Corner Извештаи

Месечен извештај (април 2009) 10 Мај 2009

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Влада за СЕ...

1.2. Судството (повторно) падна на испитот за независност

1.3. Непотизам или?!

1.4. Укинати бенефициите за второ и четврто дете

2. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

2.1. Случај Ндерим Мамути и други , Скопје

2.2. Постои ли одговорност за незаконското постапување - Случај Детска градинка “Бамби” – Македонска Каменица

3. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

3.1. Слобода на говор низ Македонските судски лавиринти -  Случај Менче Атанасова - Точи. 

-----------------------------------------------------------------------------------------

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. Влада за СE...

Во текот на изминативе месеци, нашата Влада се обиде да демонстрира дека е способна да работи во сите области и дека истата не ја претставува само извршната власт во државата, туку и судската власт, најзначајниот орган во заштита на човековите права.

Во месечните извештаи за Jули - Август и Ноември 2008, Хелсиншкиот комитет посочи дека Министерот за правда и Владата се закануваат со санкции и кривични пријави, до душa во име на Судскиот совет и граѓаните[1]. 

Ваквите чекори, вклучувајќи ги тука наводите за црните листи на судии кои ги прави Владата, преиспитување на одредени правосилни судски пресуди на владини седници, давање препораки до Судскиот совет за преземање мерки за одговорност на судии, е само доказ дека кај нас свесно се игнорира вистинското значење на владеењето на правото. Поинаку и не може да се толкува политичкиот притисок врз судството од страна на извршната власт, спротивно на уставната темелна вредност - поделба на власта.

Нашата Влада, за жал, продолжува во таа насока. Сега посегна по законодавната власт замешувајќи се во ингеренциите на Собранието. Медиумите ја пласираа веста дека на владина седница на 25 април 2009 година Владата го разгледала извештајот за работата на Судскиот совет и изготвила свое мислење со кое позитивно го оценила работењето на Судскиот совет за 2008 година, згора на тоа му укажала на Судскиот совет дека треба да преземе мерки за воедначување на казнената политика што ја спроведуваат судовите во Македонија и сето тоа го доставила до парламентот. Иако Законот за Судски совет е експлицитен[2]. 

Создавањето на Судскиот совет како самостоен и независен орган е битен дел од реформите во правосудството со кое требаше да се надмине политичкото влијание врз правосудството. Со тоа се надмина поранешната состојба Собранието да ги бира судиите. Сега судиите би требало да се избираат и разрешуваат од самите судии, како гарант на судската независност. Во таа насока е и определбата дека во Судскиот совет Министерот за правда е член по службена должност, како и определбата дека три члена на Советот предлага Собранието, а два члена Претседателот на Р.М. Оттука, Владата нема никакви надлежности кога се работи за судската власт. Собранието е единствен орган надлежен за оцена на извештаите за работа, како вид контрола на Советот. 

За жал и покрај инсистирањето за независно, ефикасно и непристрасно судство, и покрај големиот број законски одредби кои го прокламираат истото, Владата се става во функција и на законодавна и судска власт, па се прашуваме што би било доколку на  седницата не се усвоела позитивна оценка за работата на Судскиот совет - дали и што во таков случај би преземала нашата Влада?

Уште позачудувачки е молкот и од страна на судиите и сите членови на Судскиот совет и молкот на пратениците во Собранието, бидејќи некој друг се обидува да ги извршува работите од нивна надлежност. 

Хелсиншкиот комитет изразува жалење за ваквиот напредок на реформите во правосудството согласно Стратегијата за реформа на правосудниот систем и Акциониот план за спроведување на Стратегијата, особено што ваквиот “напредок“ го доведува во целосна зависност остварувањето и заштитата на човековите права од политиката. Мора да прифатиме дека напредокот не значи само богата лепеза на експресно донесени закони без јавна расправа, туку доследна и успешна имплементација на истите, за да конечно граѓаните бидат сигурни дека можат да ја задоволат правдата пред независни, непристрасни, ажурни и ефикасни судски органи, како краен стадиум на патот кон остварување на своите права.

1.2. Судството (повторно) падна на испитот за независност

На 21 април македонската јавност беше информирана дека Македонија повторно ќе биде тужена пред меѓународен арбитражен суд. Овој пат меѓународната арбитража е во Вашингтон. Зошто токму Вашингтон и што всушност значи Вашингтонската арбитража. Судија арбитер[3] појаснил дека Вашингтонскиот меѓународен суд е многу значаен орган бидејќи обезбедува механизам што ја има моќта на извршување на било која арбитражна одлука против една земја доколку истата го изгуби спорот. Бидејќи во принцип се работи за спорови со големи суми на пари, кон предметите се пристапува со големо внимание и внимателност при разгледувањето. 

Зошто Македонија е повторно на дневен ред во меѓународната јавноста за жал по лошиот глас? Причина за новата тужба против Македонија пред меѓународната арбитража е донесената пресуда од страна на Основниот суд Скопје 2 – Скопје каде ЕЛЕМ имал заведено судски спор против ЕВН Македонија за надомест на долг. Со донесената пресуда ЕВН Македонија е обврзана да му исплати 93 милиони евра на ЕЛЕМ, плус камати или вкупно околу 200 милиони евра, застарени побарувања кои датираат од 1995 година до 2004 година. 

ЕЛЕМ од една страна тврди дека долгот на ЕСМ кон ЕЛЕМ бил утврден од страна на консултант за приватизација, а пак Австријците од друга страна наведуваат дека судската одлука е скандалозна со објаснување дека се работи за стари ненаплатени побарувања од тужени потрошувачи, кога компанијата била се уште во државна сопственост, при што се наведува дека Основниот суд ги игнорирал предложените докази од нивна страна. Во одбиените докази бил и Анекс договорот и мислењето на Правниот факултет. Со Анекс договорот практично се регулира начинот на кој овие стари побарувања треба да се наплатат и да се делат помеѓу компаниите. Постоењето на Анекс договорот е потврдено уште пред две години во извештајот на независната ревизорска куќа Prays Water House, направен за потребите на Владата. Тогаш ревизорите констатирале дека Анекс договорот предвидува да откако ЕВН ќе ги наплати побарувањата од потрошувачите,   50 % од парите ќе ги префрли на сметка на ЕЛЕМ. Истото го има констатирано и енергетски експерт, во времето ангажиран од фирма која и помагала на тогашната Влада во процесот на приватизација на ЕСМ, кој за весникот „Коха“ изјавил “Анексот е јасен, ова не е долг на ЕВН кон ЕЛЕМ, туку е на потрошувачите кон ЕЛЕМ, а ЕВН наследил обврска да го наплати од потрошувачите тој стар долг. Откако граѓаните ќе го подмират, ЕВН треба да му префрли на ЕЛЕМ 50%.“

Што всушност се побарувањата? Побарувањата се 400.000 тужени потрошувачи – правни и физички лица, меѓу кои денес има и компании кои веќе не постојат, но и починати лица – наведуваат Австријците. 

Од страна на Австријците беше најавена и жалба во редовната постапка до Апелациониот суд Скопје. ЕВН воедно има поднесено и претставка до Судскиот совет на Република Македонија заради преиспитување на нерегуларностите при судскиот спор направени од страна на судијата.

Донесената пресуда, иако не е се уште правосилна, сепак побуди голема загриженост како во домашната јавност така и кај неколку амбасадори[4] кои директно го набљудувале судскиот процес при што констатирале загриженост за процедурата и нерегуларностите. Загриженоста директно му е пренесенa и на Премиерот на Македонија преку допис каде биле наведени сите констатирани нерегуларности. Во една прилика евро амбасадорот ќе изјави “Независноста на судството е особено важно и ние сме загрижени околу развојот на случувањата со ЕВН, поради пораката која им се праќа на потенцијалните странски инвеститори. Затоа е важно да се расчисти овој случај.”

На голема врата од страна на меѓународниот фактор на Република Македонија се предочува фактот дека судскиот систем кој добро функционира е еден од клучните критериуми по кои ќе биде оценувана македонската подготвеност за понатамошно пристапување кон ЕУ. Но, нашата држава и на таквите директни упатства и понатаму останува своеглава и глува, а ЕУ оди понатаму така што навести дека спорот меѓу македонските власти и ЕВН ќе се најде на следниот извештај за напредокот на Македонија. 

За жал, и покрај директните укажувања до Владата од страна на неколкуте странски амбасадори дека толку прокламираното независно судство всушност и не е толку независно како што се пропишува во Уставот и законите[5] туку е директно под влијание на власта, во конкретниот случај се потврди како точна. 

Товарот е сега ставен врз Апелациониот суд Скопје кој се надеваме дека нема да потпадне под влијание на власта и дека ќе ја поправи сторената грешка. Во спротивно се предвидува уште еден изгубен спор пред меѓународната арбитража, која повторно ќе биде наплатена од страна  на самите граѓани – ни криви ни должни. 

Од друга страна со тоа се дава многу лош сигнал на потенцијалните идни инвеститори во Република Македонија.

Хелсиншкиот комитет смета дека крајно време е Владата на Република Македонија сериозно да размисли и да придонесе да се воспостави правен систем кој ќе биде независен, транспарентен, фер и заштитен од влијанието на власта.

1.3. Непотизам или?!

„ Вечно искуство е дека секој човек кој има власт е склон да ја злоупотреби; Тој ја шири се додека не наиде на граница“

                                                  Де Монтескје

Де Монтескје, познатиот поборникот на теоријата за поделба на власта, односно создавање на модерна држава честопати во своето дело „Духот на законот“ говори за неопходноста на поделба на власта како начин за замена на деспотизмот, тиранијата кои владееле во 17 и 18 век. Монтескје гледајќи кон иднината цврсто стоел на ставот дека доколку сите функции се спојат во еден човек тогаш истиот тој човек ќе се прогласи за семоќен а на тој начин не е можно постоењето на „правна држава“. Оваа идеја истовремено била поддржана од повеќе филозофи.

Денес Република Македонија како демократска држава во својот Устав[6] поделбата на власта на законодавна, извршна и судска ја третира како темелна вредност на уставниот поредок. Уставот како и Законот за судови говорат за независноста и самостојноста на судовите во своето делување, притоа определувајќи ги и целите и функциите [7]на судската власт, обезбедување правна сигурност врз основа на владеење на правото. Судскиот совет со Закон е определен како самостоен и независен орган на судството кој ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт[8]. 

Но реформата во судскиот систем, јакнењето на независноста и подобрување на ефикасноста на судството е предуслов за стапување во Европската Унија, а нашето судство треба забрзано да се движи во насока на отстранување на политичкото влијание.

И додека насоките се повеќе од јасни, законските одредби се беспрекорни само за на лист хартија,  реалната состојба во судството е загрижувачка. Случајот на судијката на Апелациониот Суд а воедно и член на Кривичниот совет во Апелациониот Суд во Скопје, Филимена Манеска, беше причина за полемика во јавноста и отворање на сомнежи за влијанието на политиката во судството. 

Имено, согласно информациите во јавноста кои ги потврди и судскиот совет, судијката на 8 Април ги исполнила законските услови за пензионирање, па согласно Законот за судови исполнет е еден од условите за разрешување од судиска функција. 

И како што е редот сите очекуваа Судскиот Совет, по добиеното известување од страна на Претседателот на Апелациониот Суд за исполнување на законските услови за пензионирање во случајот на Филимена Маневска, да донесе одлука за разрешување на судската од нејзината функција. Но, наместо тоа Судскиот Совет не најде за целисходно да ја стави оваа точка на дневен ред со оправдување дека Советот има „поприоритетни работи“ од нејзиното разрешувањето. Доколку почитувањето на Законите не е еден од приоритетите во работењето на Судскиот совет тогаш за сигурност нашето судство се движи во погрешна насока!

Во моментот јавноста е во дилема - дали одолговлекувањето на постапката за разрешување на судијката е роденденски подарок  од Судскиот совет или пак овој случај е уште еден пример за политичкото влијание во судскиот систем и „потклекнување“ на судските органи пред притисоците.

Границата за која зборувал Монтескје пред повеќе од два и пол века во овој случај за сигурно би требало да ја претставува Судскиот Совет, органот кој остана глув на многубројните критики упатени на негова сметка за инертноста во овој случај.

Суштината на овој проблем е подлабока, а под знак прашалник се става и легитимитетот на пресудите донесени од страна на „пензионираната“ судијка, доведувајќи до поткопување на целите на судската функција- заштита на човековите права и обезбедување правна сигурност.

Хелсиншкиот Комитет за човекови права загрижен поради состојбата во судството,  искрено се надева дека овој случај нема да биде преседан кој ќе се применува  во иднина, но сепак верува дека Судскиот Совет конечно како приоритет во својата работа ќе го земе применувањето на законските норми, подеднакво за сите.

1.4. Укинати бенефициите за второ и четврто дете

Уставниот суд на Република Македонија на 1 април 2009 година донесе одлука (У.Број: 160/2008-0-1) за укинување на член 30-а став 1 во делот: „која е со место на живеење во општини на Република Македонија со стапка на природен прираст на населението под 2,1 според статистичките податоци од Државниот завод за статистика на Република Македонија објавени пред две години од тековната година” и став 2 во делот: „со постојано место на живеење од најмалку три години во општините од ставот 1 на овој член” од Законот за заштита на децата.

Уставниот суд оцени дека “Со оглед на тоа што со наведените делови од ставовите 1 и 2 на член 30-а од Законот се определува правото на родителски додаток за дете да го остваруваат само мајките кои се со место на живеење во општините во кои природниот прираст на населението е под 2.1 промили, односно ова право да го остваруваат само една група мајки во рамките на определени општински граници или според територијален принцип, тие законски одредби не важат на целата територија на Република Македонија, создаваат нееднаквост меѓу граѓаните на Република Македонија кои се во иста положба односно имаат второ, трето и четврто дете, како и не се во функција на заштитата на мајчинството и на децата бидејќи не се однесуваат на сите мајки и деца во државата”.

Хелсиншкиот комитет ја поздравува оваа одлука на Уставниот суд на Република Македонија, меѓутоа за жал наместо да заживее ова право еднакво за сите во Република Македонија, Владата оцени дека не е во можност да обезбеди услови за спроведување на предвидените стимулации за целата територија на државата и ги укина бенефициите за второ и четврто дете. Со ова се потврди стравот на Хелсиншкиот Комитет дека се работеше само за ad hoc мерка која без било каква претходна анализа и стратегија немаше можност да заживее.

Сега Министерот за труд и социјална политика изјавува дека се размислува што да се прави за оние жени што останале бремени надевајќи се дека ќе им биде исплатен надоместокот за второ и за четврто дете, со тоа што се бараат начини како и ним да им се овозможи исплата на додатокот и како тоа решение правно да се изведе.

Хелсиншкиот Комитет смета дека е крајно време Владата да ги преземе сите неопходни мерки за да спречи идна повреда на правата на граѓаните и во иднина подготвените Стратегии да се темелат врз основа на претходна детална и стручна анализа.

2. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

2.1.  Случај Ндерим Мамути и други , Скопје 

До Хелсиншкиот комитет се обратија Ндерим Мамути, Бујамин Рушити, Ваљон Зеќири, Абдула Неслихан, Басим Касами, Аријанит Беџети, Арсим Зибери и Лавдим Вехапи сите од Тетово, поранешни државни службеници.

Тие не известија дека на 31 јули 2007 година, со Решение за вработување на државен службеник се вработиле во Генералниот секретаријат во Владата на Република Македонија како државни службеници – приправници. Истата година, или поточно на 28 декември склучена е Спогодба за преземање и вработување на државен службеник без јавен оглас врз основа на член 16 од Законот за државни службеници помеѓу Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и Генералниот секретаријат при Влада на Р.М. Со Спогодбата одлучено е дека сите претходно наведени  се вработуваат без јавен оглас на неопределено време во Управата за јавни приходи – Регионална дирекција Битола на работно место помлад соработник – приправник за правни работи од 1 февруари 2008 година. 

На 17 ноември 2008 година г-дин Мамути и сите останати претходно наведени добиле Решение за престанок на работен однос без отказен рок бр. 04-9279/1 од 10 ноември 2008 година. Образложението кај сите е дека “службеникот не ја заврши успешно пробната работа односно не го положи приправничкиот испит што е услов за засновање редовен работен однос”. Истото решение е потпишано од директор на Управата за јавни приходи, со правна поука дека против истото решение може да се поднесе правен лек – приговор до директорот на Управата за јавни приходи, во рок од 8 дена од денот на приемот на решението. 

Г-дин  Мамути и сите останати поднесле приговори на донесеното Решение каде навеле дека  ним не им била одредена пробна работа, време на траење на испити, следење и оценка од непосредниот раководител, ниту од Управата за јавни приходи им било обезбедено стручна обука како што е предвидено во член 27 став 1 - 5 од Законот за Управа за јавни приходи, односно во член 60 од Законот за работни односи. 

Како и при донесувањето на првостепеното решение така и како второстепен орган Директорот на Управата за јавни приходи го одбил Приговорот како неоснован и го потврдил решението за престанок на работен однос на вработените. 

Од доставената документација може да се види дека истите не биле примени на пробна работа туку засновале работен однос на неопределено време без јавен оглас, што значи дека истите имале статус на вработени, а не статус на лица вработени со решение за практична работа. Од друга страна во Законот за управата за јавни приходи воопшто не е предвидена можноста да на практикант му се изрече решение за престанок на работен однос заради не полагање на приправничкиот испит. 

Законската регулатива[9] во член 99 став 2 од Законот за работни односи  наведено е дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување во случај ако со правосилна одлука им е забрането да вршат определени работи од работниот однос или ако им е изречена воспитна, заштитна или безбедносна мерка, поради која не можат да вршат работи подолго од шест месеца или ќе мораат поради издржување на затворска казна да бидат отсутни од работа повеќе од шест месеца; како и работникот кој нема да ја изврши успешно пробната работа. Само за потсетување е фактот дека г-дин Мамути и сите останати претходно наведени  лица немале засновано работен однос за пробна работа, туку работен однос на неопределено време. 

Хелсиншкиот комитет упати допис до Управата за јавни приходи при што беше побарано да бидеме известени за причините поради кои не е запазена законската рамка за донесување на решенијата за престанок на работниот однос, како и врз основа на која законска регулатива и зошто првостепеното и второстепеното решение се потпишани од страна на Директорот на Управата за јавни приходи, при тоа имајќи ги предвид уставните одредби со кои се гарантира правото на двостепеност – односно можноста на подносителот да се поднесе приговор  до второстепен орган кој нема да биде истиот кој што одлучувал во претходната постапка. 

На 2 Април 2009 година, до Хелсиншкиот комитет пристигна  одговор  од страна на Директорот на Управата за јавни приходи со кој не извести дека се изненадени со начинот на комуникацијата и толкувањето на решенијата. Воедно во одговорот се наведува дека “Управата за јавни приходи е отворена за соработка, но во ниту еден момент нема да дозволат да се впуштат во креирање на квази - постапки на докажување, образложување и слично на дејствија што ги презема Управата во сите сегменти на своето работење.“ Просто зачудувачки!!! 

Остварувањето на правдата  странките ја продолжиле со поведување на граѓанско судски постапки за поништување на решенијата за престанок на работен однос пред Основниот суд Скопје 2 – Скопје.

Хелсиншкиот комитет без да сака да навлезе во работата на судските органи, го коментира тоа што го доби како документација и  искрено се надева дека судските органи ќе ја увидат направената грешка со што ќе се намали сомнежот во македонското правосудство. 

2.2. Постои ли одговорност за незаконското постапување - Случај Детска градинка „Бамби” – Македонска Каменица

За време на изборната кампања за неодамна спроведените избори, бевме сведоци на кршење на законот преку објавувањето огласи за вработувања во државните институции кои се појавија во медиумите веднаш по распишувањето на претседателските и локалните избори. За потребата и обврската властите да се воздржат од вработувања во државната администрација и во органите на локалната самоуправа до завршување на изборите, апелираше и Државната комисија за спречување на корупција. Истата повика на експлицитната одредба од Законот за спречување на корупција во која е пропишана таквата обврска.

За разлика од тоа, во Јавната општинска установа за деца – Детска градинка „Бамби” од Македонска Каменица, случај кој беше регистриран во рамки на Хелсиншкиот комитет, а по претходно доставена претставка од страна на Директорот на установата, Градоначалникот на Општината по распишувањето на изборите вршел притисок врз Директорот на установата за вработување на две лица.

И покрај фактот што ваквото постапување претставува кршење на законот, а и со оглед на тоа што овој е само еден од многубројните случаи за ветување или пак остварување на ветувањата за вработување, истото можеби станува занемарливо, доколку се потенцира загрижувачкиот факт дека ниту постоел објавен оглас за вработување во установата, ниту пак согласност за сторување на истото од страна на Министерството за труд и социјална политика, ниту согласност од страна на Министерството за финансии. Ваквата законски определена постапка за вработување во јавните установи за деца воопшто не била предмет на разгледување од локалната власт, па Градоначалникот на Општината ги пратил двете лица присилно да престојуваат во детската градинка како вид притисок за нивно работно ангажирање. 

И покрај барањето на Директорот на установата да ја напуштат истата бидејќи не се исполнети законските услови за вработување нови лица, сепак двете лица иако немале засновано работен однос, со своето присилно престојување го нарушувале нормалното работење на градинката, сето тоа на штета на интегритетот и престојот на децата во установата.

Хелсиншкиот комитет се обрати со писмен допис до Министерството за труд и социјална политика, како орган надлежен да врши надзор над спроведувањето на Законот за заштита на децата. Во одговорот Министерството сосема кратко не известува дека лицата кои неовластено престојувале во детската градинка за кои Градоначалникот на Општината вршел притисок да бидат работно ангажирани без да добие согласност од Министерствата за труд и социјална политика и финансии, се повлечени, односно повеќе не се присутни во градинката.

Доколку се спомене и фактот дека ова не било прв пат Градоначалникот да врши притисок врз Директорот на истата градинка за вработувања без почитување на законската процедура, туку за време на летниот одмор на установата и била изречена парична глоба од страна на  Државниот инспекторат за труд – поточно овластените општински инспектори на конкретното подрачје, исто така поради незаконското престојување на истите лица по налог на Градоначалникот, се поставува прашањето дали Министерството за локална самоуправа ја следело неговата работа и дали одговорноста е непознат поим во нашето општество, иако е предвиден во речиси сите закони со кои се засегнати правата на граѓаните.

Се поставува прашањето ако Директорот на градинката не вршел притисок кај сите надлежни министерства за разрешување на проблемот, Градоначалникот би можел во бескрај незаконски да постапува и при тоа органите на управата надлежни за надзор мудро да молчат не превземајќи мерки за утврдување на одговорност и санкционирање за стореното ... Последното секако не е одлика на општество во кое се почитуваат човековите права, но секако е одлика на нашето општество, во кое засега ниту една власт или службеник на власта не одговарал за своите незаконски постапки, што само придонесува за континуирано самоволно постапување спротивно на законските одредби.

3. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

3.1. Слобода на говор низ Македонските судски лавиринти -  Случај Менче Атанасова - Точи 

“Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање... Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.” - вели највисокиот правен акт во земјата Уставот, во својот член 16.  Историски, ваквата заштита произлегува од Универзална Декларација за човекови права кога членките држави на Обединетите Нации се согласиле дека секој има право на слобода на мислење и изразување кое право вклучува и право да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите[10]. Подоцна, слободата на изразување е вметната исто така и во Европска Конвенција за човекови права со што се обезбедува заштита на ова право без мешање на јавната власт, со определени ограничувања[11]. 

Значи, како што може да се забележи слободата на примање и пренесување на информации е едно од основните човекови права заштитено во сите демократски земји како и во Република Македонија во која и Универзалната Декларација и Европската Конвенција за човекови права се составен дел на внатрешниот правен поредок и согласно истото создаваат обврска за нивно почитување. Имајќи предвид дека новинарската професија подразбира примање и пренесување информации, новинарите стануваат субјекти на заштита на слободата на говор со што се обезбедува нивната улога на главни промотори на слободна политичка дебата во едно општество, а што е и основен белег на современите демократии.  

Но, за жал се поголемиот наплив на судски пресуди и казни против новинари за изречени или дури само пренесени информации остава простор за сомнеж дали и колку Македонија одговара на обврските преземени со ратификација на соодветните меѓународни акти или уште повеќе колку државата ги почитува своите правни начела?!

Уште една во низата пресуди против новинари е и последната против новинарката на телевизијата А1, Менче Атанасова Точи. Иако одлуката е само првостепена и се очекува мислењето на Апелациониот суд по жалба, одлуката како таква предизвика дебата во јавноста како поради начинот на спроведената судска постапка така и заради самата содржина на судското резонирање.  Новинарката Точи е осудена и казнета во отсуство, за кривично дело “Клевета” по само еден закажан и одржан главен претрес пред Основниот Суд Скопје 1 Скопје! Оправдување за судење во отсуство судот наоѓа во член 454 став 4 од ЗКП, но притоа заборава дека согласно истиот член судење во отсуство на обвинетиот е можно но само под услов неговото присуство да не е нужно. Имајќи предвид дека кривичната постапка е контрадикторна постапка која му дава можност на обвинетиот да изнесе докази во своја корист навистина е нејасна одлуката на судот да само по една покана  за обвинетиот, донесе решение за судење во отсуство особено кога станува збор за едно од основните човекови права – право на одбрана.

Нејасноста на судската одлука е поголема и поради фактот што кривичното дело “Клевета” по член 172 од КЗ подразбира изнесување на невистини за друг, но и самиот член во својот став 4 појаснува дека “Нема да се казни за клевета обвинетиот ако ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или пронесувал.”        

Во овој случај, судот спротивно на начелата за контрадикторна постапка и право на одбрана не направил напор да обезбеди присуство на обвинетата на главен претрес и со тоа пропуштил да и овозможи на истата да ја докаже вистинитоста на своите тврдења. Во крајна линија, утврдување на вистината е и работа на судот за што истиот треба да створи услови спротивно на леснотијата со која се донесува обвинителна пресуда за “Клевета” и тоа за информации од јавен интерес изречени од страна на новинар со единствено образложение дека “судот и да ја испитал обвинетата тоа немало да доведе до утврдување на поинаква фактичка состојба”?!

Исто така, Хелсиншкиот Комитет смета за потребно да забележи дека новинарката е осудена за клевета за информации кои не се изречени лично од неа, туку за истите се наведени изворите од каде се земени информациите што пак укажува на основната супстанца на слободата на говор а тоа е слободата на примање и пренесување на информации, особено преку медиумите а во корист на јавниот интерес.  Притоа, во образложението на пресудата судот изјавува дека му поклонува верба на исказот на приватниот тужител бидејќи истиот се поклопил со исказите на другите сведоци, родители на штитеници од болницата Бардовци без притоа да посака да ги слушне исказите на сведоците кои новинарката ги наведува во своите текстови. 

Иако можеби не доволно познато за домашните судови, но регулацијата на ограничувањата на слободата на говор и пренесување на информации од страна на медиумите не е ништо ново, напротив Европскиот Суд за човекови права во редица на случаи ја разрешува евентуалната дилема во однос на дозволените ограничувања на слободата на говор во однос на кривичните дела за “Клевета”. Така, Европскиот Суд уште во 1976 во случајот Хансид против Велика Британија дефинира дека “слободата на говор претставува основа на едно демократско општество, еден од основните услови на неговиот прогрес и за развитокот на секој човек. Заштита на слободата на изразување се практикува не само за информации или идеи кои се примаат со одобрување или кои се сметаат за ненавредливи или индиферентни, туку се применува и за оние информации кои ја навредуваат, шокираат или вознемируваат Државата или некој дел од популацијата. Тоа се барања на плурализмот, толеранцијата и високо развиената свест без што не е можно постоење на “демократско општество “ 

Понатаму, во случајот Обсервер и Гардијан против Велика Британија, а подоцна потврдено и во ред други одлуки[12], Европскиот суд укажува дека ограничувањата на слободата на говор мора да бидат тесно определени особено кога станува збор за медиумите. Иако тие не смеат да ги пречекорат определените ограничувања сепак нивна обврска е да пренесуваат информации од јавен интерес. Не само што медиумите имаат обврска да ги пренесуваат информациите од јавен интерес туку и јавноста има право да ги знае. Зашто во спротивно, медиумите нема да можат да ја остварат нивната витална улога на “куче чувар” во општеството. 

Во друг случај[13], Европскиот Суд за човекови права ќе заклучи дека начинот на добивање на информации преку интервју претставува едно од најбитните средства за печатот (медиумите) да можат да ја остварат својата основна функција. 

За жал пресудата против новинарката Точи е само една во низата пресуди против новинари што е потврдено и со рангирањето на Македонија на 98 место во светот во однос на слободата на говор според извештајот на Фридом Хаус како и се погласните забелешки од Европската Унија за слободата на медиумите во Македонија, Хелсиншкиот Комитет предупредува дека заштитата на слободата на изразување и известување на медиумите е услов без кој не се може во едно демократско општество, поради што ги повикува релевантните институции на почитување на домашниот правен поредок како и преземените обврски за заштита на основните човекови права како би ја одржале демократијата во Македонија. 

-------------------------------------------------------------------------------

[1] Изјава на Министерот за правда Михајло Маневски: „Судиите кои нема да ги решат старите предмети до јуни идната година, и кои и понатаму ќе постапуваат на ваков начин сигурно е дека ќе одговараат пред Судскиот совет“. Во платени огласи за електронските медиуми Владата на РМ ги советуваше граѓаните во случај на предолго траење на судските постапки да се жалат пред Врховниот суд, а доколку судии и обвинители ги оштетиле, да поднесат кривични пријави против нив.

[2] „Советот на седница го усвојува извештајот за својата работа со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови и го поднесува до Собранието на РМ на разгледување и усвојување. Доколку Собранието не го усвои извештајот, тоа ќе биде основа за поведување расправа пред органите кои ги избрале членовите на Судскиот совет за оценка на нивната работа во Советот“ (член 64).

[3] Јан Далхузен, во Меѓународниот центар за средување инвестициски спорови и професор на кралскиот колеџ во Лондон

[4] САД, Австрија, Швајцарија, Германија, Франција и Евро амбасадорот

[5] Устав на Република Македонија – член 98 став 1 и 2 

Судската власт ја вршат судовите. 

Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. 

Закон за судовите – член 1 став 1 и 2

Судската власт ја вршат судовите во Република Македонија.  

Судовите се самостојни и независни државни органи. 

[6] Член 8 темелни вредности на Уставот на Република Македонија

[7] Член 3 „Целите и функциите на судската власт опфаќаат:

- непристрасно применување на правото независно од положбата и својството на странките,

- заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи,

- обезбедување еднаквост, рамноправност, не дискриминација по кој било основ 

- обезбедување правна сигурност врз основа на владеење на правото.

[8] Член 2 од Закон за судски совет на Република Македонија

[9] Законот за државни службеници, Законот за работни односи како и Законот за Управата за јавни приходи 

[10] Член 19 од Универзалната Декларација за човекови права на Обединетите Нации

[11] Член 10 од Европската Конвенција за човекови права на Совет на Европа 

[12] Bergens Tidende and others v Norway, 

[13] Bergens Tidende and others v Norway 


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo