Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 25.04.2016– 01.05.2016 година 06 Мај 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 25.04.2016 – 01.05.2016 година и може да се преземе на следниов линк

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови 

На почеток на седмицата, бројот на бегалци во кампот изнесува 113, откако неколку семејства го напуштија кампот. 

Во кампот, како донација од страна на невладината организација „Легис“ се донесени две маси за пинг-понг, кои се поставени во еден од големите шатори. Бегалците поминуваат повеќе време во рекреација и играјќи пинг-понг. 

Со падот на температурите, бегалците се жалат дека им е ладно во текот на ноќта бидејќи греалките им се одземени. 

Институционално постапување 

Група од 10 бегалци со потекло од Иран кои престојуваа во кампот подолго време, на почетокот на седмицата конечно се преместени во центарот за баратели на азил во Визбегово. 

На 27.04.2016 година, во Полициската станица во Гевгелија беа донесени околу 45 бегалци, за кои Црвен крст обезбеди храна, вода, ќебиња и хигиенски средства. Малку подоцна во станицата беа донесени уште 100тина бегалци од околината на Гевгелија. Наводно, овие групи се депортираат кон грчка територија за краток период. 

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Од почетокот на седмицата до крајот, бројката на бегалци во кампот секојдневно се намалува, така што на почеток на седмицата изнесуваше околу 650, додека до крајот на седмицата се намали на околу 500 бегалци. За институциите и меѓународните организации станува тешко да се регистрира точната бројка на бегалци во кампот поради секојдневната промена на состојбата. 

На 25.04.2016 година, во кампот дојде една група од околу 20 бегалци од Авганистан, кои се придружија на авганистанските групи во кампот. Поради недостаток на целосна листа на луѓе во кампот, беше невозможно да се утврди кои се тие луѓе. 

Институционално постапување 

На бегалците во кампот им е значително влошена психичката состојба со оглед на тоа што подолго време се заглавени во кампот, без никакви активности или известување за решавање на нивниот статус и иднина. 

Хелсиншкиот комитет препорачува од страна на надлежните институции на терен, конкретно од Министерството за труд и социјална политика во рамките на својата надлежност да обезбеди присуство на психолог и/или психијатар кој ќе биде достапен за советување според потребите на бегалците во кампот. 

Нерегуларна миграција  

Во текот на оваа седмица, според официјалниот билтен на Министерството за внатрешни работи, регистрирани се вкупно 5 кривично-правни настани поврзани со ирегуларна миграција и криумчарење мигранти. Најголем дел од настаните се регистрирани во близина на Гевгелија (Демир Капија) и во околните села на Куманово. Од регистрираните случаи, тројца осомничени за криумчарење мигранти се фатени, додека 1 се дал во бегство. Притоа, вкупно 54 бегалци биле затекнати како жртви на криумчари, со потекло од Авганистан, Сирија, Иран, Ирак и Пакистан. Министерството за внатрешни работи не извести за тоа како е понатаму постапено со бегалците. 


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo