Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово - јули, 2017 година 14 Август 2017

Месечниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово кој ги опфаќа темите: просторни капацитети и услови во камповите, институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и нерегуларната миграција, за периодот 01.07.2017 – 31.07.2017 година, може да се преземе на следниов линк.

Состојбата со бегалската криза во Република Македонија е релативно мирна и не се соочува со поголеми промени, со исклучок на неколку изолирани случаи. Бројот на бегалци кои престојуваат во прифатно-транзитните центри на двете гранични линии останува во помали размери, со повремено зголемување на фреквенцијата на движење на бегалците. Покрај редовното одржување на камповите, не е забележана поголема инфраструктурна промена. Бегалците се соочуваат со екстремно високи температури, поради што своите куќарки ги напуштаат дури во попладневните часови. Раздвиженоста во кампот во Винојуг, Гевгелија е намалена, како од бегалците така и од страна на присутните организации на терен. За разлика од тоа, фреквенцијата на движење на бегалците во ПТЦ Табановце, Куманово е зголемена во текот на месецот, иако не сите од нив редовно се евидентираат. Покрај релативно мирната ситуација, месецот во кампот во Табановце го одбележа полициската акција во која беа приведени околу 10 бегалци.

Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот останува помеѓу 10 и 16. Во почетокот на месецот, во кампот престојуваат 13 бегалци, а до крајот на месецот, бројот се зголеми на 16, откако во кампот пристигна 4-члено семејство во потекло од Сирија, кое беше згрижено во кампот. Неколку од присутните семејства и бегалци во кампот, веќе ги привршуваат своите постапки за семејно обединување и за скоро се очекува да го напуштат кампот.

Хигиената во кампот е на задоволително ниво.

Бегалците имаат пристап до храна и вода, но се забележува недостаток од летна облека.

На бегалците им се обезбедува редовна здравствена заштита, како и посета на стоматолог по потреба.

Поради високите температури и намаленото присуство на организациите во кампот, активности за бегалците се организираат само во работните денови од неделата, а не преку викендите.

Во текот на месецот во кампот беше остварена посета од страна на неколку државни институции и меѓународни делегации. На почеток на месецот посета оствари делегација на Министерството за внатрешни работи. Непосредно потоа, посета остварија и групи од француски, грчки и српски претставници, кои беа запознаени со процедурите за постапување со не придружувани малолетници. На 17.07 пак, посета беше остварена и од Директорот на Центарот за управување со кризи, г. Агрон Буџаку, а при крајот на месецот посета остварија и претставници од УНХЦР.

Институционално постапување

Малолетно лице со потекло од Либија кое во кампот беше донесено во текот на минатиот месец, откако му е назначен старател е пренесен во Прифатен центар за баратели на азил, Визбегово во Скопје.

Во текот на месецот, вкупно 23 бегалци пристигнаа во кампот, од кои со исклучок на едно лице со потекло од Пакистан кој во кампот е задржан 11 дена и едно четиричлено семејство од Сирија, кое е задржано за престој во кампот, останатите 18 лица се пренесени кон Грција. Лицата кои пристигнаа се со потекло од различни земји, и тоа: Пакистан (10), Авганистан (2), Ирак (1), Алжир (3) и Сирија (4). Во најголем дел од случаите, нивното патување започнува од Грција или Турција, од каде што по одредено време престој, се решаваат да тргнат по „Балканската рута“. Речиси сите од нив платиле одредена сума на криумчарски групи, за да стигнат во Србија. Откако се откриени од српската полиција, тие се вратени на македонска територија, по што самите бараат начин да се вратат кон Грција.

Карактеристичен е случајот со бегалец со потекло од Пакистан, кој на 10.07.2017 година е донесен во кампот од страна на полицијата. Нејасни се околностите околу тоа зошто лицето е задржано во кампот, но она што е загрижувачки е дека лицето е задржано неколку денови во посебен контејнер, изолирано од другите бегалци во кампот и без право да се движи низ кампот без придружба. Според различни кажувања, остана нејасно дали лицето е задржано поради сомневање дека боледува од хепатит Ц или поради безбедносни причини. За случајот, Хелсиншкиот комитет се обрати писмено до Министерството за внатрешни работи.

Хелсиншкиот комитет предупредува дека задржувањето на бегалец во затворен контејнер во Прифатно-транзитниот камп е противправно и неоправдано. Под никакви околности, лице кое престојува во кампот не смее да биде лишено од слобода или да му се ограничи неговата слобода на движење. Доколку постојат сомневања дека лицето е сторител на кривично дело, треба да биде соодветно спроведено во полициска станица, на јазик кој го разбира да биде известено за причините за задржување и да му се обезбедат сите права кои му се гарантирани согласно домашните и меѓународните стандарди. Од друга страна, доколку причината за задржување била сомневање за заболување со хепатит Ц, Хелсиншкиот комитет апелира, институциите задолжително да се консултираат со здравствени работници за начините на пренесување и заболување, со цел да се избегне паника кај бегалците и вработените во кампот, како и да се спречи противправното ограничување на слободата.

На 21.07.2017 година, лицето беше пренесено кон Грција по своја желба. Целиот негов престој во кампот, како и неговото ограничување на слободата не е никако регистрирано и евидентирано од страна на надлежните институции.

На бегалец со потекло од Сирија кој престојува во кампот околу 17 месеци, по подолга процедура за семејно обединување, конечно му е одобрено патувањето за спојување со неговата фамилија во Германија. Со посредство на Црвен Крст на човекот му е организиран превоз до аеродром од каде што патува кон Германија.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот постепено, но значително се зголеми во текот на месецот. На почетокот на месецот имаше 21 бегалец во кампот, а до крајот на месецот оваа бројка достигна и околу 60 луѓе. Бројот на бегалци постојано варира, а меѓу нив има еден дел кои се регистрирани и голем број бегалци кои не се регистрирани. Нејасни се критериумите според кои се одлучува дали бегалците ќе бидат регистрирани или не кога пристигнуваат во кампот, но најчесто зависи од тоа колку време ќе се задржат во кампот.

Не се забележани инфраструктурни промени во кампот.

На најголемиот број бегалци им се обезбедува храна, дури и на оние кои повремено доаѓаат од околината на кампот. Проблемот се појавува со бегалците на кои не им се дозволува пристап, бидејќи полицијата им забранува на невладините организации да им дели храна преку оградата на кампот. Во одредени случаи, мобилните тимови на Црвен Крст обезбедуваат храна за бегалците кои престојуваат во околината на кампот.

Институционално постапување

Пропуштањето на бегалците во кампот сè уште се одвива селективно, без јасни критериуми кои бегалци ќе се пропуштаат, а кои не. Така, некои од бегалците се пропуштаат за краток период, односно со цел да добијат храна и вода, медицинска помош или да преноќат во кампот. На одредени лица, се уште не им се дозволува влез (како на пример, група од 3 бегалци со потекло од Либија).

На самиот почеток на месецот, на 01.07.2017 година, 18 бегалци од кои 9 регистрирани, а 9 нерегистрирани, по нивно барање од кампот се пренесени кон Грција со организиран превоз. По нивното пренесување во кампот останаа 21 бегалец. Наредниот ден во кампот се пристигнати 6 малолетни лица со потекло од Авганистан, кои веднаш се примени во кампот и регистрирани. До средината на месецот, бројот на бегалци се зголемуваше со мала фреквенција и достигна до околу 35 бегалци од кој 24 регистрирани и 11 нерегистрирани.

На 16.07.2017 година, во раните утрински часови (околу 5 часот) во кампот беше спроведена полициска акција во која полициски службеници, со употреба на физичка сила и средства за присилба, привеле околу 10 бегалци кои престојувале во кампот. Само неколкумина успеале да избегаат од полицијата, а останатите биле уапсени од нивните контејнери и со лисици спроведени до полициски возила. Не е познато каде се однесени, ниту пак која била целта на акцијата или дали имало оправданост за употреба на физичка сила и средства за присилба од страна на полициските службеници. Хелсиншкиот комитет писмено се обрати до Министерството за внатрешни работи со барање за целосно објаснување на настанот и утврдување на злоупотреба на полициски овластувања.

Хелсиншкиот комитет препорачува да се спроведе целосно и соодветна истрага на спроведената полициска акција, односно да се истражни законското постапување на полициските службеници како и нивната употреба на физичка сила и средства за присилба.

Во наредните денови, продолжи да се зголемува бројот на бегалци со што на 25.07.2017 година, бројот на бегалци во кампот достигна 68, а до крајот на месецот до околу 90.

Едно семејство од Иран, поднело усна намера за барање на азил, поради што е регистрирано од страна на институциите и започнало процедура за добивање азил. По неколку дена, во кампот е пристигната од министерството за внатрешни работи –Куманово, за да спроведе разговор со семејството.

Хелсиншкиот комитет апелира, лицата кои што имаат поднесено барање за азил, итно и неодложно да бидат пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово и да им се обезбедат сите права кои им следуваат како баратели на азил, согласно Законот за азил и привремена заштита.

Едно семејство со потекло од Авганистан, на свое барање со помош на Црвен Крст е вратено кон Грција. На 29.07.2017 година пак, во кампот се донесени две жени и 4 деца кои од страна на полицијата биле затекнати во близина на полициската станица Сопот. Според нив, тие биле вратени од Србија на македонска територија, а нивната желба е да се вратат кон Грција.

Состојба во Прифатни центри во Република Македонија

Бројот на лица кои се сместени во Прифатните центри е недостапен.

Нерегуларна миграција

Во текот на јули, во Министерството за внатрешни работи се регистрирани два настани поврзани со бегалците.

Во првиот случај станува збор за лице со потекло од Пакистан, кое на 22.07.2017 година од страна на претставници на Црвен Крст е донесено во полициската станица Сопот. Според кажувањето на лицето на 19.07.2017 година, тој пристигнал во село Ваксинце заедно со уште неколку лица од Пакистан. Притоа, тие биле пресретнати од три лица, исто така од Пакистан кои биле дел од криумчарските групи кои делуваат во овој регион, задолжени за примање и испраќање на бегалците кои пристигнуваат. На 21.07.2017 повторно се сретнале, при што криумчарите им побарале на лицата по 2.000 евра по лице, за да ги пренесат кон Србија. Откако лицето им кажало дека нема пари, тие физички го нападнале и му ги одзеле парите што ги имал во себе, 150 евра. Лицето е спроведено во ПТЦ Табановце, со цел да даде изјава за настанот. Ова е само уште еден пример за дело од омраза сторено кон бегалците во Република Македонија.

Во вториот случај, МВР известува дека на 29.07.2017 година, исто така во близина на полициската станица во Сопот, е забележана група од 6 бегалци со потекло од Авганистан (две шени и 4 деца), кои платиле по 1300 евра по лице за да бидат пренесени со возило и биле оставени на непознато место. И тие се спроведени во ПТЦ Табановце за понатамошна постапка.  


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo