Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 15.02.2016 – 21.02.2016 година
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 08.02.2016 – 14.02.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во текот на оваа недела беа регистрирани 4.465 бегалци, што е за 65% помалку од минатата недела, кога беа регистрирани 12.602 бегалци. Намалувањето на бројката воглавно се должи на новиот договор постигнат помеѓу државите на рутата на бегалците, односно Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија, на 18.02.2016 година во Загреб, Хрватска.
Со новата одлука, главната проверка (профилирање) и регистрирање на бегалците ќе се одвива на грчко- македонската граница, каде што ќе се издава документ кој ќе важи за сите гранични премини понатаму на бегалската рута. Поради ова, на границата ќе бидат распоредени полициски службеници на сите држави и ФРОНТЕКС. Ќе се пропуштаат само бегалците кои потекнуваат од кризно подрачје и кои можат да го докажат својот идентитет со патна исправа, лична карта или друг документ, а истовремено ќе поседуваат грчки документи. Оваа одлука стана ефективна од 19ти февруари, од кога и започнаа да не се пропуштаат бегалците кои не можат да го потврдат својот идентитет.
Со донација на УНЦХР, во кампот се поставени телевизори во секој од шаторите. Во кампот веќе извесно време функционира разгласот кој беше поставен, преку кој, на неколку јазици се соопштува доаѓањето на воз и други корисни информации за бегалците во кампот. Поради лошата хигиена во кампот, бегалците често самите ги чистат шаторите.
Донесени се уште четири нови контејнери близу платформата на возот, со што сега се вкупно 8 шатори. Тоалетите кои се градат во близина на шаторите се во завршна фаза и во скоро време ќе бидат пуштени во употреба, како и тоалетите кои се изградени пред кампот.
Институционално постапување
Со оглед на новите правила при регистрација на бегалците, процесот на регистрирање и проверка на документи се одвива значително побавно од претходно. Исто така, со воведувањето на новите правила, зачестени се случаите на детален претрес врз бегалците, кои често се задржувани и на разговор од страна на полициските службеници.
Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за малиот број на жени- полицајки распоредени на граничните премини во камповите, каде што често се вршат проверки и претреси на жени. Досега, во неколку случаи било забележано како полицаец врши претрес на жена.
Хелсиншкиот комитет апелира да се зголеми присуството и редовноста на жени- овластени службени лица (полицајки).
Куманово
Просторни капацитети и услови
Еден од шаторите во кампот, од неодамна е опремен со 100 кревети во кој бегалците можат да преноќат доколку сакаат. Дополнително, се работи на поставување нови тоалети и тушеви.
Во ниту еден од камповите не постои посебна просторија (соба) за молење односно остварување на верските обреди, па бегалците се принудени да се воздржат од тоа или да се молат каде што ќе најдат.
Хелсиншкиот комитет предлага да се обезбеди соодветна, одделна просторија за молење.
Институционално постапување
Во кампот се сè почести случаите на „економски мигранти“ кои се вратени од српската страна со нелегални документи, како и на „економски мигранти“ кои од Табановце се вратени назад во Гевгелија. Некои се депортираат на грчката страна, но дел од нив се разотидуваат по околните села, барајќи илегални патишта за да продолжат назад.
На 19.02.2016, околу 360 бегалци од Авганистан беа спречени да ја поминат српската граница. Во знак на протест, тие неколку часа останаа на дожд, одбивајќи секаква помош, храна или облека. Кога увидоа дека нивниот протест не дава резултат, беа принудени да се сокријат во шаторите поради ниските температури. Им беше укажана медицинска и хуманитарна помош. Истиот ден, со воз од Гевгелија во кампот пристигнаа уште 290 бегалци, исто така од Авганистан, кои во недостиг на информации кога ќе бидат пропуштени, останаа во кампот. Наредниот ден, околу 709 бегалци од Сирија и Ирак беа пропуштени кон Србија, додека 650те бегалци од Авганистан, веќе два дена беа задржани во кампот.
Хелсиншкиот комитет предупредува дека кампот во Табановце не е наменет за подолг престој на бегалци, ниту пак ги поседува капацитети за соодветно згрижување на поголема бројка луѓе. Оттука апелираме надлежните институции да пронајдат решение за брзо пропуштање на бегалците и избегнување на подолго задржување во кампот во Табановце.
Кон крајот на неделата, на товарен воз беа пронајдени 15 луѓе со потекло од Либија, кои во Грција биле измамени дека возот ќе ги однесе директно во Белград, а платиле по 200 евра од лице. Граничната полиција ги спровела во кампот, каде што им била укажана медицинска и хуманитарна помош.
Загрижувачки е тоа што, кон крајот на неделата во кампот се забележаа неколку бегалци кои сакаат да побараат азил, но службените лица останаа глуви за нивното барање. Тие се служеа со изговори дека немаат барања за азил во тој момент, дека надлежниот полицаец за азил не е присутен, со што бегалците веќе 5 дена се во кампот.
Хелсиншкиот комитет апелира брзо да се разреши нивниот статус и предупредува да не им се скратува на бегалците правото да побараат азил во државата.
„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.