Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 26.12.2016– 08.01.2017 година 11 Јануари 2017

Двонеделен извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 26.12.2016 – 08.01.2017 година и може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Во текот на двете седмици, бројот на бегалци во кампот изнесува 92.

На 29.12.2016 година, бегалка од кампот во Винојуг се породи во Скопје. По неколку дена во болница, жената е вратена во кампот заедно со своето бебе. На мајката ѝ се доделени хигиенски средства и облека за бебето.  

Поради лошите временски услови, движењето на бегалците низ кампот е ограничено. 

Во текот на првата седмица, хигиената во кампот беше на загрижувачко ниво со полни контејнери со отпад, се до крајот на втората седмица кога ЈП Комуналец конечно го исчисти кампот.  

На 27.12.2016 година, децата од кампот се однесени на посета во Основното училиште „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, каде што заедно со децата од школото е спроведена новогодишна работилница. Кога се вратија во кампот пак, на децата им беа поделени новогодишни пакетчиња од Дедо Мраз, во организација на Црвен крст. 

На 04.01.2017 година, во кампот е пристигната нова единица од 41 полициски службеници од Чешка кои ќе патролираат во околината. 

Институционално постапување

На самиот почеток на седмицата, на 26.12.2016 во кампот се донесени двајца албански државјани кои илегално ја преминале грчко-македонската граница. Тие се регистрирани од страна на полицијата по што се спроведени во полициската станица Гевгелија за натамошно постапување. Ова не е прв случај да се затекнат албански државјани како илегално влегуваат во Република Македонија од грчка страна. Истиот ден е донесен еден бегалец со потекло од Авганистан, кој со воз од Табановце пристигнал во Гевгелија. Откако е регистриран од страна на полицијата тој е вратен на грчка страна.  

На 27.12.2016 година, во кампот сам пристигна еден бегалец со потекло од Бангладеш наводно враќајќи се од Србија. Од страна на Црвен крст му беше пружена медицинска помош за рани на нозете кој ги добил од предолго пешачење. Веднаш е депортиран на грчка територија. 

На 30.12.2016 година, во кампот се донесени 11 бегалци со различно потекло, меѓу кои еден албански државјанин, петмина од Алжир, тројца од Мароко и по еден со потекло од Либија и Сирија. Фатени се од страна на полицијата при рутинска контрола на железничката станица, при обид да ја преминат грчко-македонската граница. Бегалците се регистрирани од полицијата и веднаш пренесени кон грчка територија, а албанскиот државјанин е спроведен до полициска станица. Од тимот на Црвен крст им е поделена храна и вода. 

Наредниот ден утрината во кампот се донесени тројца мажи со потекло од Пакистан, фатени на железничката станица кога со воз се враќале од Табановце кон Гевгелија. Од страна на Црвен крст им е обезбедени хуманитарна помош. Откако се регистрирани по кратко време се пренесени на грчка територија. 

Во текот на 03.01.2017 година, во кампот пристигна еден бегалец со потекло од Авганистан кој доброволно се враќал од Србија кон Грција. Според неговите кажувања, тој патувал сам, а во текот на патувањето бил физички нападнат од непознати лица. Откако му е дадена хуманитарна и медицинска помош тој е префрлен на грчка страна. Наредниот ден, во кампот се донесени 7 бегалци, од кои 5 со потекло од Ирак (Мосул), а по еден со потекло од Авганистан и Пакистан. Во групата има едно малолетно лице на возраст од 16 години, кое патува со својот полнолетен брат. Групата со помош на криумчари патувала пеш од Солун до македонската граница, по што криумчарите ги оставиле сами да ја преминат границата, каде што биле фатени од полицијата. Медицинска помош им е укажана откако еден од нив се пожали на повреда на ногата. Доделена им е и хуманитарна помош од страна на Црвен крст. Откако се регистрирани од страна на полицијата, веднаш се префрлени на грчка страна. 

На 05.01.2017 година, во кампот се донесени 3 полнолетни мажи со потекло од Пакистан. Овие лица биле дел од поголема група од 20 бегалци, кои илегално преминале преку границата во близина на село Богородица. Таму биле затекнати од полицијата, а остатокот од групата избегала. Полициските службеници ги регистрираа, им беше објаснета процедурата за поднесување барање за азил, но никој од нив не сака да го искористи ова право. Во текот на истиот ден, во кампот е пристигнат еден млад човек со потекло од Пакистан, кој патувал сам, без помош на криумчари. Сите четворица се пренесени кон грчка страна. 

При крајот на седмицата, 9 бегалци кои престојуваат во кампот најавија доброволно заминување кон Грција. Како причина ја наведуваат безизлезната ситуација во која се наоѓаат. Иако се советуваат да не патуваат на лошото време, тие се одлучни да го продолжат патот. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Официјалниот број на бегалци во кампот изнесува 48, додека неофицијално оваа бројка е поголема. 

Во пресрет на новогодишните празници, кампот беше украсен, а децата беа однесени на еднодневна прошетка, каде што им беа поделени новогодишни пакетчиња. 

Поради ниските временски температури бегалци не излегуваа често од своите куќарки. 

Ниските температури доведоа до мрзнење на водата во тоалетите и неколку штети во снабдувањето со електрична енергија. Поради тоа, неколку куќарки на бегалците немаат струја, а воедно и греење. Се очекува да се поправат за скоро време. 

Институционално постапување  

Во текот на овие две седмици, во кампот често доаѓаат поединци. На 29.12.2016 година, во кампот пристигна едно лице кое наводно било каснато од куче во близина на кампот. Лицето не е примено во кампот ни за медицинска, ни за хуманитарна помош. 

Зголемено е присуството на полициски службеници во кампот. 

На 08.01.2017 година, во кампот пристигнаа тројца бегалци, двајца мажи и една жена, кои беа примени и сместени во кампот. 

Бегалците се жалат дека немаат доволно зимска и топла облека. 

Исто така, бегалците имаат поплаки дека повеќе од една недела нема достапни лекови во амбулантата во кампот за децата кои имаат висока температура и грип. 

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во Прифатните центри е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на овие две седмици, Министерството за внатрешни работи во своите дневни билтени не регистрирало ниту еден инцидент поврзан со бегалците или илегалната миграција.  


„Овој извештај е овозможен со поддршка на Фондацијата отворено општество (FOSI) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на FOSI.“

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo