Corner Извештаи

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 04.04.2016– 10.04.2016 година 12 Април 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 04.04.2016 – 10.04.2016 година и може да се преземе на следниов линк.   
 
Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Во овој период не е регистриран ниту еден бегалец во земјата.

Нема значајни промени во структурата на кампот.  

Во кампот се присутни околу 135 бегалци, од кои 125 во кампот и 10 бегалци кои се сместени во приемниот шатор пред кампот. Втората група има потекло од Иран.

Институционално постапување

Храната на бегалците им се дели од кујната. Од страна на невладини организации се дели овошје и слатки. Во текот на оваа седмица, бегалците забележаа мало подобрување и разновидност во храната, по поплаките од минатата седмица[1].Сепак, во мај број на случаи има поплаки за количински недоволна храна, како и незадоволување на посебни потреби за исхрана (на пример, на лица со дијабетис). Бегалците исто така забележуваат дека за разлика од порано, подобрен е односот на вработените во кујната кон нив. Сега е воведен нов систем на делење храна, односно, секој од бегалците добива картон на кој се става печат со секој земен оброк. Доколку од било каква причина  бегалецот не покаже картон, печатот им се удира на рака.

Во текот на седмицата, групи на бегалци кои по илегални патишта се обидуваат да ја преминат државната граница се затекнати од страна на полицијата во неколку наврати. Тие беа спроведувани во Полициската станица во Гевгелија, а останува непознато како понатаму се постапува со нив. Припадници на УНХРЦ, Црвен крст и невладини организации им однесоа храна и ќебиња во полициската станица. Тие не се донесени во транзитниот камп Винојуг.  

На 10.04.2016 година околу 10 часот и 30 минути, група од 100тина бегалци и мигранти од кампот во Идомени, Грција, организирано се обидоа да ја преминат македонската граница. Наводно, тие биле известени дека границите ќе се отворат. Македонската полиција ги извести дека тоа нема да се случи и ги предупреди да не преземаат насилни обиди. И покрај тоа, бегалците започнаа да фрлаат со камења кон полициските службеници. Одделни групи се обидуваа да ја исечат оградата. Полицијата употреби солзавец и шок-бомби, со цел да ги спречи групите да ја преминат границата. Помала група од 20тина бегалци успеа да ја премине границата, но за брзо време беше фатена и вратена на грчка територија. Тензиите се смирија дури во вечерните часови.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Кампот постојано се проширува и надградува. Се носат нови контејнери, се поставуваат генератори за струја и се прилагодуваат игралишта за децата од страна на СОС детско село.

На влезот на кампот, сега се поставени и контејнери на Посебната единица за поддршка (ПЕП).  

Бројката на бегалци во кампот секојдневно се намалува. Иако не постојат официјални податоци, моменталната бројка изнесува помалку од 900.

Хигиената во кампот е на алармантно ниво, а шаторите не се чистат редовно.

По одлука на Генералниот штаб на Центарот за управување со кризи, невладините организации ќе бидат присутни во кампот до 19 часот, со исклучок на СОС детско село и Ла страда.

Институционално постапување

Голем број на поплаки во кампот се упатени кон видот на храна и начинот на кој храната се дели. Бегалците се жалат дека храната е еднолична, најчесто конзервирана. Во повеќе денови е недоволна, односно премал број на оброци се делат за поголема бројка на бегалци. Ваквата состојба е посочена и забележана од страна на раководителот на ЦУК, па се прават обиди да се подобри состојбата.

Голем број на семејства и поединци, секојдневно „исчезнуваат“ од кампот. Според некои наводи, тие сами бегаат од кампот и се упатуваат кон Србија по илегални патишта, при што се фатени од полицијата. Така на пример, на 09.04.2016 група од околу 27 луѓе од Авганистан беа фатени од полицијата во селото Сопот. Според нивните кажувања, тие немале намера да бегаат, туку привремено да се тргнат од лошите нехигиенски услови во кампот, а потоа да се вратат. Групата  беше задржана на местото каде ги пронашла полицијата, а каде што е поставен полициски пункт. Не е познато како понатаму се постапи со нив.  

[1] http://www.mhc.org.mk/reports/390#.Vwut6KR97IU

„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo