Corner Извештаи

Месечен извештај - март 2016 15 Април 2016

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за март 2016 година ги опфаќа темите: Нетранспарентна работа на Уставниот Суд и контра протест; Основниот суд да не се вмешува во автономијата на СЈО; Извештај за работата на СЈО; Вознемирување и загрозување на сигурноста од страна на поранешен интимен партнер.

Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.

НЕТРАНСПАРЕНТНА РАБОТА НА УСТАВНИОТ СУД И КОНТРА ПРОТЕСТ

На 15 март 2016 година, на веб страницата на Уставниот Суд беше дополнето известувањето за одржувањето на 7-ма седница на Судот. Според известувањето, Уставниот суд наводно одлучил седницата да биде затворена за јавноста. Според Член 83 од Деловникот на Уставниот суд работата на Судот е јавна. Членот 85 утврдува дека јавноста може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна, заштитата на јавниот морал и во други оправдани случаи што ги определува Судот.

Претседателката на Уставниот суд не да даде образложение поради која причина и на кој начин е донесена одлуката за исклучување на јавноста за време на споменатата седница. Имајќи предвид дека за исклучувањето на јавноста одлучува Уставниот суд, односно мнозинството на уставни судии, Хелсиншкиот комитет упати јавен повик со прашање дали и кога е одржан работен состанок на уставните судии за утврдување на постоењето на оправдани причини за затворање на седницата и донесување на ваква недемократска одлука или таа е донесена самоволно од страна на претседателката, некој од другите судии, или вработени во Судот? 

Повикот беше упатен затоа што за исклучувањето на јавноста одлучува Уставниот суд, односно мнозинството на уставни судии, па беше нејасно дали и кога бил одржан работен состанок на уставните судии за утврдување на постоењето на оправдани причини за затворање на седницата и донесување на ваква недемократска одлука или таа била донесена самоволно од страна на претседателката, некој од другите судии, или вработени во Судот. За жал, претседателката на Уставниот суд не се одѕва и не одговори на овие прашања. Сметаме дека Уставниот суд не смее да ја продолжи тенденцијата на нетранспарентност на институциите и да дозволи поинакво дефинирање на јавното следење и информирање за неговата работа. Потсетуваме дека претседателката на Уставниот суд во јуни 2014 донесе усна одлука со која на медиумите им забрани аудио-визуелно снимање на седниците на Уставниот суд. Со денешната одлука, Уставниот суд целосно се затвора за јавноста, што е спротивно на принципите на демократијата и владеењето на правото.

Набљудувачи на Хелсиншкиот комитет кои беа присутни пред и околу зградата на Уставниот суд информираат дека таму се собрани стотици граѓани што се потпишуваат на списоци и на кои им се делат сендвичи и пијалоци. Очигледна е намерата на овие граѓани да го спречат или смеќаваат одржувањето на  уредно пријавениот мирен јавен собир пред Уставниот суд во текот на денешниот и утрешниот ден. Хелсиншкиот комитет укажува дека ваквиот вид на контра-протест на таа локација и во тој временски период е недозволив, а доколку биде спроведен граѓаните што во него учествуваат ризикуваат сторување на кривичното дело Спречување или смеќавање јавен собир од Член 155 од Кривичниот законик. Санкцијата, предвидена за ова дело, е парична казна или затвор до една година.

Препорака: Уставниот суд не смее да ја продолжи тенденцијата на нетранспарентност на институциите и да дозволи поинакво дефинирање на јавното следење и информирање за неговата работа. 

Препорака: Ги повикуваме сите граѓани што се повикани или своеволно упатени на контра-протест да се воздржат од ваквата активност и своето незадоволство да го искажат на друга локација од онаа пријавена за одржување на денешниот и утрешниот јавен собир. Апелираме политичките партии да се воздржат од користење на говор на омраза на политичка или било која друга основа и да не ги користат граѓаните за нивните политички интереси и цели.

ОСНОВНИОТ СУД ДА НЕ СЕ ВМЕШУВА ВО АВТОНОМИЈАТА НА СЈО

На 30 март 2016 година, Основниот суд Скопје 1 одби да издаде наредба за претрес по доставено барање од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во т.н. предмет „Тврдина“ против Г.Г. за уништување на опрема за прислушување*.  Според судијата на претходна постапка**,  несогласноста за издавање на наредбата се заснова на две причини: 1) СЈО нема стварна надлежност да бара издавање на таква наредба поради неговата лимитирана стварна надлежност која се однесува единствено на неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година и 2) СЈО во барањето не дало прецизен опис на предметите што треба да се одземат.

По искажаната несогласност, судијата на претходна постапка побарал донесување на одлука од страна на Кривичниот совет на судот. Советот оценил*** дека судијата на претходна постапка правилно утврдил дека не треба да биде издадена наредба за претрес. Според Кривичниот совет, постојат три причини за таквата одлука: 1) Лимитираната стварна надлежност на СЈО, 2) Од барањето на СЈО не можело да се утврди за кој временски период се однесувала содржината од незаконското следење на комуникации и 3) Од барањето на СЈО не произлегувало основано сомневање дека конкретното кривично дело произлегувало од незаконското следење на комуникации. 

Најпрвин мора да се истакне дека судијата на претходната постапка ги помешал институтите „наредба за привремено одземање на предмети“ со „наредба за претрес“. Имено, за издавање наредба за претрес може, но не мора да има прецизен опис на предметите што треба да се пронајдат. Прецизното наведување на предметите е неопходно само откако тие ќе се пронајдат и постои потреба привремено да се одземат. Избегнувајќи ја оваа аргументација во својата одлука, Кривичниот совет очигледно ја сфатил ваквата грешка на судијата на претходната постапка. 

Во однос на аргументацијата на Кривичниот совет која се однесува на надлежноста на СЈО, сакаме да потенцираме дека согласно член 6 од Законот за СЈО, тоа обвинителство има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани со нелегалното прислушување. Оттука, сметаме дека аргументацијата на Кривичниот совет во овој дел е правно неоснована, бидејќи членот 17 од ЗКП на кој погрешно се повикува Кривичниот совет упатува единствено на надлежноста на обвинителството како субјект наспроти исклучокот за приватна тужба, а ниту овој ниту било кој друг член од ЗКП не дава право и можност судот да цени и одлучува кое обвинителство е надлежно во конкретен случај. Врз основа на ова е очигледно дека Основниот суд Скопје 1 Скопје ги пречекорил своите овластувања.  Поради сите наведени причини, произлегува дека барањето за издавање наредба за претрес на СЈО било основано и законито, а Основниот суд Скопје 1 се вмешал во автономијата на СЈО на незаконит начин. 

Препорака: Хелсиншкиот комитет сака да ги охрабри сите судии да постапуваат независно и согласно меѓународните стандарди и националните правни прописи, особено поради притисокот на кој се изложени за овие случаи. Сметаме дека единствено со почитување на законските прописи ќе се овозможи владеење на правото, а со тоа ќе се заштити јавниот интерес и човековите права.

ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА СЈО

СЈО го објави извештајот****  за своето работење за периодот од 15.09.2016 - 15.03.2016 година. Од извештајот кој може да се оцени дека и покрај краткиот временски период и опструкциите од страна на останатите институции, СЈО успеа да се оформи како независен орган во јавнообвинителсткиот систем на РМ.

Во делот од извештајот кој се однесува на административно-оперативни активности, СЈО наведува дека се уште не се обезбедени соодветни услови за работа во просториите доделени од Министерството за правда на ул. Франклин Рузвелт бр.34 во Скопје. Во  делот на човечки ресурси, освен за тимот на јавни обвинители, СЈО извести дека е формиран тим и на истражители, а хонорарно се ангажирани 3 лица, а вработени се 6 лица како административна служба. 

Во делот на предметното работење СЈО извести дека е воспоставена стварна надлежност во вкупно 30 предмети против 80 лица. Во делот на обработка на преслушуваните разговори, доставени од страна на СДСМ, СЈО извести дека е завршен процесот на евидентирање на материјалите и е формирана Комисија за преслушување на материјалите. 

На 28 март 2016 година СЈО одржа прес-конференција на која соопшти дека е издадена наредба за спроведување на истражна постапка за нечовечкото постапување при лишувањето од слобода на Претседателот на партијата Обединети за Македонија – оштетениот Љубе Бошковски, извршено на ден 06.06.2011 година. СЈО истакна дека таквото поведение, односно Тортурата е казниво по сите меѓународни стандарди и според Кривичниот Законик на Република Македонија - член 142 од КЗ -  Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. За конкретниот случај осомничени се 7 лица, од кои дел се се уште вработени во Министерството за внатрешни работи. Против сите лица, кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје СЈО поднесе предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. 

На 30 март 2016 година СЈО одржа прес-конференција на која соопшти дека е отворена уште една истрага за предмет кој се води под името Тврдина. Во овој предмет осомничени се пет лица на Оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и Министерот за внатрешни работи, кои во првата половина од 2015 година заедно со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и Буџетот на Република Македонија во износ од 10.000.000,00 евра или 615.000.000,00 денари.

За овој случај СЈО издаде наредба за претрес на еден од осомничените, лицето Г.Г., за која судијата на претходна постапка не даде согласност*****.  По искажаната несогласност, судијата на претходна постапка побарал донесување на одлука од страна на Кривичниот совет на судот. Советот оценил****** дека судијата на претходна постапка правилно утврдил дека не треба да биде издадена наредба за претрес, особено поради тоа што СЈО не било надлежно во конкретниот случај. Аргументацијата на Кривичниот совет во овој дел е правно неоснована поради тоа што согласно член 6 од Законот за СЈО, тоа обвинителство има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани со нелегалното прислушување. Врз основа на ова е очигледно дека Основниот суд Скопје 1 Скопје ги пречекорил своите овластувања*******.  

Во однос на предлогот на СЈО за определување на мерка притвор против осомничениот Г.Г., судијата на претходна постапка го прифати предлогот и определи  мерка притвор во траење од 30 дена. Против ваквта одлука беше поднесена жалба од страна на одбраната на осомничениот до Кривичниот совет, кој мерката притвор ја замени со мерката куќен притвор. 

ВОЗНЕМИРУВАЊЕ И ЗАГРОЗУВАЊЕ НА СИГУРНОСТА ОД СТРАНА НА ПОРАНЕШЕН ИНТИМЕН ПАРТНЕР

Кон крајот на 2015 година лицето Х.М. се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права и побара правна помош како жртва на вознемирување и загрозување на сигурноста од страна на нејзиниот поренешен интимен партнер. Имено, нејзиниот поранешен партнер, со употреба на оружје-нож, сериозно се заканил дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и животот и телото на нејзино блиску лице. Жртвата повикала полиција која излегла на терен, составила службена белешка и земала изјава од оштетената и од сведокот-очевидец. Бидејќи од пријавата на горенаведениот настан поминале повеќе од 45 дена, оштетената отишла во СВР Скопје-Центар да се информира за преземните дејствија за случајот. Во СВР Скопје-Центар на ошететната усно и било соопштено дека случајот бил затворен како поплака, а осмничениот бил повикан во полиција и бил предупреден.

Поради несодветната законска реакција на полициските службеници, оштетната поднела кривична пријава до ОЈО-Скопје за конкретниот настан, кое поднело обвинение за сторено кривично дело од член 133 од КЗ – Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница. По одржаната јавна, главна и усна расправа, Основниот суд Скопје 1 Скопје донесе пресуда со која обвинетиот го најде за виновен за горенаведеното кривично дело и го осуди на казна затвор од траење од 4 месеци.  

Иако сторителот е веќе осуден, тој не престанува да ја вознемирува и да и се заканува на оштетената и со ваквото постапување тој континуирано и ја загрозува безбедноста и ја вознемирува оштетената и нејзиното семејство.

Нејасно е како за еден ваков настан, кој несомнено преставува сериозна закана по животот на оштетената, сторена сред бел ден во присутво на на други лица и со употреба на нож, полициските службеници оформиле случај, заведен како поплака. Истите биле должни да состават записник за примање на пријава и согласно член 280, 281, 282 од ЗКП, да преземат соодветни активности, да соберат сознанија и докази и да состават кривична пријава и да ја проследат до Основното Јавно Обвинителство. Дополнително загрижува, непрофесионалното и лежерно однесување на полициските органи, особено кога истите имаат сознанија дека осомничениот и претходно е пријавуван од страна на ошетената за исти работи, истиот и претходно е правосилно осудуван, како и фактот дека осомничениот им се заканувал по животот и телото на оштетената и нејзиното сегашен сопруг, за што постојат писмени СМС пораки и пријави во полиција за предметните настани. 

Поради горенаведеното, оштетената, на ден 02.03.2016 поднесе предлог за изрекување на времена мерка до Основен суд Скопје 2 Скопје, а согласно член 35 од Законот за превенција, заштита и спречување на семејно насилство. Основниот суд Скопје 2 Скопје на ден 21.03.2016 донесе решение за привремени мерки со кое го усвои предлогот на оштетената за привремени мерки за заштита и согласно член 39 од Законот за превенција, заштита и спречување на семејно насислство судот одреди привремената мерка за заштита да трае една година. 

Препорака: Хелсиншкиот Комитет е загрижен за непрофесионалното и лежерно однесување на полициските органи и апелира полицијата да постапува согласно законските одредби пропишани во Законот за полиција и Законот за спречување, превенција и заштита од семејно насилство.


http://www.jonsk.mk/2016/03/30/30-03-2016/

** http://www.osskopje1.mk/Novosti.aspx?novost=463

*** http://www.osskopje1.mk/Novosti.aspx?novost=464

**** Целосниот извештај може да го прочитате на официјалната веб страна на обвинителството преку следниот линк:
  http://www.jonsk.mk/%D0%B4%D0%BE%D0%BA%D1%83%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D1%82%D0%B8/

***** Целосното соопштение на Основниот суд Скопје 1 Скопје за несогласноста на судијата на претходна постапка може да го прочитате на следниот линк: http://www.osskopje1.mk/Novosti.aspx?novost=463

******Целосното соопштение на Основниот суд Скопје 1 Скопје за одлуката на Кривичниот совет може да го прочитате на следниот линк :http://www.osskopje1.mk/Novosti.aspx?novost=464

******* Реакцијата на Хелсиншкиот комитет за одлуките на Основниот суд Скопје 1 Скопје може да ја прочитате на следниот линк : http://www.mhc.org.mk/announcements/388#.VweG5Pl97IU

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo