Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 09.01.2017– 22.01.2017 година 25 Јануари 2017

Двонеделен извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 09.01.2017 – 22.01.2017 година и може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци на почетокот на седмицата изнесува 92, но во два наврати истиот се намали откако семејства по своја волја беа вратени кон Грција, при што бројот на бегалци во втората седмица достигна 67.  

Поради ниските температури, и покрај обидите за затоплување, во тоалетите се појавија замрзнати водоводни цевки. 

Хигиената во тоалетите и кампот генерално е на лошо ниво, со повремени подобрувања. 

Институционално постапување

На самиот почеток на седмицата, во кампот е донесено седумчлено семејство кое по своја волја допатувало од Скопје до Гевгелија. Семејството пристигнало во Македонија во септември минатата година, но поради потреба од сведочење во судска постапка за криумчарење било сместено во Безбедносната куќа во Скопје. За кратко време се префрлени на грчка страна. 

На 12.01.2017 година, тројца бегалци со потекло од Авганистан, двајца мажи и една жена со воз од Куманово пристигнаа во Гевгелија и беа донесени во кампот. По неколку неуспешни обиди да ја преминат македонско-српската граница и неколку ноќи поминати на отворено во с. Лојане, тие одлучиле да се вратат во Грција. Обезбедена им е медицинска и хуманитарна помош и откако е спроведен разговор со безбедносните служби, тие се вратени кон Грција. 

На 16.01.2017 година, во кампот се донесени седум бегалци, меѓу кои најголем број со потекло од Сирија и по еден со потекло од Алжир и Пакистан. Тие се фатени при рутинска контрола на товарен воз, со кој патувале од Грција до Македонија и ова им е четврт обид да ја преминат границата. Откако се регистрирани од полицијата и им е обезбедена храна и медицинска помош, тие своеволно се префрлени во Грција. Истиот ден, во кампот се донесени тројца бегалци со потекло од Алжир, кои исто така за кратко време се пренесени кон Грција. 

Вкупно 25 бегалци кои престојуваат во кампот подолго од 10 месеци со потекло од Сирија, по своја волја се „депортирани“ назад кон Грција. Според нив, причината за ваквата одлука се лошите услови, чувството на затвореници и немањето слобода, како и безизлезната ситуација во која се наоѓаат подолго време. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Иако официјалниот број на бегалци во кампот е 48, неофицијалната бројка е поголема. Во текот на овие две седмици бројот варира околу 100, но поради постојана раздвиженост на бегалците тој постојано се менува. 

На 09.01.2017 година во кампот оствари посета министерот за надворешни работи. 

Поради ниските температури кампот се соочува со проблеми со водоводната инсталација поради замрзнати цевки. 

Институционално постапување  

По одлуката на Генералниот штаб на Центарот за управување со кризи, во кампот да се примаат бегалците кои пристигнуваат од околните села, бројот на бегалци во кампот секојдневно се зголемува. Бегалците кои се во кампот се со потекло од различни држави: Сирија, Ирак, Палестина, Авганистан, Мароко, Алжир, Пакистан, Иран и Либија. На сите бегалци кои пристигнуваат им се издаваат картички за да може да добиваат храна. 

На 09.01.2017 година во кампот пристигна група од 12 бегалци кои пристигнале од Атина преку криумчарски групи, а платиле по 1300 евра за еден човек. Наредниот ден, во кампот пристигнаа уште 5 нови бегалци. На 11.01.2017 година, во кампот е донесено малолетно лице кое откако е пронајдено од мобилен тим на Црвен крст во тешка здравствена состојба и премрзнатост, било пренесено во болница во Куманово каде што добило медицински третман. Детето е сместено во кампот, но редовно се носи на преврски во болница. На 14.01.2017 година, пристигнати се уште 4 нови бегалци кои се примени во кампот. На 19.01.2017 година, во кампот се донесени уште тројца бегалци меѓу кои еден маж и неговата бремена сопруга, која веднаш е пренесена во болница во Куманово поради лоша здравствена состојба.  

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на овие две седмици, во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи не е регистриран ниту еден кривично правен настан поврзан со бегалците или криумчарењето.  


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal_normal_banner-stop-mk Normal_strategy_mk_photo