Corner Извештаи

Двомесечен извештај (декември 2009 - јануари 2010) 10 Февруари 2010

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. „Соработка и транспарентност“ на Владата околу законот за спречување и заштита од дискриминација

1.2. Преминува ли  слободата на говорот во говор на омраза кога е во прашање кредибилитетот на Уставниот суд?

1.3. Алтернативниот извештај на невладините организации кон државните извештаи за состојбата со правата на детето во Република Македонија

1.4. Владата дава ама не бара вистински отчет!

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај И. С.

2.2. Случај Апостол Крстевски

2.3. Случај на О.С. oд Гостивар

2.4. Случај “змиско око II”

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Дискриминација на корисниците на социјална парична помош и постојана парична помош

----------------------------------------------------------------------------------

1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

1.1. „Соработка и транспарентност“ на Владата околу законот за спречување и заштита од дискриминација

Хелсиншкиот Комитет уште во 2005 година достави свој предлог на закон за заштита од дискриминација до тогашното Собрание на РМ, кој за жал не наиде на поддршка од законодавната власт. Од тогаш до денес цели пет години во државата постојано се зборува за потребата од посебен закон кој ќе ја регулира појавата на дискриминација и со кој ќе се овозможи адекватна заштита за граѓаните од нејзините основи. Прашањето стана речиси редовна точка во комуникацијата на меѓународната заедница со нашата влада.

Владата на РМ конечно до парлементот го достави своето видување на текстот на законот за спречување и заштита од дискриминацијата. Медиумите известија дека првото читање во Собранието на РМ е закажано за 24 февруари.

И дотука навидум се е во ред. Да не се случеше нешто навистина фрапантно.

Масакрирајќи го текстот на нацртот кој надлежното министерство (МТСП)[1] го усогласи со повеќе невладини организации Владата буквално ги изигра и девалвира оние кои претходно ги повика на соработка!

Додека цивилниот сектор ги вклучуваше своите капацитети и подолг период своето знаење го става на располагање на Владата, убеден во нејзината искреност за меѓусебна соработка со основна цел да се креира европски и ефикасен закон, Владата во духот на “транспарентноста и соработката” усвојува нова верзија на законот без притоа да го информира!

На патот од МТСП до Владата на РМ и од таму до парламентот заедничкиот текст на законот беше редуциран од 61 на 42 члена. Но уште поважно е што притоа страдаа: дефинициите на основните поими со што се намалуваат шансите за препознавање, ефикасно спечување и заштита од дискриминацијата; од предлогот на законот ги снема промоцијата и унапредувањето на принципот на еднаквост, како и заштита од поттикнување на дискриминација, критериумите и практиките од дефиницијата на индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација, непристапноста и виктимизација... Предложеното тело „Комисија за еднаквост“ е видоизменето во „Комисија за заштита од дискриминација“ при што задржани се само 3 од претходно дефинираните 16 надлежности на комисијата (операција во која страдаа работната, функционалната и финансиска независност на комисијата)...

Но, овој шамар на лицемерната Влада кон невладиниот сектор е воедно и израз на недолична ароганција кон она што го нарекуваме меѓународна заедница, бидејќи конечниот предлог закон ги игнорира и анализите, мислењата, препораките што за него до МТСП и Владата ги испратија Венецијанската комисија (или официјално: Европската комисија за демократија преку право при Советот на Европа), Спиловер мониторинг мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОБСЕ-Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) со седиште во Варшава... Конечно негативните реакции веднaш стигнаа и од Европскиот парламент (и како најава на дел од европратениците дека ќе ја тужат Македонија пред судот за човекови права во Стразбур, но, што е посериозно, и како амандман при усвојувањето на извештајот за прогресот на Македонија... што дел од медиумите го нарече „европска шлаканица“). Специјалниот пратеник и амбасадор на ЕУ во земјава најави доаѓање на делегација на евро-парламентот која секако ќе го каже своето и по ова прашање. Што тогаш значи европското знаме кое стои на предлог законот дистрибуиран меѓу македонските парламентарци?

Згора на тоа со свое соопштение и писмо до премиерот се јави и највлијателната американска НВО Хјуман Рајт Воч охрабрувајќи ја „Македонија да не сврти во погрешна насока од интернационалните човекови права и стандарди и да се изолира во регионот.“ и порачувајќи и на Владата:„Ве охрабруваме да го промените нацрт-законот и антидискриминаторската рамка на законот да биде компатибилна со интернационалните стандарди за човекови права“.

Се разбира најголем дел од надворешните реакции се однесуваат на елиминирањето на сексуалната ориентација како основ за дискриминација. Рака на срце и делот од невладиниот сектор во процесот на соработка со МТСП отстапи од многу работи кои држеше, па така и третманот на сексуалната ориентација. Сексуалната ориентација како основ на дискриминација е составен дел од Европската Конвенција за човекови права, од Директивите на ЕУ (од која очекуваме да ни определи датум за почеток на преговори за членство), па дури и од некои домашни закони поради што зачудува отпорот на Владата истото да се стори и со овој закон, дотолку повеќе што државата по ова прашање е предмет на јасна критика и во последниот извештај на Европската Комисија.

Наведувањето на „идеолошки“ причини е навистина несериозно бидејќи и десните, конзервативни, народни, демохристијански... партии (било кој термин да употребите) во земјите со развиена демократија не само што не го игнорираат прашањето на дискриминација врз основа на сексуалната ориентација, туку не е никаква реткост нивни високи и партиски и владини функционери (онаму каде што се на власт) отворено да се декларираат како луѓе со поинаква сексуална ориентација.

Комитетот, и пред 5 години и сега, смета дека ваков закон и е потребен на Република Македонија за да создаде механизми за спречување и за заштита од дискриминација, како и постоењето на дискриминација особено на маргинализираните групи да го подигне на повисоко ниво определувајќи нивна експлицитна заштита.

Степенот на заштита и почитување на човековите права е мерило за демократијата на едно општество, а тоа пак се определува особено според ефикасноста на заштитата која една држава ја обезбедува за ранливите групи, поради што е битно основите за дискриминација на овие групи да бидат експлицитно споменати во легислативата.

Комитетот смета дека на Македонија и е потребна ефикасна а не декларативна заштита од дискриминација, со закон од кој се очекува да ја подигне свеста на граѓаните за проблемите со кои се соочуваат определени групи на граѓани, еднакви во обврските кон државата (на пример плаќањето давачки, но скратени во правата), па затоа се прашуваме можно ли е тоа да се постигне кога самата Влада очигледно нема развиена свест за ова прашање. Владата и мнозинството во парламентот повторно се соочува со две меѓусебно исклучиви алтернативи: да го донесе законот кој Европа нема да го признае како европски или да го повлече нацрт законот и да се врати во парламентот со текст целосно преработен и усогласен со меѓународните стандарди и искуства. Токму затоа Комитетот се придружи кон групата НВО која упати барање до Владата како предлагач на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

1.2. Преминува ли  слободата на говорот во говор на омраза кога е во прашање кредибилитетот на Уставниот суд?

Принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска претставува еден од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и истиот се јавува како столб на демократијата и заштитата на човековите слободи и права. Во насока на ограничување на власта во рамките на правото, со Уставот на Р. Македонија се предвидува и уставно - правна контрола на уставноста и законитоста од страна на Уставниот Суд, притоа давајќи му улога на најзначајниот актер, чувар на духот и словото на Уставот. Ваквиот вид на контрола има за цел да ги поттикне и направи чувствителни сите субјекти во политичкиот систем на основните вредности на општествениот поредок утврдени со Уставот. 

Но оваа теорија за поделба на власта е далеку од реалноста, која ќе беше многу поинаква ако извршната власт сериозно ја сфатеше. Очигледно е дека предновогодишната желба на Претседателот на Уставниот Суд во 2010 година да има се помалку притисоци врз работата на Судот остана неисполнета. Праксата на напади врз работата на Уставниот Суд и судиите продолжува на уште подрзок и бескрупулозен начин.

Застрашува зачестеноста на низата напади, обвинувања и притисоци на сметка на работата на Уставниот Суд, кои не доликуваат за едно демократско општество кое го третира начелото на поделба на власта и ја гарантира независноста на судството. Слободата на говорот и информирањето често ја преминуваат границата и преминуваат во говор на омраза, па така Претседателот на Владата очигледно не разбирајќи ја улогата на извршната власт си зема за право да каже дека во рамките на Уставниот Суд влијае „друг фактор во државава, политички фактор, една друга политичка партија. Мене ми е жал што тоа го прави таа политичка партија“. Претседателот на Владата на „наивен“ начин се пожали дека не можел да влијае врз работата на судиите и нивните одлуки „ кои се диригирани од власта која ги поставила“. 

Повеќе од очигледна е и тенденцијата на извршната власт да ги заобиколи/игнорира одлуките на Уставниот суд преку изнаоѓање на „алтернативни решенија“ и провлекување на веќе донесените идеи/решенија, кои се прогласени за неуставни. Политичките партии внесени во своите партиски пресметки, ја занемаруваат заштитата на уставната содржина и димензија на основните слободи и права на граѓанинот, и се повеќе преку своето однесување ја нагласуваат арбитрарната волја на законодавната и извршната власт. Со ваквото однесување сериозно се поткопуваат постулатите на правната држава, концептот на владеење на правото и се воведува правна несигурност и недоверба во државата.

Хелсиншкиот Комитет за човекови права во повеќе наврати потенцираше дека за една држава да може да се нарече демократска и правна не е доволно само да се донесе Устав, туку е неопходно да се обезбеди негово остварување и контрола над неговото спроведување. Само на тој начин Уставот како највисок правен акт ќе ја добие својата смисла и ќе претставува брана против самоволието.

Комитетот искрено се надева дека Претседателот на Владата на Република Македонија нема да остане глув на многубројните забелешки, меѓу кои и оние од страна на Европската Комисија и претставниците на меѓународните фактори кои се однесуваат на притисоците од Владата врз Уставниот Суд и дека во иднина  со своето однесување ќе придонесе кон почитување на независноста на судството и ќе ја докаже зрелоста на нашето општество. Секако, искрено се надеваме дека во иднина ќе се развие благородно чувство и ќе се направи разграничување помеѓу слободата на говорот и говорот на омразата и ќе се придонесе кредибилитетот на сите институции да не биде предмет на дневно политички сензации.

1.3. Алтернативниот извештај на невладините организации кон државните извештаи за состојбата со правата на детето во Република Македонија

Конвенцијата за правата на детето (КПД) беше усвоена од Генералното собрание на ОН на 20 ноември 1989 година и стапи на сила на 2 септември 1990 година. Република Македонија пристапи кон КПД во ноември 1993 година. 

Правата зацртани во КПД ги дефинираат универзалните принципи и норми за статусот на детето. Денес се повеќе станува јасно дека владите сами не се во можност потполно да ги обезбедат детските права без учество на општеството воопшто и во оваа насока невладините организации играат фундаментална улога во имплементацијата на КПД. 

Со цел да се унапреди спроведувањето на КПД, беа создадени посебни протоколи за коишто државите кои ги ратификувале треба, исто така, да известуваат како оди нивното спроведување, и тоа:

O  Факултативниот протокол за Конвенцијата за правата на детето за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија беше усвоен во Њујорк на 25 мај 2000 година, а ратификуван од страна на Република Македонија на 17 октомври 2003 година; 

O  Факултативниот протокол за Конвенцијата за правата на детето за инволвираност на деца во вооружени конфликти беше усвоен во Њујорк на 25 мај 2000 година, а ратификуван од страна на Република Македонија на 12 јануари 2004 година. 

Во 2007 година, Република Македонија го предаде Вториот периодичен извештај за КПД, а во 2008 година Иницијалните извештаи за факултативните протоколи.

Во однос на заштитата на правата на децата во Република Македонија, Хелсиншкиот Комитет учествуваше во подготовката на Алтернативниот извештај[2] на невладините организации кон државните извештаи за состојбата со правата на детето во Република Македонија изработен од Националната коалиција за правата на детето - Република Македонија - (Неформална коалиција составена од 21 граѓанско здружение и 2 коалиции на граѓански здруженија).

Истиот содржи примери на бројни пропусти направени од страна на државните органи кои се надлежни за имплементација на Конвенцијата и заштита на правата на децата и голем број на препораки чие исполнување би ја подобрило состојбата на децата во Република Македонија.

Сите извештаи ги разгледува Комитетот за правата на детето при ООН, кој се состанува неколкупати годишно во Женева. Оваа година, во однос на Република Македонија, закажана е пред сесија во февруари, на која претставник од страна на Хелсиншкиот Комитет ќе биде дел од тимот кој ќе ги презентира Алтернативните извештаи пред Комитетот за правата на детето.

1.4. Владата дава ама не бара вистински отчет!

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија врз основа на Оглас за финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации од 25 Февруари 2009 год. аплицираше со проектот „Школи за човекови права“ со кој преку обучување на младите за концептот на човековите права и механизмите за заштита се допринесува во процесот на интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Со Одлука на Владата на Република Македонија за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за 2009 год. наменети за финансирање на програмските активности на здруженија на граѓани и фондации, доделени ни се финансиски средства за реализација на проектот „Школа за човекови права“.

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Републука Македонија најнапред ги доби финансиските средства на сметка (28 Декември 2009) а дури потоа (11 Јануари 2010) доби кратко известување од страна на Владата на Република Македонија кое содржеше информации за Одлуката на Владата за распределба на средства од Буџетот, рокот во кој треба да се достави Извештај за користењето на средствата.

Хелсиншкиот Комитет не случи посебен договор во кој ќе бидат таксативно наброени правата и обврските како корисник на средства од Буџетот доделени од Владата на Република Македонија, ниту беше известен за временскиот период во кој треба проектните активности да бидат одржани, информации за начините и формите за известување и сл.

Потребата од вакви информации не се наведени ниту во Одлуката на Владата на Република Македонија за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за 2009 год наменети за финансирање на програмските активности на здруженија на граѓани и фондации.

Излегува дека Владата ни дава буџетски средства (вo крајна линија пари на граѓаните на РМ), а не се грижи премногу да добие гаранции дека (и како) се трошат за намената за која се доделени. Сето ова доведува до поткопување на принципите на транспарентсност (јавност) и одговорност, принципи кои се стипулирани во Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор за 2007-2011 год.

Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија смета дека во иднина Владата на Република Македонија треба да развие посериозен пристап кон процес на буџетско финансирање, јасни критериуми и постапка со дефинирани права и одговорности на вклучените страни, постапка која ќе допринесе за поголема отчетност во распределбата и трошењето на буџетските средства како од страна на Владата на Република така и од страна на здреженијата на граѓани и фондации.

2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ

2.1. Случај И. С.

И покрај честите реакции од страна на Хелсиншкиот Комитет и предупредувањата дека тортурата е апсолутно забранета согласно меѓународните документи и стандарди ратификувани од страна на Република Македонија, сепак се уште до Хелсиншкиот Комитет се обраќаат странки кои биле тепани и малтретирани од страна на припадници на Министерството за внатрешни работи.

Еден од нив е и Г-нот И. С. од Велес, кој заради претходно вознемирување по телефон од страна на лице вработено во Министерството за внатрешни работи случајот го пријавил во Полициска станица Велес. Вознемирувањето продолжило, поради што странката се обратила во полиција и побарала повторно да го пријави случајот. Откако немало резултати се одлучил да побара закажување на состанок со началникот на полицијата. 

Истиот ден кога бил закажан состанокот, тој бил запрен од страна на припадници на полицијата, а кога влегол во полициската станица, во една од собите бил малтретиран, тепан, застрашуван, навредуван и понижуван од страна полицајците. Имено, по влегувањето во полициската станица тој  влегол во една соба на првиот кат, а по него влегол и припадник на полицијата кој веднаш го удрил со тупаница по устата и по челото, по што го фатил за врат и почнал да го дави, а главата му ја удирал од ѕидот. При тепањето припадникот на полицијата му пренел дека тој е лицето кое му се јавувал по телефон. 

Од давењето и ударите од ѕидот Г-нот И. С. паднал во бесознание. Кога се освестил лежел на подот, а пред него стоел полицаецот, заедно со уште двајца други припадници на полицијата. Сите тројца го навредувале и му викале, а првиот полицаец го извадил пиштолот, му рекол на Г-нот И. С. да ја отвори устата и му ја ставил цевката во уста истовремено заканувајќи му се дека ќе го убие и него и неговата фамилија доколку каже на некого за настанот.

По некое време, на Г-нот И. С. му било кажано да стане од подот и да ги стави рацете позади, по што му ставиле лисици и му рекле да оди пред нив. Го качиле на вториот кат, а за тоа време го удирале по слабините, по грбот и по целото тело. Го внеле во една соба на вториот кат и му рекле да седне на едно од столчињата. Кога Г-нот И. С. седнал на столчето, изненадно од позади него полицаецот го удрил со нога во главата по што истиот се удрил во регалот и повторно паднал во бесзознание, по што била повикана брза помош, а по нивната интервенција тој бил внесен во полициски автомобил и однесен во болница.

Во врска со овој случај, Хелсиншкиот Комитет се обрати и до ПС Велес и до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи. Изненадувачки и зачудувачки е одговорот кој го добивме од страна на Секторот, со кој не известуваат дека наводите во дописот се неосновани, со образложение дека: “кон подносителот на претставката во службените простории двајца полициски службеници превзеле средства за присилба согласно член 80 од Законот за полиција во вид на физичка со употреба на зафат и средства за врзување на лице со цел да го оневозможат самоповредувањето на лицето кое било во таа службена просторија, откако истото самоволно се качило на работнотo биро во службената просторија.

Наведениот полициски службеник влегол во канцеларија по наредба нa  помошник началникот на Секторот за внатрешни работи – Велес откако истиот случајно поминувајќи во близина на канцеларијата слушнал викање “Помагајте колеги” по што и самиот влегол во просторијата, по што и наредил на полициските службеници кои во моментот биле затекнати во близина на просторијата да им помогнат на двајцата полициски службеници кои со употреба на физичка сила со зафат го спречувале подносителот на претставката да се самоповреди, при што на еден полициски службеник му ги дал средствата за врзување – службените лисици со кои бил врзан подносителот на претставката.“

Како потсетување, би сакале да нагласиме дека забраната на тортура е предвидена:

-      во член 1[3] од Конвенцијата против тортура и други сурово, нехумано и понижувачко однесување и казнување, донесена од страна на Организацијата на обединетите нации; 

-      начелото 6[4] од Групата начела за заштита на сите лица кои се под било каква форма на притворање или затворање при Организацијата на обединетите нации од 1988 година;

-      член 3[5] од Европската конвенција за човекови права.

Согласно принципите за ефикасна истрага и документирање на тортурата и други сурови, нехумани и понижувачко однесување и казнување, сите жалби и пријави за тортура мора брзо и преку ефикасна истрага да се проверат и да се поведе постапка од страна на објективен и независен орган.

Обврската за спроведување на ефикасна истрага во случаи каде постојат индиции за тортура беше констатирана како основ за повреда на членот 13[6] а во врска со членот 3 од Европската конвенција за човекови права со пресудата на Европскиот суд за човекови права, Јашар против Македонија[7]. 

Хелсиншкиот Комитет поднесе кривична пријава до ОЈО Велес за кривично дело “Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување”  и “Малтретирање во вршење на службата” и ги повикува надлежните органи сериозно да ги сфатат забелешките на Европскиот суд за човекови права, да наложат да се спроведе ефикасна истрага и да се казнат сторителите без постојано прогледување низ прсти само затоа што тие се припадници на Министерството за внатрешни работи.

2.2. Случај Апостол Крстевски

До Хелсиншкиот Комитет се обрати лицето Апостол Крстевски, кој не извести дека при Основниот Суд Скопје 1 – Скопје се водела кривична постапка заведена по К.бр.1533/06 против З.К. и И.К. за кривично дело “Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти” и кривично дело “Криумчарење мигранти”.

На 29.11.2006 година Основниот Суд Скопје 1 – Скопје донел пресуда со која обвинетите биле прогласени за виновни и осудени на казна затвор.

Останувајќи незадоволни од пресудата, во законски предвидениот рок била поднесена жалба од страна на обвинетите и Јавното обвинителство на Република Македонија – Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција

Апелационен  суд Скопје на јавна седница одржана на ден 01.02.2008 година донел пресуда КЖ.бр. 2735/07 со која вложените жалби од обвинетите и нивните бранители се одбиени како неосновани, а изјавената жалба од страна на Јавното Обвинителство на РМ била уважена а првостепената пресуда била преиначена во делот на правилната примена на КЗ и одлуката за кривичната санкција, и со истата на обвинетите им го зголемил времетраењето на казната затвор за уште по 2 години.

Во 2008 година било поднесено барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда до Врховниот суд на Република Македонија и бил заведен предмет Квп.бр. 145/08, кој сеуште не е решен.

Поради долгото траење на постапката, Хелсиншкиот Комитет се обрати до Врховниот суд на Република Македонија, по што бевме известени дека причина за долгото траење на постапката е тоа што: предметот административно е вратен во Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, од кој суд повторно е доставен до Врховниот суд на Република Македонија на 30.01.2009 година. Предметот повторно на 22.06.2009 година е административно вратен во Основниот Суд Скопје 1 – Скопје заради уредување и сеуште не е вратен од страна на Основниот Суд до Врховниот Суд на Република Македонија.

Хелсиншкиот Комитет го потсетува Врховниот суд на Република Македонија на обврската судските постапки да се водат во разумен рок, согласно Законот за кривична постапка и чл.6 од Европската Конвенција за човекови права. 

Очекуваме дека проблемот со административното препраќање на предметот наскоро ќе биде надминат и истиот ќе биде конечно решен.

2.3. Случај на О.С. oд Гостивар

“Внатрешното работење на судовите обезбедува законито, навремено и ефикасно вршење на функцијата, како и непречено, во разумен рок и економично остварување на правата и обврските на странките”, пропишува член 2 од Судскиот деловник.

Меѓу другото, член 10 од Законот за парнична постапка пропишува дека „Судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката”.

Колку реално се спроведуваат овие и многубројните други добро стипулирани законски одредби, кои само го красат нашиот корпус на закони, укажуваат безбројните реакции за прекршување на правата на странките за судење во разумен рок.

Тоа го потврдуваат и многубројните претставки поднесени до Хелсиншкиот комитет, но и самите судови во нивните одговори. Последен во редот е Основниот суд во Гостивар, за чие постапување претставка поднесе лицето О.С. од Гостивар.

Имено, според наводите на странката, во континуитет од неколку години, рочиштата закажувани во врска со постапка поведена по тужба поднесена од негова страна уште во 2003 година, често се одлагаат, само поради отсуство на тужените, бидејќи истите долги периоди одат на привремена работа во странство. Од тие причини, како што понатаму тврди странката, постапката се уште е во тек, а судот не презема конкретни мерки за надминување на пречките за конечно пресудување.

Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати со писмен допис до Основниот суд во Гостивар. Во својот одговор, но и во одговорот на барање до Судскиот совет, судот известува следново: предметот бил предаден во работа на еден судија кој од распоредувањето, па се до предавање на предметот на друг судија закажал и одложил десет рочишта, повеќето поради отсуство на тужените. Понатаму, другиот судија, закажала, одржала и одложила 21 рочиште, пред се заради недоаѓање на тужените бидејќи двајца од нив биле на времена работа во странство. Кон средината на 2008 година, а за среќа на тужителот, дошло до промена на евиденцијата на недвижниот имот кој бил предмет на тужбата, по што истиот извршил прецизирање на истата. И кога конечно работите се раздвижиле, поради заминување на судијата во пензија, во текот на месец септември 2009 година предметот бил доделен во работа на трет судија.

Биле потребни речиси седум години материјален и нематеријален трошок на тужителот, за судот да почне да одржува рочишта, а благодарение на новонастанатата состојба во интерес на тужителот за забрзување на постапката. Во спротивно, сигурно судот не обрнал внимание на одредбите од Законот за парнична постапка, а имено на член 277 според чиј став 2: „Ако на подготвителното рочиште не дојде тужениот, кој е уредно поканет и не го оправда своето отсуство, а не постојат услови за донесување пресуда поради изостанок, судот ќе расправа со присутната странка”, како и особено на став 2 член 280 според кој: „Ако на првото рочиште за главна расправа не дојде тужениот, а изостанокот не го оправда и нема услови за донесување на пресуда порад изостанок, како и кога на некое подоцнежно рочиште ќе изостане тужениот, расправата може да се одржи”. Па така, постапката се уште си трае...

За жал ниту Судскиот совет, кој е надлежен да ја следи и цени работата на судиите, не сметал за целисходно да укаже на повреда на правото на судење во разумен рок, како и неисполнување на сите законски мерки кои на конкретниот судија му стојат на располагање за заштита на истото право и обврската за обезбедување на сите подготовки и објективни услови за побрзо окончување на постапката (член 300 од ЗПП). Ако ја имаме во предвид и засега не баш големата функционалност и ефикасност на правото да се поднесе барање за заштита на правото за судење во разумен рок до Врховниот суд на РМ, очигледен е заклучокот за немање контрола над работата на судиите во врска со ова прашање во нашиот судски систем, поточно неефикасност и на постојните механизми. 

2.4. Случај “Змиско око II”

Во мај 2008 година јавноста беше запознаена со уште една полициската акција на спектакуларни приведувања проследена со медиумска покриеност, таканаречена “Змиско око II” во која по претходно поднесена кривична пријава за сторено кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување”, вработени во ЈП “Македонија пат” беа приведени и изведени пред истражен судија. 

Наредниот ден од страна на ОЈО за организиран криминал поднесен е обвинителен акт за 25 лица, од кои 19 работеле на работно место одговорно лице на наплатна станица, 5 лица биле вработени како контролори на наплатна станица, а еден е раководител на наплатна служба.

Сите тие се обвинети затоа што во период од април до ноември 2007 година како службени лица во ЈП Македонија пат, извршиле кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување”[8], а со намера претходно обвинетите во случајот “Змиско око 1” во својство на инкасанти на наплатни станици да прибават значителна имотна корист. Притоа, тие дејствувале како добро организирана група поради што се теретат и со кривичното дело “Злосторничко здружување”[9].

Во своето обвинение обвинителството исто така ги терети обвинетите дека направиле штета на Фондот за магистрални и регионални патишта во ист износ кој како штета им се става на товар и на обвинетите во случајот “Змиско око 1”. ?!? 

Во оваа постапка дел од обвинетите биле во притвор за време од 2 месеци или во куќен притвор во траење од 6 месеци. 

Паралелно со поведувањето на кривичната постапка обвинетите, со Налог за отстранување на работник од работа се отстранети од работа со образложение дека сториле повреда на работните обврски и дисциплина затоа што на истите во кривична постапка им е определена мерка притвор или куќен притвор соодветно, а во врска со работата и вршењето на работните задачи. Отстранувањето од работа трае се до завршувањето на постапката. Значително е што и покрај престанувањето на причината за суспензијата од работа, обвинетите се уште не се вратени на работа. 

Покрај повредата на правото на приватност преку јавното жигосување на обвинетите, недоследностите при подигнувањето на обвинението и негово менување по период од седум месеци и одолговлекување на постапката, во овој случај повеќе од евидентна е и повредата на начелото на пресумпција на невиност во ситуација кога група на лица се теретат за кривично дело поврзано со претходно кривично дело за кое сеуште не е докажано дека постои ?!? 

Основното уставно начело кое владее во правниот поредок во Република Македонија е начелото на пресумпција на невиност според кое “лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука”[10]. 

За жал, од изнесеното се добива впечаток дека обвинителството и судските власти како да подзаборавиле на овој базичен принцип кога решиле да ја водат оваа кривична постапка притоа доведувајќи се во положба од институции задолжени да ги штитат и спроведуваат законите да бидат тие кои ги прекршуваат. 

Сепак, целата оваа нелогичност оди на штета на кој друг ако не на граѓаните кои се обвинети во оваа судска постапка што се одолговлекува скоро две години чекајќи го исходот од претходната постапка за случајот на “Змиско око 1”, а имајќи го во предвид нејзиниот исход очигледно е дека агонијата во овој случај ќе трае уште долго. 

Притоа, обвинетите постојано се изложени на исчекување и стрес како и на адвокатски трошоци, а со отстранувањето од работа и на континуирано загрозување на правото на работа и соодветна заработувачка со што несомено се повредува и правото на личноста со уривање на човековото достоинство, загарантирано и при судски постапки. Со тоа се создаде состојба во која голем број граѓани се отстранети од работа и притоа добиваат личен доход, а на нивно место работат други граѓани кои за истата работа исто така примаат личен доход.

Не може да се избегне заклучокот дека со своето неодговорно и несериозно постапување институциите водат судска постапка директно спротивна на принципот за судење во разумен рок, со што се поткопува правниот поредок и штети на почитувањето на човековите права на обвинетите во случајот. 

3. ПОВРЕДИ НА ЕКОНОМСКИТЕ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА

3.1. Дискриминација на корисниците на социјална парична помош и постојана парична помош

Министерството за труд и социјална политика во месец декември 2009 година донесе Правилник за начинот за остварување на правото на постојана парична помош и Правилник за начинот за остварување на правото на социјална парична помош[11].

Во Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош е предвидено дека родителскиот додаток за дете влегува во приходите врз основа на кои се пресметува состојбата на приходите на подносителот на барањето за постојана парична помош и лицето кое е должно согласно со Законот за семејството да го издржува.

Исто така, во Правилникот за начинот за остварување на правото на социјална парична помош е предвидено дека родителскиот додаток за дете влегува во вкупните примања на домаќинството врз основа на кои се утврдува дали подносителот ги исполнува условите за добивање на социјална парична помош.

Донесувањето на овие членови претставува директно прекршување на одредбите на Уставот на Република Македонија и Европската Конвенција за човековите права, ратификувана од страна на Република Македонија. 

Правилниците во делот со родителскиот додаток се во спротивност на Уставот на Република Македонија и членот 14[12] од Европската конвенција за човековите права, со кој се забранува дискриминацијата по било кој основ и Протоколот бр. 12[13] кој предвидува генерална забрана на дискриминацијата и претставува дополнение на членот 14 од Европската Конвенција за човекови права.

Со овие правилници корисниците на социјална парична помош и постојана парична помош се ставаат во нееднаква положба до другите граѓани во Република Македонија кои примаат родителски додаток за трето дете. 

Лицата кои се во работен однос и имаат трето дете без никакви ограничувања ги земаат паричните средства од родителскиот додаток. Токму на тој принцип треба да бидат направени и правилниците донесени од страна на Министерството за труд и социјална политика и родителскиот додаток за дете да не претставува пречка тие да си го остварат правото на постојана парична помош или социјална парична помош. 

Целта на родителскиот додаток за дете е стимулирање на зголемување на наталитеот, а не замена на приходи за корисниците на постојанатата парична помош или социјалната парична помош. Со донесувањето на овие членови се дестимулира раѓањето на трето дете во семејствата кои се корисници на социјална парична помош или постојана парична помош.

За да се воспостави еднаквост помеѓу сите граѓани кои се корисници на правото на родителски додаток за дете мора да се поништи точката од двата правилника со која истиот се предвидува како приход на подносителот на барањето. 

Хелсиншкиот Комитет поднесе Иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија и очекува тој во најкус можен рок да ги поништи оспорените одредби од Правилниците.

--------------------------------------------------------------------------------

[1] Мнистерството за труд и социјална политика

[2] Алтернативен извештај на невладините организаци кон државните извештаи за состојбата со правата на детето во Република Македонија

[3] Тортура е “акт на силна болка и страдање, како физичка така и душевна која е намерно нанесена со цел .......... негово заплашување ..... а предизвикано од службено лице .......“.

[4] Ниедно лице под која било форма на притвор или затворање не смее да биде подложено на тортура или на суров, нехуман или деградирачки третман или казна. Никакви околности не смеат да бидат користени како оправдување за тортура или други сурови, нечовечки или деградирачки третмани или казна. 

[5] Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

[6] Право на ефикасен правен лек, лен 13 од ЕКЧП

[7] Апликација број 69908/01 од 15 февруари 2007

[8] од член 353 ст.5 вв со ст.3 вв со ст.1. вв со член 45 од КЗ

[9] по член 394 ст.2 од КЗ.

[10] Член 13 од Устав на РМ

[11] Службен весник бр.146 од 7 Декември 2009 год.

[12] Член 14 од ЕКЧП 

Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, ќе се обезбеди на сите без дискриминација, без оглед на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус.

[13] Протокол 12: 

Генерална забрана на дискриминација

1. Уживањето на правата утврдени со закон ќе бидат загарантирани без дискриминација, без оглед на пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, раѓање или друг статус.

2. Никој нема да биде дискриминиран од страна на било која власт по било кој основ како оние наведени во параграф бр.1. 


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo