Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 06.03.2017– 12.03.2017 година 15 Март 2017

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 06.03.2017 – 12.03.2017 година и може да се преземе на следниов линк.  

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци кој на почетокот на седмицата изнесуваше 49, до крајот на седмицата се намали на само осум бегалци, откако во неколку наврати бегалците од кампот беа пренесени кон Грција по свое барање. 

Хигиената во кампот е влошена, особено во тоалетите кои поретко се чистат, и се должи на нередовно чистење и недостаток на средства. 

На 08.03.2017 година во кампот пристигнаа околу 30 полициски службеници на Република Унгарија, кои ќе патролираат во околината на кампот, како и низ Гевгелија. 

На 09.03.2017 година во кампот остварија посета претставници на Националниот превентивен механизам (Народен правобранител), при што беше поставена плакат со објаснување на улогата, надлежноста и овластувањето на Националниот превентивен механизам, преведена на 6 јазици. Плакатот е поставен на објектот на Ла страда. 

Институционално постапување

Во текот на седмицата вкупно 41 бегалци кои престојуваа во кампот, во 3 наврати беа пренесени кон Грција по нивно барање. На 07.03.2017 година 13 бегалци од кампот, по подолго најавување, побараа да бидат пренесени на грчка страна поради безизлезната ситуација во која се наоѓаат веќе една година, откако останаа заглавени во кампот во Гевгелија. На 11.03.2017 година, четиричлено семејство побара да биде пренесено во Грција. На 12.03.2017 година, вкупно 24 бегалци од кампот, исто така по една година престој, сите по потекло од Ирак побараа да бидат пренесени во Грција. Со тоа, во кампот останаа вкупно 8 бегалци, сите со потекло од Ирак, од кои неколку водат постапка за семејно обединување или враќање во матичните земји. 

На 06.03.2017 едно лице со потекло од Авганистан е донесено во кампот, кој со воз се вратил до Србија со намера да продолжи кон Грција. За брзо време тој е депортиран кон Грција. Истиот ден, тројца албански државјани се затекнати од страна на полицијата во близина на село Удово, кои не поседувале никакви документи за идентификација. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалците во кампот варира помеѓу 30 и 50. Бројките не се константни и е невозможно да се следат бидејќи бегалците постојано влегуваат и излегуваат од кампот, а надлежните институции кои се на терен не водат заедничка статистика. 

Нема поголеми промени во инфраструктурата на кампот. 

Институционално постапување  

Најголем дел од бегалците кои престојуваат во кампот се со потекло од Алжир, Мароко и Пакистан. 

За бегалците кои престојуваат во околината на кампот, храна обезбедува мобилната екипа на Црвен крст. 

Семејство од Авганистан, маж и неговата бремена жена се пренесени кон Грција. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на овој период, Министерството за внатрешни работи не регистрирало ниту еден кривично-правен настан поврзан со криумчарење мигранти и бегалци.  


 „Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo