Одржана експертска работилница на тема “Народниот правобранител – помеѓу нормативното и стварното”

декември 28, 2017

Во рамките на проектот „Мрежа 23+“ на ден 27 ноември 2017, се одржа тематска експертска работилница на тема “Народниот правобранител – помеѓу нормативното и стварното“, на која се дискутираше за низа релевантни прашања поврзани со функционирањето на Народниот правобранител.

На работилницата учествуваа г-дин Иџет Мемети, Народен правобранител на Република Македонија, г-ѓа Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, г-дин Велимир Деловски од Хелсиншкиот комитет за човекови права, г-ѓа Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентарот и г-ѓа Гордана Дувњак, новинарка. Свој конструктивен придонес кон дискусијата во текот на работилницата дадоа и претставници на надлежните државни институции, граѓанските организации и група претставници на медиумите кои во текот на подолг период ја следат работата на Народниот правобранител.

Дел од прашањата и дилемите кои беа поставени и детално разгледувани на денешната работилница се:

  • Koи се клучните предизвици во остварувањето на проширените надлежности на Омбудсманот, согласно законските измени од 2016 година? Дали и како може да се постигне целосна финансиска независност на оваа институција во насока на негово целосно самостојно функционирање во практиката?
  • Може ли да се надмине проблемот со моменталната недоволна кадровска екипираност на Народниот правобранител и што треба да се стори во иднина во оваа насока? На кој начин може/ треба да се зајакнат шесте регионални канцеларии?
  • Зошто можноста за изрекување на глоба и поведување дисциплинска, односно прекршочна постапка сама по себе не е доволна за да се осигури доследно придржување на надлежните државни институции до препораките на Народниот правобранител?
  • Кои се досегашните искуства на Народниот правобранител и на останатите државни органи од нивната меѓусебна соработка и постапување по конкретни предмети?
  • На кој начин би се остварувала нововоспоставената надлежност на Народниот правобранител да постапува како „пријател на судот“ (amicus curiae)? Какви се првичните реакции на домашните судови во вакви ситуации?
  • Каков е однос на извршната и законодавната власт кон работата на Народниот правобранител и неговите годишни извештаи?
  • Постои ли можност за ефикасно остварување на надлежностите на Омбудсманот, и покрај буџетските и кадровските ограничувања?
  • Кои се предизвиците на Националниот превентивен механизам?
  • Каква е интеракцијата на Народниот правобранител со граѓанските организации и постојат ли можности за нивно заедничко дејствување?
  • Дали постои можност за поефективно остварување на надлежноста на Народниот правобранител во делот на промоцијата на човековите права, без оглед на постојните ограничувања?
  • Колку е транспарентен Народниот правобранител во неговата работа?
  • Каква перцепција има изградено Народниот правобранител во јавноста и дали граѓаните се запознаени со неговата работа?
  • Дали на Омбудсманот му е неопходна долгорочна комуникациска стратегија, портпарол или зајакнат тим за односи со јавноста?

Проектот Мрежа 23+ го спроведува Институтот за европска политика, во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Проектот е финансиран од Европската Унија.