Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 9.11 – 15.11.2015 година

ноември 18, 2015

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 09.11- 15.11.2015 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови во кампот

Најавено е проширување на кампот во Гевгелија со донација на Европска Унија/УНХЦР. Проширувањето ќе опфаќа додавање на неколку куќички и шатори за различна намена.

Поставена е ограда непосредно пред билетарницата, со цел полесно да се насочуваат бегалците пред влегувањето на возот и да не се создаваат турканици. Оттука, во групи се пропуштаат бегалците за купување билети и качување во возот.

Хигиената во кампот не е одржувана на соодветно ниво, и тоа не се должи на неисполнување на работните обврски на хигиеничарите, туку на малиот број на хигиеничари.

Се апелира до Центарот за управување со кризи да ангажира поголем број на хигиеничари на теренот, со цел да се олесни одржувањето на хигиената. 

Институционално постапување

Во текот на изминатата недела, и покрај поголемиот наплив на бегалци во одредени периоди, припадниците на Посебната единица за поддршка (ПЕП) професионално ги извршуваа своите задачи, што значително придонесуваше во мирно и координирано спроведување на бегалците.

Во одредени моменти, повторно се забележуваат неправилности на кондуктерите на Македонски железници, при наплаќањето на билетите. Во една ситуација, припадник на ПЕП интервенирал за да спречи кондуктер на Македонски железници кој сакал на еден човек да му наплати значително поголема сума за билети.

Медицински екипи успешно интервенираа кога млада девојка изгубила свест пред да влезе во самиот камп, поради големи турканици кои настанаа.

Куманово 

Просторни капацитети и услови во кампот

Непосредно по терористичките напади во Париз, се забележува зголемено присуство на униформирани и неуниформирани полициски службеници во кампот.

Во кампот има недостаток на инвалидски колички за пренесување на лица со инвалидитет. Во некои денови се забележува недостиг на храна во одредени периоди од денот, особено во вечерните часови.

Кампот повремено го посетуваат министри и претставници на меѓународни организации и тела. Во текот на неделата посета остварија заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, заедно со други претставници на МТСП. Исто така, посета остварија и германската амбасадорка во Македонија, заедно со претставници на ОБСЕ. Посетите се наменети за проценка на условите и потребите на терен.

Моментално се работи на проширување на капацитетите на кампот.

Се апелира до Центарот за управување со кризи во соработка со министерствата за труд и социјална политика и здравство во најитен рок да обезбеди инвалидски колички за безбеден пренос на луѓето со инвалидитет. 

Институционално постапување

На почетокот на неделата, беше пријавен случај во кој шестмина бегалци од Пакистан биле ограбени и малтретирани, па морале да се вратат во кампот. Наводно, тие биле нападнати од група на четворица Авганистанци, кои живееле во село Лојане. Настанот бил пријавен во полиција.

Друг инцидент беше пријавен од страна на анонимен извор од јавно претпријатие на кој една група на бегалци од Сирија му се пожалале дека наводно биле нападнати од страна на полициски службеници. Притоа им биле украдени мобилните телефони и парите, а биле и тепани со палки. Јавниот службеник можел да ги забележи повредите кои им биле нанесени. Случајот не е пријавен во полиција, а групата го продолжила својот пат.

Според сведочењето на еден од бегалците, поединечни полициски службеници кои во присуство на активисти на терен се однесуваат прописно, кога се насамо со бегалците ги третираат на понижувачки начин.

Активистите и волонтерите кои се присутни на терен остануваат посветени на нивната работа и вложуваат максимални напори да обезбедат што подобра помош за бегалците кои поминуваат.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.