СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА МАРТ 2025
мај 22, 2025

На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во Скопје се одржа Маршот организиран од Платформата за родова еднаквост и независниактивист(к)и за женски права. На Маршот беа
истакнати неколку барања, од кои првото се однесуваше на правда за сите жени што ги загубија животите поради системска негрижа и фемициди.
По трагедијата поради пожарот во Кочани, Северна Македонија повторно се соочи со двоен предизвик: борба за вистинска одговорност за изгубените животи и справување со загрижувачкиот пораст на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи и во некои медиуми.
Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди дека ваквите напади можеа да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните, потсетувајќи дека говорот на омраза и повиците за насилство претставуваат
кривично дело. Комитетот упати апел кон јавните личности, политичарите и сите корисници на социјалните мрежи да бидат одговорни во својот јавен говор.
Две недели по трагедијата во Кочани, Хелсиншкиот комитет јавно соопшти дека е неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, по повод трагедијата во Кочани упати конкретни барања до надлежните институции со цел да се прекине праксата на неказнивост, селективна правда и формално исполнување на обврски.


