Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 23.05.2016 – 29.05.2016 година
мај 31, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 23.05.2016 – 29.05.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во текот на седмицата минимално се зголеми поради пристигнување на нови семејства, кои се сместени во кампот поради здравствени причини. До крајот на седмицата бројот на бегалци изнесуваше 143. Меѓу нив има 5 бремени жени, од кои 3 се во ризична бременост и две се непосредно пред пораѓање. Беше згрижено и семејство во кое жената има фрактура на ногата, поради што била пренесена во градската болница во Гевгелија, а потоа згрижена во кампот.
На 25.05.2016 во кампот оствари посета Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, заедно со својот колега од Полска.
Поради случувањата на грчката страна односно релокацијата на бегалците од кампот Идомени која започна оваа недела, се забележа раздвижување на бегалците во кампот во Гевгелија и нивно видно вознемирување.
Институционално постапување
Во шаторот пред кампот, во кој се сместуваат групи кои се затекнати на илегални патишта, во текот на седмицата поминаа околу 285 бегалци[1]. Тие кратко се задржаа во кампот, а потоа беа пренесени на грчка територија.
Во неколку наврати настанаа расправии и физички пресметки меѓу бегалците во приемниот шатор, при што интервенираше полицијата за да ги разреши.
Во текот на седмицата, околу 35 лица се изјасниле дека сакат да побараат азил во Република Македонија, но тоа не им било овозможено од страна на службените лица, под изговор дека таква опција не постои зошто ќе бидат депортирани на грчка територија.
Хелсиншкиот комитет посочува дека ваквата пракса претставува прекршување на правото на бегалците да побаат азил и е спротивно на меѓународните стандарди.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот варираше во мал број, односно преку цела седмица имаше околу 200 луѓе. На 29.05.2016 година, 28 бегалци го напуштиле кампот во Табановце и не се вратија во наредните денови, ниту пак оставија информации кај нивните фамилии во кампот.
Во кампот се поставени неколку нови контејнери, на местото на старите куќарки. Се работи и на подобрување на канализацијата.
Институционално постапување
Кај бегалците во кампот се забележуваат сериозни нарушувања на нивното психичко здравје, поради ситуацијата и неизвесноста во која се наоѓаат.
Хелсиншкиот комитет неколку пати напоменува дека итно им е потребна психо-социјална помош.
Нерегуларна миграција
Во текот на оваа седмица, од официјалниот билтен на Министерството за внатрешни работи се регистрирани 2 кривично правни настани поврзани со криумчарење мигранти. Двата настани се во гевгелиската околина и во двата случаи осомничените сторители се во бегство. Притоа, како жртви на круимчари се затекнати 43 бегалци, со потекло од различни земји, односно од Пакистан, Индија, Сирија и Ирак.
[1] Овој број е неофицијален и се базира единствено на набљудувањата на Хелсиншкиот комитет.
„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.