Дискриминација врз основа на пол и род во Министерството за внатрешни работи
септември 30, 2020
Полициска службеничка вработена во 2013 година во Министерството за внатрешни работи се соочува со дискриминација врз основа на пол и род на работното место поради неможност да напредува во кариерата, ниту стручно и професионално да се обучува во работата.
Имено, службеничката е вработена на работно место Полицаец за операции Категорија Е ниво Е4 во Единицата за специјални задачи. Според ова работно место, таа треба да добива плата во износ од 520 бодови и додаток на плата од 45%.
Министерството за внатрешни работи во меѓувреме донело нов Правилник за систематизација на работни места во Министерството за внатрешни работи. Поради оваа промена, а врз основа на член 111 став 1 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, колегите од машки пол од генерацијата на полициската службеничка, кои биле на истото работно место како нејзиното, добиле решенија за распоредување на работно место за кое е предвидено износ на плата од 580 бодови и додаток од 10 бодови.
Во генерацијата на полициски службеници на странката, единствени жени на нејзината работна позиција се таа и уште една вработена, кои иако ги исполнуваат сите услови, немаат добиено решенија за распоредување врз основа на новиот Правилник. Против нив никогаш не биле поведени дисциплински постапки, напротив, тие до сега совесно и професионално ги имаат обавувано своите работни ангажмани во рамки на Министерството.
Поради донесувањето на новиот Правилник за систематизација на работни места, службеничката поднела барање за зголемување на износот на бодовите за плата односно нејзино распоредување на работно место согласно новиот Правилник. Примерок од барањето вработената не поседува, а писмен одговор од страна на Раководителот на Одделението се уште нема добиено. Усно била известена дека такво распоредување нема да добие, од причина што го користела своето право на породилно отсуство, а жени во Единицата за специјални задачи не биле посакувани.
По завршување на породилното отсуство на службеничката, нејзината теренска работа била заменета со канцелариска, односно раководителот на единицата со усна наредба ѝ има наложено да обавува работни задачи во тимот за планирање чија позиција не е воопшто предвидена согласно Правилникот за систематизација. Поради ова, службеничката се соочува и со исплата на пониска плата од онаа која треба да ја добива согласно нејзиното Решение. Ваквото постапување е уште еден индикатор за дискриминаторското однесување на раководителот, кој има тенденција да ги оттргне жените од теренска работа и нивно унапредување во кариерата.
Покрај непреземање на дејствија за распоредување на жените полицајки за операции на работно место со поголем износ на бодови за плата согласно новиот Правилник, раководителот одбива да им овозможи на жените присуство на обуки со цел нивна квалификација и доквалификација.
Мажите и жените имаат еднакви права во унапредување на работното место, а ова е признаено и од едни од најважните меѓународни тела и конвенции за човекови права. Покрај ова, жените имаат права на еднакви можности и под еднакви услови со мажите да имаат пристап во вработување, да присуствуваат на обуки со цел нивна стручна и професионална квалификација и доквалификација и да бидат еднакво платени за еднаква работа или работа од еднаква вредност. Поради ова, Хелсиншкиот комитет апелира, Министерството за внатрешни работи итно да ги преземе сите дејствија и мерки за да го спречи понатамошното дискриминаторско постапување спрема жените и да им овозможи под еднакви услови со мажите да ги уживаат своите права на работното место.
#трудбездискриминација
Овaa објава е финансиранa од Европската Унија и ко-финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка. Содржината на објавата е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија или на Сида.