско застапување во стратешки случаи, што ќе го подобри пристапот до правдата на ранливите групи и ќе создаде судска практика за заштита од дискриминација.
Oвој извештај има за цел да даде информации за дадената бесплатна правна помош и подобрувањето на пристапот до правда во случаи на дискриминација и прекршување на права на Ромите, лицата со физичка попреченост, лицата со интелектуална попреченост, жените од рурални средини и ЛГБТИ лицата, во периодот август 2016 – јануари 2018.