СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА НОЕМВРИ 2025

декември 10, 2025

Ноември го одбележа објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија, кој нотира сериозни назадувања во областите на недискриминацијата, родовата еднаквост и независноста на судството. Хелсиншкиот комитет, заедно со граѓанскиот сектор, изрази длабока загриженост за институционалната немарност и корупција, особено по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како и за контроверзните измени на законите за образование кои директно ги нарушуваат европските вредности и правата на младите. Во овој период беше регистриран загрижувачки тренд на ескалација на говорот на омраза, со 88 пријавени случаи, при што етничката и националната припадност, како и родовата и сексуалната ориентација, се најчести мотиви. Етнизацијата на изборниот исход во Кичево дополнително ги поттикна тензиите, а социјалните мрежи одиграа клучна улога во брзото ширење на манипулативни содржини и непроверени тврдења, што ја нормализираше омразата. Дополнително, беше регистриран еден инцидент на фудбалски натпревар со етнички мотив. И покрај овие предизвици, Хелсиншкиот комитет продолжи со активности за подобрување на условите во затворените институции, вклучително и преку музичка работилница во ВПД Тетово и опремување на женскиот оддел, и преку мониторинг на судскиот процес за трагедијата во Кочани, повикувајќи на јавна, правична и непристрасна постапка.