Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 19.09.2016– 25.09.2016 година 30 Септември 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 19.09.2016 – 25.09.2016 година и може да се преземе на следниов линк 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот изнесува 133 и истиот се задржа во текот на целата седмица, земајќи во предвид дека бегалците кои пристигнаа, за кратко време беа депортирани на грчката страна.

На влезната капија на кампот е поставен детектор за метал, како донација од Данскиот совет за бегалци. 

Во текот на седмицата, претставници на Народниот правобранител остварија посета во кампот. 

Институционално постапување

На 21.09.2016 год., во кампот се донесени 98 бегалци со потекло од Сирија и Пакистан, кои според информации од полицијата се затекнати кај железничката станица во Гевгелија. По краток период тие се пренесени на грчка територија. 

Низ кампот и околината се забележува присуството на странски полициски единици (моментално припадници на Чешка, Австрија, Србија) кои патролираат по должина на граничната линија. 

На 24.09.2016 год., во кампот се донесени 20 бегалци од кои 8 мажи, 2 жени и 10 деца со потекло од Авганистан и еден маж со потекло од Алжир. Тие во две групи во рок од 7 часа се пренесени на грчката територија. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Бројот на бегалци во кампот изнесува 61 во текот на целата седмица. Најголем број од бегалците се со потекло од Сирија, а помал број до потекло од Ирак. Меѓу нив се присутни 18 мажи, 19 жени и 24 деца. 

Со оглед на малиот број на бегалци и нивната минимална раздвиженост низ кампот, се добива впечаток дека кампот е целосно напуштен. 

Невладините организации работат на подобрување на координацијата и работата во обезбедување на психо-социјална поддршка на бегалците и потребите за специфични случаи 

Во кампот се поставени лулашки за децата. 

Институционално постапување  

Во кампот речиси и не се дозволува влез на бегалци кои престојуват во околните полиња и ниви. Во исклучителни прилики им се дозволува краток влез од 1 час, со цел да добијат храна и вода, но во одредени прилики, не им се дозволува ни тоа.

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци во Прифатните центри во Република Македонија е недостапен. 

Нерегуларна миграција 

Во текот на седмицата, во билтенот на Министерството за внатрешни работи се ргистрирани три кривично-правни настани поврзани со криумчарење мигранти. 

На 20.09.2016 година, во близина на село Марвинци, валандовско, едно лице со своето возило, доброволно превезувало околу 10 мигранти со потекло од Авганистан, кои оствариле нелегален влез во државата. Кога возилото било запрено од страна на полициски службеници, мигрантите го напуштиле возилото и избегале, додека возачот и уште едно лице од Авганистан кои останало во возилото се приведени со цел расчистување на случајот. На 21.09.2016, на автопатот Гевгелија – Скопје, е забележано возило во кое, откако возачот избегал, се пронајдени 11 мигранти со потекло од Ирак. Не е познато како е постапено со мигрантите понатаму. 

На 23 и 24.09.2016 година во полициска акција на Министерството за внатрешни работи и Одделот за гранични работи и миграции е извршен претрес во куќа во село Лојане, кумановско, каде што во штала биле пронајдени 35 бегалци. Покрај сопствениците на куќата, приведени се и две лица со потекло од Авганистан и четири лица со потекло од Пакистан, за кои се претпоставува дека противправно држеле две семејства со потекло од Сирија, меѓу кои има 6 малолетни деца. Против сопственикот на куќата е поднесена кривична пријава, за сторено дело Криумчарење мигранти, по член 418-б, став 5 од КЗ на РМ. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo