Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 28.03.2016 – 03.04.2016 година
април 6, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 28.03.2016 – 03.04.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во текот на оваа седмица, повторно не е регистриран ниту еден бегалец кој влегол во територијата на Република Македонија.
Во кампот се донесени 4 нови контејнери, во кои ќе се сместуваат приоритетни случаи, односно жени и непридружени деца. Проблем се појавува во сите новопоставени контејнери во кои се сместени семејства, со тоа што тие не се опремени со греење. Бегалците се жалат дека особено ладно станува во ноќните часови.
По должината на патеката која води од кампот до оградата кај Идомени поставени се бандери со светилки. Патеката сега води до порано поставените контејнери за регистрација на бегалци при влезот на кампот од страна на меѓуграничната зона.
Институционално постапување
Случаите на шуга кои се појавуваат во кампот, физички се одвојуваат од останатите групи со цел да се избегне ширењето на зараза.
Најголем проблем во кампот се појавува со делењето на храна. Од неодамна, на невладините и хуманитарните организации им се забрани да делат храна, а обврската ја презеде делумно Црвен крст, а делумно храна им се служи во кујната, за што е надлежно Министерството за труд и социјална политика. Меѓутоа, се почести се поплаките на бегалците дека храната која им се служи во последната недела е еднолична, сува и сиромашна со витамини и недоволна за сите, поради што многумина се гладни. Особено се забележува недостаток за храна за деца. Во еден случај во текот на неделата, им беше поделена храна која не соодвестува на нивните верски уверувања.
Од сознанијата од околните села, се поголем е бројот на криумчарските групи и бегалци кои нелегално се движат низ земјата.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Oдреден број од бегалците сѐ уште се сместени во камперски шатори кои се поставени на земјата.
Хигиената во кампот е на алармантно ниво. Често се појавуваат разни болести, вируси или шуга.
Институционално постапување
Процедурата за поднесување барање за азил во кампот воопшто не функционира подолго време. На бегалците им се даваат разни изговори, само за да се заобиколи поднесувањето на барање за азил и бегалците да се откажат од намерата.
Хелсиншкиот комитет опоменува дека непочитувањето на процедурата за барање азил претставува кршење на човековите права на бегалците. Затоа ги повикуваме надлежноте институции итно и неодложно да им се овозможи на лицата кои сакаатда побараат азил, да го сторат тоа.
Во кампот се забележува дека ситуацијата влијае на психичката состојба на бегалците. Тие често се забележува дека се во депресија. Поради тоа, Хелсиншкиот комитет препорачува да се обезбеди присуство на психолог бо кампот, кој ќе им помага на тие што има потреба да се справат со ситуацијата во која се наоѓаат.
Сериозен проблем и во кампот во Табановце претставува делењето на храна, откако се промени практиката наместо невладините органозации, храната да ја делат единствено Црвениот крст и Министерството за труд и социјална политика. Бегалците често се жалат на лошата и недоволна храна, а во последен период и недостаток на вода.
Хелсиншкиот комитет препорачува да се врати старата практика на невладини/хуманитарни организации да ја делат храната или да се воведе алтернативно решение кое ќе ги задоволува потребите за храна во кампот.
„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.