Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 18.01.2016 – 24.01.2016 година
јануари 27, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 18.01.2016 – 24.01.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во овој период се регистрирани 7.698 бегалци, што е за 40% помалку од изминатата недела кога беа регистрирани 12.917 бегалци. Ваквата состојба се должи на два фактори: прво, пријавениот дефект на железницата во Словенија, по кој словенските служби побарале да се запре пропуштањето на бегалци од Грција, Македонија и Србија; и второ, дводневниот протест на грчките морнарици (21-22.01.2016), поради кој бројот на бегалци во кампот беше на минимално ниво.
Во кампот се поставува нова настрешница помеѓу двата големи шатори, непосредно пред железничката пруга, каде што бегалците се качуваат во возот.
Во текот на неделата, во кампот оствари посета висок претставник на УНХЦР од Женева, Швајцарија, заедно со претседателот на УНХЦР во Република Македонија. Кон крајот на неделата, посета остварија и претставници на ФРОНТЕКС.
Институционално постапување
Секојдневно се депортираат таканаречените „економски мигранти“ до грчката граница, кои полицијата ги затекнува во околните села и полиња, како преминуваат по илегални патишта.
Најчесто, Македонски железници работи со еден наместо со два (или повеќе) шалтери на кои бегалците ги купуваат своите билети. Ова придонесува возот да се полни бавно, а ги изложува бегалците и кондуктерите подолг временски период на студеното време.
Хелсиншкиот комитет препорачува, шалтерите за купување на билети да работат подолг временски период, пред пристигнувањето на возот, или истовремено да работи повеќе од еден шалтер, со цел да се забрза купувањето на билети.
Иако генерално постапувањата на полицијата во кампот се во рамките на законските овластувања, повремени несоодветни постапувања се забележани од страна на поединечни припадници на унгарската и српската полиција кои се распоредени во кампот.
Новина претставува тоа што во документите кои ги пополнуваат бегалците при регистрација, сега е неопходно да се назначи и „крајна дестинација“ односно држава во која лицето сака да побара азил. Воедно, како држави на крајна дестинација, на бегалците им се нудат само Германија и Австрија.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Во кампот се привршува со подготовките на кујната, каде што ќе се подготвуваат и служат оброци.
На 19.01.2016, бегалец од Сирија кој пристигнал со својата жена во кампот Винојуг, Гевгелија, бил во тешка здравствена состојба, па откако со возило на Црвен крст бил препратен во болница, прво во Куманово а потоа и во Скопје, починал на пат кон болницата. По барање на неговата сопруга, бил погребан наредниот ден на муслимански гробишта со соодветна церемонија.
Бројот на таканаречени „економски мигранти“ кој потекнуваат од земји различни од Сирија, Авганистан и Ирак (на пример: Мароко, Сомалија), секојдневно варира во кампот, а се движи од 4 до 10. На 21.01.2016 година, 10 бегалци биле депортирани во кампот Табановце од Српската граница бидејќи поседувале лажни документи, односно, се претставиле дека се од Сирија, Авганистан и Ирак, а всушност биле од Иран.
Институционално постапување
Бројот на полициски службеници во кампот е минимален, а тие кои се распоредени професионално ги извршуваат своите работни задачи.
Во деновите кога бројот на бегалци е редуциран, намалено е и присуството на невладини организации и активисти во кампот.
„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.