Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - јануари, 2018 година 06 Февруари 2018

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување и нерегуларната миграција, за периодот 01.01.2018 – 31.01.2018 година, може да се преземе на следниов линк.

 Гевгелија

Во текот на овој месец, состојбата во кампот е мирна, без значителни промени. Околу 9 месеци во кампот престојува семејство со потекло од Авганистан, мајка со две деца, а останатите бегалци доаѓаат и си одат. Забележано е зголемено движење на бегалци со потекло од Иран, ако и на семејства, наместо индивидуалци.

Просторни капацитети и услови

Бегалците остваруваат прошетки во градот, доколку имаат потреба од пазарење или лекарска помош во болницата.

Нема поголема промена во инфраструктурата во кампот.

По празниците, во кампот се вратија полициски службеници од Република Чешка, а се забележуваат и мешаните полициски патролни тимови.

Институционално постапување

На почетокот на месецот во кампот се присутни 6 бегалци односно семејство (мајка со две деца) со потекло од Авганистан, брачен пар со потекло од Сирија и едно лице од Ирак.

На самиот почеток од месецот, во кампот се донесени тројца бегалци од кои маж и жена со потекло од Сирија кои патуваат заедно и едно лице од Ирак (маж) кој бил затекнат со нив. Парот кој потекнува од Сирија, во кампот се задржаа скоро две недели, поради медицински испитувања. На 21.01.2018 година, тие се пренесени кон Грција.

На 04.01.2018 година, во кампот се донесени тројца бегалци со потекло од Мароко и Алжир. Кратко после нив донесени се уште двајца бегалци со потекло од Сирија. Откако се испрашани од страна на полицијата во текот на денот, сите се пренесени кон Грција. Ноќта помеѓу 04ти и 05ти во кампот се донесени 7 бегалци од Авганистан од кои 3ца мажи, 3 жени и едно 6 годишно дете. По испрашувањето од страна на полицијата, сите се пренесени кон Грција, бидејќи не сакале да ја поминат ноќта во кампот. Во текот на утрото наредниот ден, донесени се уште 12 бегалци со потекло од Сирија, Алжир и Мароко, а попладнето уште 7 бегалци со потекло од Иран, кои по испрашувањето од страна на полицијата исто така се пренесени кон Грција.

На 13.01.2018 година во кампот се донесени тројца бегалци со потекло од Иран кои полицијата ги затекнала на автобуската станица во Гевгелија. Наводно, тие пешачеле три дена од граничниот премин Табановце, без да знаат каде се движат. Еден од нив беше во потешка здравствена состојба, поради што неколку часа е задржан во болница во Гевгелија. Откако му е определена терапија, сите тројца се пренесени на Грчка страна. Истиот ден во кампот е донесено семејство со потекло од Иран, односно маж и жена со две малолетни деца. Откако се регистрирани и испрашани од страна на полицијата, тие се привремено сместени во кампот.

На 15.01.2018 година, во кампот се донесени 5 бегалци од кои еден од Сирија и тројца од Иран, а подоцна во денот и едно лице од Авганистан. На бегалецот од Сирија, според неговите кажувања, му биле одземени 2.000 евра од страна на криумчар кој го излажал дека ќе го однесе до Србија, а го оставил во Гевгелија. По испрашувањето од страна на полицијата, сите се пренесени кон Грција.

Во наредните денови во кампот се донесени 11 бегалци со потекло од Ирак, односно две семејства меѓу кои и 6 деца. Тие се фатени во група од 28 бегалци, при што останатите се веднаш депортирани кон Грција. На 30.01.2018 година, по нивна волја двете семејства се пренесени кон Грција. Со тоа во кампот останаа 7 бегалци, едно семејство од Авганистан (мајка со две деца) и едно семејство со потекло од Иран (мајка, татко и две деца).

Куманово

Состојбата во кампот во Табановце е релативно мирна, со зголемено движење на бегалци, индивидуалци и групи. Бројот на бегалци кои престојуваат во кампот не надмина 30.

Просторни капацитети и услови

Бегалците во кампот се жалат на немањето пристап до интернет.

Во кампот се забележува дека сите бегалци кои беа присутни во текот на месецот се регистрираа од страна на институциите, односно немаше нерегистрирани бегалци.

На крајот на месецот, во кампот се присутни 24 бегалци, од кои сите се регистрирани и по потекло најголем број од Пакистан (13), 6 од Сирија, 3 од Авганистан и двајца од Либија.

На крајот на месецот, во кампот оствари посета тимот на Националниот превентивен механизам од канцеларијата на Народниот правобранител.

Институционално постапување

На почетокот на месецот во кампот се наоѓаат 22 бегалци, меѓу кои една жена со потекло од Авганистан. Останатите се сите мажи со потекло од Авганистан, Пакистан, Алжир, Палестина, Мароко и Либија.

На 02.01.2018 година, од кампот си заминаа 4 бегалци од Авганистан, меѓу кои и една жена, пред се поради лошите услови во кампот и недостатокот на интернет. Според нив, полицијата им ветила дека ќе им се организира превоз до Гевгелија, за што вообичаено се потребни неколку дена. По два дена чекање одлучиле сами да заминат.

Едно лице со потекло од Пакистан, кој е дел од групата која настрада во сообраќајна незгода, неколку дена нема информација за тоа каде е задржан неговиот братучед кој веројатно е сведок во случајот.

Хелсиншкиот комитет повторно предупредува дека слободата на движење не смее да им биде ограничена на бегалците или мигрантите кои се затекнати на територијата на Република Македонија како сведоци во постапките против криумчарите. Ваквото задржување претставува неоправдано ограничување на слободата на движење.

На 04.01.2018 година во кампот се донесени двајца бегалци со потекло од Сирија, во придружба на тимот на Црвен Крст. Тие дошле во кампот со цел да го пријават исчезнувањето на братот на еден од нив, кој поради физичка повреда не успеал да го продолжи патот со нив. По информирањето на полицијата и остварениот разговор, се преземаат мерки за да се спојат.

Ноќта помеѓу 4ти и 5ти, од кампот си заминале петмина бегалци, со потекло од Палестина, Сирија и Мароко.

Во текот на 6ти, 7ми и 8ми јануари, во кампот постојано пристигнуваа нови бегалци. Така, на 7ми во кампот пристигнале 5 бегалци со потекло од Пакистан, а го напуштиле двајца од Либија, додека на 8ми јануари, пристигнале уште 13 бегалци од кои 8 од Сирија и 6 со потекло од Пакистан. Со тоа, во кампот бројот на бегалци достигна 30 од кои сите се машки лица. На 10.01.2018 година, тројца бегалци со потекло од Сирија го напуштиле кампот и се упатиле кон Грција.

Едно лице со потекло од Либија кое има поднесено барање за азил, е вратено од Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово, поради недолично однесување. Поради проблематично однесување, лицето е под надзор на институциите, а редовно ја прима и препишаната терапија. Исто така, бегалците кои претрпеа сообраќајна несреќа се во добра здравствена состојба и им се обезбедува потребната терапија.

На 16.01.2018 година, во кампот е пристигната група од 11 бегалци во придружба на Црвен Крст, која била пресретната од страна на полицијата во с. Сопот, а се вратила од Србија. Меѓу нив има и четиричлено семејство односно маж, жена и две малолетни девојчина.

Едно лице со потекло од Авганистан изрази намера за барање азил. Лицето не поседува никакви документи за лична идентификација, но неговото барање е проследено и по само неколку дена лицето е преместено во Прифатниот центар за баратели на азил, Визбегово.

На 23.01.2018 година, во кампот пристигна група од 6 бегалци со потекло од Сирија, кои биле пресретнати од страна на полицијата во с. Сопот, а во кампот донесени со придружба на Црвен Крст. Според нив, по краток престој во кампот, повторно ќе се обидат да ја преминат границата.

На 28ми пак во кампот се пристигнати двајца бегалци со потекло од Авганистан, кои екипата на Црвен Крст ги затекнала на автобуската станица во Куманово. Нивната цел е да продолжат кон Србија.

Нерегуларна миграција

Во текот на јануари, 2018 година, Министерството за внатрешни работи во своите билтени регистрирало два кривично-правни настани поврзани со бегалците и криумчарењето. Првиот настан е регистриран на 16.01.2018 година, кога полициски службеници од станицата во Сопот, забележале група која ја преминува македонско- српската граница. Во групата имало единаесет бегалци од кои, едно лице со потекло од Сомалија, четири лица со потекло од Иран и шест лица со потекло од Сирија, кои одредено време престојувале во Србија. Лицата се пренесени во транзитниот кампот Табановце.

Во вториот случај, на 19.01.2018 година, во близина на с. Арачиново, од страна на полициските службеници при рутинска контрола е сопрено патничко возило во кое биле затекнати девет бегалци со потекло од Пакистан, без било какви документи во себе. Бегалците и возачот на возилото се приведени во полициската станица во Гази Баба за понатамошна постапка. 


 „Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo