Corner Извештаи

Месечен извештај за состојбата со човековите права во РМ за декември 2017 година 15 Јануари 2018

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за декември 2017 година опфаќа теми од областите: Правосудство, Дискриминација, Говор на омраза, Полиција и следење на комуникации, Работнички права и Текстилни работнички. 

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк 

ПРАВОСУДСТВО

ПРЕЗЕНТИРАН ИЗВЕШТАЈОТ ОД РАБОТАТА НА РАБОТНАТА ГРУПА ЗА УВИД ВО АКМИС СИСТЕМОТ

Во текот на декември 2017 година, министерот за правда Билен Саљији го презентираше Извештајот од увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзорот над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите.

Вршењето увид во работата на АКМИС системот за автоматска компјутерска алокација на предметите во македонските судови беше резултат на извештајот од експертската група на Прибе, во кој беше наведено дека постојат сериозни индиции за злоупотреба на овој систем.

Овој увид беше спроведен во текот на месеците октомври и ноември 2017 година во рамките на надлежноста на Министерството за правда предвидена во Законот за судовите и Судскиот деловник и ги опфати Основниот суд Скопје 1 Скопје, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд на Република Македонија.

Според информациите претставени од страна на министерот за правда, увидот го спровела работна група која ја сочинувале стручни лица од Министерството за правда, судии и информатичари. Предмет на увид, во сите три суда, биле процедурите за функционирање на АКМИС, годишниот распоред на судиите, процедурата за исклучување на судија од автоматска распределба и прераспределба на предмети, како и сите одлуки за рачна распределба на предмети.

Увидната работна група констатирала недоследност во примената на Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник како и недоследност во користењето на АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1 Скопје и во Врховниот Суд. Во Апелациониот Суд во Скопје било констатирано дека Законот за управување со движењето на предметите во судот и Судскиот деловник се применуваат, АКМИС системот е имплементиран и редовно се користи освен во делот за судска управа.

Освен тоа, министерот за правда информираше и за наодите и за воочените недоследности од секој суд поединечно. Накусо резимирано, некои од констатираните неправилности се однесуваат на следново:

1.Во Основниот суд Скопје 1 Скопје, Годишен план за управување со движење на предметите во судот бил донесен само во 2013 година, но не било формирано. Работно тело за управување со движење на предмети во судовите. Воедно, не биле донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предмети во судот. Годишниот распоред за работа на судот за 2016 и 2017 година бил често менуван и не била испочитувана процедурата за негово донесување. Работната група истовремено утврдила и дека не биле испочитувани одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите согласно кои АКМИС системот задолжително се користи при управувањето со движењето на предметите во судовите. При увидот во судот било констатирано дека постојат 860 предмети во кои нема доделен судија, со што се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на судот и на судиите коишто се доставувани до повисоките судови, Судскиот совет на Република Македонија и Министерството за правда. Освен тоа, според наодите на оваа работна група исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука со наредба и без образложена причина, туку само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.

2.И во однос на Врховниот суд на Република Македонија биле констатирани бројни неправилности кои се однесуваат на тоа дека не било формирано Работно тело за управување со движењето на предметите во судот, секоја промена на претседателот на судот веднаш била проследена со носење на нов распоред за работа на судиите, а не била испочитувана ниту процедурата за годишна промена на распоредот. Во таа смисла, забележано е пренебрегнување на начелото на специјализација на судиите, така што судиите кои постапувале во предмети од граѓанска материја се прераспределувале во кривична материја и обратно. Понатаму, иако АКМИС системот се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предметите за што постоела писмена одлука од Претседателот на судот, таа не била во согласност со одредбите на Судскиот Деловник со што на овој начин наместо случаен избор на судија се добивал очекуван избор на судија. Работната група воочила и појава на прераспоредување на поименични предмети од еден на друг конкретен судија, која не се вршела преку АКМИС системот туку рачно преку системот биле распределени предмети на судиите кои биле определени за постапување по тој вид предмети.

3.Што се однесува до Апелациониот Суд во Скопје, работната група не констатирала позначајни отстапувања од законските обврски, освен тоа што основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар.

Препораки: Севкупно, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги поздравува активностите преземени во насока на идентификување на недоследностите во досегашното функционирање на АКМИС системот и на изнаоѓање начини за нивно надминување. Имено, досегашните недостатоци на системот беа причина за негови чести злоупотреби што неминовно во јавноста ја зголеми недовербата во судството, особено кога станува збор за начинот на постапување во одредени високи профилирани случаи на организиран криминал и корупција, кои инволвираа и носители на високи државни функции. Сепак, покрај веќе изнесените препораки од страна на работната група формирана при Министерството за правда, кои се однесуваат на доследно почитување на постојната законска регулатива и на јакнење на институционалната рамка отелотворена низ работните тела како надзорни механизми за управување со движењето на предметите во судовите, како и на улогата на Судскиот совет во мониторингот врз имплементацијата на АКМИС системот, Хелсиншкиот комитет упатува на потребата од посистемски пристап кон целиот процес на спроведување и мониторинг врз воспоставениот систем за алокација на судските предмети. Тоа треба да создаде гаранции за спречување на идни недоследности и злоупотреби и конечно да влијае врз унапредувањето на довербата и кредибилитетот на правосудниот систем, како претпоставка за ефикасна судска заштита на човековите слободи и права.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО ВИСОКООБРАЗОВНА ИНСТИТУЦИЈА ПО ОСНОВ НА РЕЛИГИЈА И ВЕРСКО УВЕРУВАЊЕ

До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обрати странка од исламската вероисповест која носи шамија на главата, наведувајќи дека била дискриминирана од страна на професор на еден од факултетите при Универзитетот Св.Кирил и Методиј. Во конкретниот случај странката била дискриминирана од страна на професорот кој пресретнувајќи ја во еден од ходниците во факултетот ја предупредил дека доколку дојде кај него на полагање на претстојниот испит со шамија, истата нема да може да полага доколку не ја отстрани шамијата. Бидејќи таа претстојниот испит кај професорот треба да го полага за два месеци, се загрижила дека поради тоа што ѝ го рекол професорот може да биде спречена да го полага. Од овие причини таа решила за овој проблем да се обрати до деканот на факултетот кој само го потврдил кажувањето на професорот дека од неа се бара да ја извади шамијата доколку сака да го полага испитот.

Носењето на шамија кај жените од исламската вероисповест е начин на кој тие ја изразуваат својата религија и истото во никој случај не може да биде причина за определено лице да биде поинаку третирано од друго или да му биде ограничено било кое право. Во конкретниот случај на студентката ѝ било кажано дека доколку не ја извади шамијата нема да може да полага испит заедно со останатите студенти и тоа единствено затоа што носела шамија. Дополнително и деканот на факултетот го потврдил условувањето на професорот за отстранување на шамијата доколку таа сака да го полага испитот, што само ја потврдува дискриминаторската практика на факултетот. Со своето постапување во конкретниот случај, факултетот преку професорот и деканот, сторил директна дискриминација на студентката врз основa на религија и верско уверување на начин што истата била условена да ја извади шамијата доколку сака да го полага испитот.

Дискриминацијата е спротивна на Уставот на Република Македонија и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Уставот на Република Македонија гарантира дека граѓаните на државата се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Законот за спречување и заштита од дискриминација, предвидува дека секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи врз различни основи се смета за дискриминација. Меѓу основите за дискриминација законот ја предвидува и дискриминацијата врз основа на религијата и верското уверување. Понатаму со член 3 од овој закон, се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор. Дополнително Законот за високо образование (Службен весник бр.35/2008 од 14.03.2008 година) во член 7 предвидува дека „Државјаните на Република Македонија имаат под еднакви услови право на образование на високообразовните установи во Република Македонија”.

Препорака: Хелсиншкиот комитет за овој случај поднесе претставка до Народниот правобранител со која побара Народниот правобранител да покрене постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните и заштита на начелото на недискриминација и да донесе мислење и препорака до факултетот, професорот и деканот на факултетот да ја прекинат дискриминаторската практика насочена кон студентките од исламската вероисповест кои носат шамии и безусловно во иднина да им овозможат да ги полагаат сите испити. Дополнително, Хелсиншкиот комитет од Народниот правобранител побара да даде општи препораки до сите факултети во рамките на Универзитетот Св. Кирил и Методија за отстранување на ваквиот тип на дискриминаторска практика, бидејќи со истата не само што се врши дискриминација врз студентките кои носат шамија, која е забранета, туку им се ограничува и правото на високо образование што е спротивно со Уставот на Република Македонија и Законот за високо образование.

ДИСКРИМИНАЦИЈА НА ЛИЦЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ НА КЛИНИКАТА ЗА РАДИОЛОГИЈА И ОНКОЛОГИЈА

До Хелсиншкиот комитет пристигна пријава од родители на дете со попреченост кое воедно е и штитеник во Специјалниот завод Демир Капија, наведувајќи дека нивниот син бил дискриминиран по основ на неговата попреченост од страна на докторка на Клиниката за радиологија и онкологија. Во случајот се работи за лице со попреченост оперирано од карцином на кое треба да му се одреди постоперативна терапија поради влошена состојба. Родителите забележале дека нивниот син започнал да ја губи тежината во изминатиот период по операцијата и од тие причини побарале да биде прегледан од доктор кој би му дал и евентуална терапија доколку е потребно. Првиот пат штитеникот бил однесен на преглед на Клиниката за онкологија во октомври месец од страна на две медицински сестри вработени во Специјалниот завод Демир Капија. При посетата докторката не ги примила сестрите со штитеникот, туку само побарала да ги види документите кои ги носеле. Откако ги погледнала и видела дека се работи за штитеник од Специјалниот завод Демир Капија кој има попреченост им рекла дека не може да го прими на преглед бидејќи според неа „има тој каде да оди и кој да го прегледува таму во заводот, јас немам што да му правам што сте дошле кај мене”. Штитеникот не бил ниту примен во нејзината канцеларија. Во извештајот кој докторката им го дала на сестрите пишува дека кај пациентот е присутна тешка ментална ретардација, не е контактибилен и не зборува, и заради таквите тегоби и општа здравствена состојба на пациентот контраидициран е натамошен третман. Имајќи предвид дека докторката не го ни примила пациентот во својата канцеларија, таа во никој случај не може да дава извештај единствено врз основа на медицинска документација во која има податоци за извршен оперативен зафат во јули и извештај од специјалист за натамошно лекување, а уште помалку да наведува дека натамошен третман на пациентот би бил конраиндикативен. По два месеци, во декември, родителите решиле самите да отидат кај докторката со целата документација, а со цел да побараат нивниот син да биде примен на преглед и да му се одреди евентуална терапија поради видното влошување на неговата состојба, односно продолженото губење на телесната тежина. Докторката најпрво не сакала да ги прими, но сепак им дозволила да влезат на разговор. Родителите побарале објаснување зошто нивниот син не бил прегледан во октомври кога бил донесен од страна на медицинските сестри од заводот и побарале термин кога да го донесат на преглед. На нивните барања одговорот бил речиси ист како првиот пат, дека нивниот син има каде да се лечи и дека нема што да бараат кај нејзе. Им рекла „да не и го носат тука” и да не доаѓаат повеќе. Родителите по ова си заминале и веднаш го пријавија случајот во Хелсиншкиот комитет.

Уставот на Република Македонија гарантира дека граѓаните на државата се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Понатаму Законот за спречување и заштита од дискриминација ја забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор. Согласно пак Законот за заштита на пациентите, здравствените услуги се постојано достапни и пристапни на сите пациенти подеднакво и без дискриминација. Законот во неколку членови експлицитно забранува дискриминација врз пациентите врз било која основа. Во Законот за здравствена заштита исто така се предвидува начело на правичност кое се остварува со забрана на дискриминација при укажувањето на здравствената заштита по однос на раса, пол, старост, национална припадност, социјално потекло, вероисповед, политичко или друго убедување, имотна состојба, култура, јазик, вид на болест, психички или телесен инвалидитет. Согласно член 20 од Законот за ментално здравје, „Се забранува дискриминација врз основа на полот, јазикот, верата, политичкото или друго уверување, националното или социјалното потекло, сродството, имотната и општествената положба или некој друг статус на лицето со ментална болест”. Согласно член 8 од истиот закон „Лицето со ментална болест има право на ист третман во грижата, лекувањето и рехабилитацијата, како и лицата болни од други болести”. Дополнително, согласно Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, „Стапувајќи во лекарската професија лекарите на Македонија свечено се обврзуваат дека: со сите сили ќе ја чуваат честа и благородните традиции на лекарската професија и при вршењето на своите лекарски должности нема да дозволат никакви разлики поради возраст, пол, националсност, раса, политичка припадност, сексулана наклоност, хендикепираност и општествено-економска положба;. Дополнително „лекарот е обврзан својата професија да ја извршува совесно, прецизно и одговорно, без оглед на возраста, полот, верата, националноста, расата, политичката припадност, сексуалната наклоност, хендикепираноста и општествено-економската положба и неговиот личен однос кон болниот и неговото семејство” Согласно пак Европска повелба за правата на пациентите, „Секој поединец има право на пристап до здравствените услуги потреб- ни за неговото здравје. Здравствената заштита мора да гарантира еднаков пристап за сите, без дискриминација врз основа на финансиската состојба, местото на живеење, видот на болеста или времето потребно за пристап до здравствената заштита”.

Кривичниот законик на Република Македонија со член 417 предвидува казнување за Расна и друга дискриминација, каде меѓу основите предвидена е и дискриминација врз основ на ментална или телесна попреченост. Со член 208 пак предвидено е казнување за Неукажување медицинска помош од лекар или друг здравствен работник.

За лица кои се деловно неспособни, неконтактибилни или со попреченост, никаде во законот не е предвидено дека не можат да бидат прегледани, напротив тоа е должност на докторот. Единствено кога се работи за одредена медицинска интервенција, се бара изјава од пациентот или за деловно неспособен пациент изјава дава родителот, законскиот застапник или стрателот. Докторката во два наврати спротивно на одредбите од Уставот, законите и Кодексот на медицинска деонтологија, одбила да изврши преглед врз пациент со попреченост со што сторила директна дискриминација и повреда на законите и кодексот.

Препорака: Хелсиншкиот комитет потенцира дека дискриминацијата по било која основа експлицитно е забранета со Уставот на Република Македонија, Законот за спречување и заштита и дискриминација и останатите закони кои во себе содржат одредби за забрана за дискриминација. Лицата со попреченост како и сите останати пациенти треба да бидат примени и прегледани од страна на доктор кој не смее по никоја основа да одбие преглед на пациент. Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија експлицитно ги обврзува докторите да ја извршуваат својата професија Со посредство на Хелсиншкиот комитет родителите беа приемни кај директорот на клиниката и пациентот беше примен кај друг доктор кој му изврши соодветен преглед. За овој случај Хелсиншкиот комитет ќе ги преземе сите правни дејствија за заштита на правата на дискриминираниот пациент и ќе биде покрената постапка за одговорност на докторката.

ГОВОР НА ОМРАЗА

ГОВОР НА ОМРАЗА КОН ЖЕНИТЕ

Иако во текот на 2017 година доминираше говорот на омраза предизвикан од општествено- политичките случувања во земјата, во последниот месец од годината е забележано негово намалување. Стивнувањето на политичка криза соодветно се одрази на употребата на говорот во јавните простори, како од јавните личности така и од граѓаните.

Во текот на месецот беа забележани два покарактеристични случаи на говор на омраза кои се појавија на социјалните мрежи. Загрижувачки е што и двата примери се говор на омраза врз основа на род и пол односно сексистички говор насочен кон жените. Во првиот случај, говорот на омраза се појави како реакција кон изјава на сопругата на Претседателот на Владата на Република Македонија, г-ѓа Зорица Заева, која беше дел од јавна дебата за еднаквост на жените во рамките на националната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Во својата изјава, г-ѓа Заева укажува дека „местото на жената не е во кујната”. Не постои место на жените и место на мажите. Сите сме еднакви.“. По споделувањето на изјавата на социјалната мрежа Фејсбук, покрај коментарите со политичка конотација, упатени се и бројни коментари со сексистички елементи, кои се деградирачки, дискриминаторски и понижувачки кон жените, како и коментари кои повикуваат на насилство кон жените. Хелсиншкиот комитет најостро го осудува ваквиот говор и смета дека коментарите кои содржат говор на омраза насочен кон жените треба да бидат веднаш отстранети.

Во вториот регистриран случај станува збор за објава на социјалната мрежа Фејсбук, од страна на лицето Нина Јанева, јавна личност и музички изведувач, која употребувајќи говор на омраза го коментира поставувањето на уметничката инсталација во Скопје „Скопје ред лајт дистрикт“, по повод Меѓународниот ден за спречување на насилство врз сексуалните работни(ци)чки (17ти декември). Во нејзината објава за настанот покрај употребата на навредливи зборови кон сексуалните работнички, таа употребува несоодветна терминологија и дискриминирачки содржини врз основ на пол и род, како и општествен статус. Покрај самиот говор на омраза кој е употребен во објавата, во коментарите дополнително се содржат навредливи и омаловажувачки зборови кон жените. Имајќи го предвид фактот дека станува збор за јавна личност, влијанието кое го има врз своите следбеници е големо, а оттука и последиците од употребениот говор се поштетни. Ваквото споделување на говор на омраза кон одредена маргинализирана група во општеството придонесува за зацврстување на предрасудите и стереотипите кои се основа на нетолеранцијата и насилството.

Препорака: Хелсиншкиот комитет најостро го осудува користењето говор на омраза од страна на јавни личности и ги повикува да се воздржат од употреба на ваков говор во јавност и на социјалните мрежи. Дотолку повеќе, Хелсиншкиот комитет ги опоменува електронските медиуми да воведат политика на отстранување на коментарите кои содржат говор на омраза на нивните објави на социјалните мрежи, имајќи предвид дека до нив има пристап поголема публика и имаат засилено штетно влијание.

ПОЛИЦИЈА И СЛЕДЕЊЕ НА КОМУНИКАЦИИ

РЕФОРМА НА БЕЗБЕДНОСНО-РАЗУЗНАВАЧКИТЕ СЛУЖБИ, СО ФОКУС НА СЛЕДЕЊЕТО НА КОМУНИКАЦИИТЕ

Хелсиншкиот комитет за човекови права, заедно со останатите здруженија на граѓани кои работеа на документот Блу принт во областа „Контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање” до Министерството за внатрешни работи поднесе документ, кој содржи детални препораки за подобрување на предложените законски решенија во областа на следење на комуникациите. Препораките се однесуваат на зајакнување на механизмите за контрола врз преслушувањето кои ќе ја подобрат правната рамка со цел намалување на можностите за злоупотреба на следењето на комуникациите и подобрување на системот на заштита на човековите права кога тие се повредени поради незаконско следење на комуникациите.

Воедно, би сакале да истакнеме дека процесот на развивање на предложените законски измени во оваа област, како најкритична, беше нетранспарентен, со оглед дека ниту едно од здруженијата на граѓани кое работи во оваа област не е повикано да биде член на работните групи кои ги подготвуваа законските измени. Ваквото постапување од страна на Министерството за внатрешни работи е спротивно на заложбите на Владата на РМ дадени во „Планот 3-6-9“, план за реформи кои ги предлага Владата. Имено, во делот на реформата на разузнавачките и безбедносните служби, Владата наведе дека „ќе обезбеди транспарентна и инклузивна дебата, во која процесот на консултации ќе биде соодветно спроведен. Реформите ќе се спроведуваат конкретно и на терен, дури откако ќе обезбедиме јасна слика, план и динамика за потребните промени, со кој ќе ги отстраниме причините за пројавените слабости во безбедносниот механизам и службите за безбедност и разузнавање и ќе ја вратиме довербата во истите.”

Понатаму, Владата предвиде дека ќе отпочне инклузивна дискусија во Собранието за избор на моделот за реформа на системот на следење на комуникациите и ќе подготви план за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), со листа на правни акти, административни и технички мерки и финансиски импликации.

Сепак моделот за реформа на системот на следење на комуникациите беше избран без никаква јавна дискусија и избраниот предлог за прв пат може да се види во предложените законски измени објавени на веб страната ЕНЕР. Дополнително, во јавноста беше соопштено дека Владата го избрала моделот за реформа на системот, но сепак таква одлука не може да се најде, што дава основан сомнеж дека Министерството за внатрешни работи нетранспарентно и самостојно го направило изборот.

Во оваа насока би сакале да го потенцираме и заклучокот на експертската група за системски промени во делот на владеењето на правото дека не се преземени дејствија за следење на препораките од претходниот извештај направен во 2015 година во однос на транспарентноста. Во најновиот извештај на експертската група објавен во септември 2017 година се наведува дека транспарентноста е една од клучните алатки за враќањето на довербата на граѓаните во институциите и дека грешките од минатото не смеат да бидат повторени и една форма на заробена држава да биде заменета со друга.

Препорака: Владата да го почитува начелото на транспарентност во работењето, особено за теми кои се однесуваат на заштита на основните човекови права на граѓаните, како што е правото на приватност.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НА ПРИЈАВЕНИ ПОВРЕДИ НА РАБОТНИЧКИ ПРАВА

До Хелсиншкиот комитет за човекови права во текот на месец декември беа поднесени повеќе пријави за повреди на работничките права од страна на работодавците.

Во пријавите кои пристигнаа до Комитетот, работниците се пожалија на неплатена прекувремена работа, неисплатени плати повеќе од 3 месеци, неисплатени придонеси, противправно ограничување на правото на пауза за време на работното време, неисплатен годишен регрес.

Согласно Законот за работни односи работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.

Понатаму, работникот има право на заработувачка - плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Работодавачот е должен на работникот да му ја исплати платата на начин утврден со закон. Работодавачот е должен да му издаде на работникот при секое исплаќање на платата како и до 31 јануари на новата календарска година писмена пресметка на платата, придонесите од плата и надоместоците на платата за платниот период, односно за изминатата година од кои, исто така, се гледаат и пресметката и плаќањето на даноците и придонесите.

Согласно Законот за работни односи, за време на дневното работно време работникот кој работи шест часа и подолго од шест часа има право на пауза во траење од 30 минути.

Согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината. Износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.

Во досегашното искуство на Хелсиншкиот комитет при постапување по пријави за повреда на работничките права е забележана голема недоверба кон надлежните институции и аверзија на работниците директно да се обратат до Државниот инспекторат за труд, поради стравот дека пријавата воопшто нема да биде испроцесирана или пријавувањето ќе резултира со губење на работното место.

Препорака: Работодавците се должни да ги почитуваат работничките права согласно Законот за работни односи и колективните договори. Прекршувањата на работничките права треба да бидат несакан исклучок, а не правило. Имајќи го тоа предвид, неопходно е ефективно и ефикасно постапување на Државниот инспекторат за труд. Хелсиншкиот комитет поднесе барања за иницирање на вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд по секоја индивидуална пријава и ќе го следи постапувањето на надлежните институции.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

УТВРДЕНО НЕИСПЛАЌАЊЕ НА МИНИМАЛНА ПЛАТА И НЕУТВРДЕН НОРМИРАН УЧИНОК ВО ТЕКСТИЛНА КОНФЕКЦИЈА ВО КРАТОВО

По поднесено барање за вонреден инспекциски надзор од Хелсиншкиот комитет, Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Кратово утврди неправилности и недостатоци во работењето на ТПД ДЕ-ТЕКС ДОО Пробиштип - подружница бр. 1 Кратово, во поглед на неутврден нормиран учинок, исплатени плати за октомври 2017 помалку од со закон утврдената минимална плата за 43 вработени и неиздавање месечни пресметки на плати и придонеси на плати за октомври 2017 за 43 вработени. Инспекторатот со решение го задолжил работодавачот во рок од 15 дена да изготви правилник за нормиран учинок, согласно чл.1 од Законот за измени и дополнување на законот за минимална плата, да ја исплати разликата од исплатената плата до со закон утврдената минимална плата согласно чл. 10 од Законот за измени и дополнување на Законот за минимална плата за 43 вработени во подружницата и да им издаде на вработените пресметки за исплата на плата и придонеси на плата.

Ова е прв регистриран случај на Хелсиншкиот комитет на утврдени неправилности и недостатоци од страна на Државниот инспекторат за труд во однос на неисплаќање на минимална плата и неутврден нормиран учинок од страна на работодавач во текстилната индустрија, по стапувањето во сила на Законот за измени и дополнување на законот за минимална плата.

Препорака: Го поздравуваме ваквото решение на Државниот инспекторат за труд - подрачна единица Кратово и ги охрабруваме работничките и работниците од текстилната индустрија и во иднина да ги пријавуваат ваквите прекршувања на работничките права. Дополнително апелираме до работодавачите да го почитуваат Законот за минимална плата во однос на утврдувањето на нормираниот учинок и исплата на законски предвидениот износ за минимална плата. Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи овој случај и да мониторира дали работодавачот постапил по наредбата на Инспекторатот.

ОСНОВНИОТ СУД ВО КРИВА ПАЛАНКА ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА РАБОТНИЧКИТЕ И РАБОТНИЦИТЕ ОД КАДОРО ОТТО

Основниот суд во Крива Паланка нa 25.10.2017 година донесе пресуда со која го усвои тужбеното барање на 105 текстилни работнички и работници од ДПЧТ КАДОРО ОТТО ДООЕЛ експорт-импорт Крива Паланка. Судот го задолжи тужениот работодавач да им исплати на работничките и работниците вкупен износ од 1.430.856,00 денари, за неислатени плати за февруари 2017, придонеси од задолжително социјално осигурување за февруари 2017 година, придонеси за ПИО во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ, придонеси за здравствено осигурување, придонеси за вработување и персонален данок во Управата за јавни приходи, со законска казнена камата на неисплатена плата.

Тужениот, против ваквата пресуда на Основниот суд во Крива Паланка поднесе жалба до Апелациониот суд во Скопје.

Случајот беше инициран во март 2017 година од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по претходно добиени сознанија од вработените во КАДОРО ОТТО, со поднесување на барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекротат за труд. Во барањето беше побарано инспекторатот да утврди дали работодавачот им исплатил на вработените плата и придонеси од плата за месеците декември 2016 и јануари 2017. Врз основа на ова барање беше спроведен вонреден инспекциски надзор страна на Државниот инспекторат за труд-ПЕ Крива Паланка, во кој беше констатирано дека работодавачот им исплатил на вработените плата и законски придонеси за задолжително социјално осигурување за декември 2016 година, но не и за јануари 2017. Врз основа на утврдената фактичка состојба од спроведениот инспекциски надзор, надлежниот инспектор издал наредба до работодавачот и одговорното лице да го отстранат недостатокот, односно на вработените да им исплатат плата и законски придонеси на истата за јануари 2017 година, во рок од 8 дена од извршениот инспекциски надзор. Бидејќи работодавачот не постапил по дадената наредба од страна на Државниот инспектор за труд, Хелсиншкиот комитет побара продолжување на постапката по извршен вонреден инспекциски надзор и побара од Државниот инспекторат на труд да понесе барање за поведување на прекршочна постапка против работодавачот. По извршен дополнителен инспекциски надзор и констатирана фактичка состојба, Државниот инспекторат за труд издал прекршочен налог со изречена глоба, а работодавачот извршил уплата на изречената глоба.

Бидејќи работодавачот до крајот на март 2017 година не извршил исплата на плати и придонеси за февруари 2017 година, 105 вработени од КАДОРО ОТТО со поддршка на Хелсиншкиот комитет одлучија да поведат судска постапка против работодавачот за неисплатени плати и придонеси на плати за јануари и февруари 2017 година. Со оглед на фактот дека работодавачот во мај 2017 година изврши задоцнета исплата на јануарската плата, вработените иницираа судска постапка за несиплатени плати и придонеси на плати за февруари 2017 година.

Препорака: Иако во моментов не е конечна, ја поздравуваме пресудата на Основниот суд во Крива Паланка. Воедно, ја поздравуваме охрабреноста на текстилните работници и работнички од КАДОРО ОТТО да побараат судска заштита на своите работнички права и апелираме до сите текстилни, кожарски и чевларски работнички и работници да пријават повреди и да побараат заштита на своите работнички права.


Хелсиншкиот комитет за човекови права е институционален грантист во програмата Цивика Мобилитас. Содржината на овој тект е единствена одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo