Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 30.05.2016– 05.06.2016 година
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 30.05.2016 – 05.06.2016 година и може да се преземе на следниов линк.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во почетокот на седмицата во кампот имаше 141 бегалец, но до крајот на седмицата тој број се намали на 137, со оглед на тоа што неколку бегалци се преместени во Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово.
Бегалци се жалат на високите температури во кампот. Клими се поставени во само еден дел од контејнерите/куќарките во кампот, по приоритет каде што престојуваат мали деца.
Институционално постапување
На бегалците им се издадени картички (со бар код) за хуманитарна помош (храна) и картички кои ќе им служат за идентификација кои содржат нивни податоци (име и презиме, фотографија, земја на потекло/доаѓање, дата на раѓање и дата на издавање). На картичките е назначено дека лицето е „Привремено сместен/а во Привремен- прифатен транзитен центар Винојуг, Гевгелија“.
Вкупно 72 бегалци кои се затекнати по нелегални патишта од страна на полицијата се пренесени кон грчка страна.
Во текот на седмицата се отпуштени сите лица хигиеничари. Поради тоа, забележано е намалување на нивото на хигиената во тоалетите.
Народниот правобранител на Република Македонија од пред извесно време започна да остварува редовни неделни посети во кампот. Така, на 31.05.2016, претставници на Народниот правобранител остварија посета во кампот Винојуг, Гевгелија.
Во текот на седмицата, 19 бегалци кои се изјаснија дека сакаат да побараат азил во Република Македонија, беа пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово.
Земајќи во предвид претходните попречувања на правото да се побара азил, Хелсиншкиот комитет го поздравува овој чекор и ги охрабрува надлежните институции да продолжат со ваквата пракса.
На 04.06.2016 година, едно лице со потекло од Пакистан пристигна во кампот и соопшти дека бил препратен од полициски службеници во Гевгелија. Лицето е преземено од страна на ИОМ, бидејќи изрази желба да биде вратен во Грција.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот изнесува околу 180.
Инфраструктурата на кампот се унапредува секојдневно. Се подготвува терен каде ќе се стават нови контејнери. Исто така се заменуваат со нови некои од старите нефункционални куќарки.
Институционално постапување
На 01.06.015 во кампот пристигнаа двајца браќа од Мароко, на 22 и 23 годишна возраст. Едниот од нив беше целосно слеп, а другиот го водел низ патот. Тие биле жртви на криумчари на кои од Грција им платиле по 1400 евра. Криумчарите ги оставиле во шума во Македонија, од каде што 6 дена не можеле да најдат излез. Потоа тие западнале во една река од каде што еден стар човек им помогнал да излезат. Тие пешки стигнаа во кампот во Табановце, каде што им беше укажана помош.
Во ноќните часови на 04.06.2016 година, помала група на бегалци од кампот се обидела да се качи на товарен воз. Меѓутоа, возот почнал да се движи а неколку од бегалците не успеале да се качат, поради што паднале и се здобиле со скршеници. Еден дел биле пренесени во болница, а останатите вратени во кампот.
Во текот на седмицата, едно лице со потекло од Сирија кое е сместено во кампот, во знак на револт во кампот предизвикал пожар. Притоа, полициските службеници во кампот, со цел да го казнат лицето, со возило го однеле надвор од кампот и го оставиле на отворено поле. Му кажале дека не е пожелен во кампот и да не се враќа таму. Иако постојат основани сомневања дека лицето сторило кривично дело, полициските службеници постапиле спротивно на законските прописи и криминалистички начела за постапување со лице фатено in flagranti.
Состојба во Прифатни центри во Република Македонија
Од достапните информации, на 05.06.2016 година регистрирано е дека во Прифатниот центар за странци- Гази Баба, задржани се (притворени) 33 бегалци, во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбеговор присутни се 45 бегалци, додека пак во Безбедната куќа (за згрижување на ранливи категории) сместени се 12 бегалци.
Нерегуларна миграција
Во текот на оваа седмица се регистрирани два кривично- правни настани, кои се случиле на 01.06.2016 година. Во првиот случај, било пронајдено товарно возило во населба Доброшане, Кумановско во кое биле пронајдени 39 бегалци, без документи за идентификација. Симптоматично е тоа што меѓу нив имало 21 малолетни лица. Од групата, три полнолетни лица ќе бидат задржани во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, Скопје, а останатите лица ќе бидат однесени во ПТЦ Винојуг, Гевгелија. Во вториот случај, еден бегалец од Мароко бил пронајден во товарно возило во Демир Капија. Во двата случаи не биле затекнати возачите, а Министерството за внатрешни работи ги истражува случаите.
„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.