Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 09.05.2016 – 15.05.2016 година
мај 18, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 09.05.2016 – 15.05.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во текот на оваа седмица, бројот на бегалци во кампот изнесува околу 100. Во шаторот за прием пред кампот, секојдневно се носат помали или поголеми групи на бегалци кои полицијата ги затекнува на нелегални патишта низ земјата. По краток престој во приемниот шатор и извршени безбедносни проверки, тие се депортираат кон грчка територија.
На 12.05.2016 година, во кампот остварија посета Амбасадорот на Велика Британија Чарлс Гарет, евроамбасадорот Аиво Орав, кои се запознаа со состојбите и остварија разговор со бегалците.
Институционално постапување
Во текот на седмицата, бројот на бегалци кои се депортираа кон грчката страна изнесува околу 330[1]. Меѓу нив има бегалци од различно потекло, односно од Пакистан, Авганистан, Сирија, Иран, Ирак, Индија, Бангладеж, а во групите има мажи, жени (бремени жени) и деца. Тие кратко се задржуваат во приемниот шатор и им се извршуваат безбедносни проверки.
Куманово
Просторни капацитети и услови
На почетокот на седмицата, бројката на бегалци во кампот беше околу 420, но подоцна истата се намали, па до крајот на седмицата официјалната бројка е 305, а неофицијално има околу 200 бегалци. Ваквата бројка е загрижувачка, земајќи во предвид дека во моментот кога официјално се затворија границите (07.04.2016 година) во транзитниот камп во Табановце бројот на бегалци изнесуваше околу 1.500. Не постојат податоци каде се и што се случило со бегалците кои повеќе не се во кампот.
Поголем дел од шаторите се отстранети од кампот, бидејќи се планира изградба на спортско игралиште. Еден од поголемите празни шатори е целосно затворен и се планира негова пренамена за рекреативни цели.
На 12.05.2016 во кампот оствари посета делегација на УНХЦР и претставници на Јапонската амбасада кои се запознаа со условите во кампот.
На 13.05.2016, 25 бегалци беа фатени на српската граница и беа вратени во кампот во Табановце, бидејќи наводно од тука заминале.
Институционално постапување
Бегалците кои се останати во кампот се во тешка психичка состојба, поради што им е потребна психолошка помош. Во кампот се останати бегалците кои немаат доволно пари за да заминат.
Не постои никаква евиденција на бегалците кои се наоѓаат во кампот, кои си заминуваат, ниту на бегалци кои пристигнуваат од кампот од надвор.
Нерегуларна миграција
Во текот на оваа седмица, регистрирани се само 3 кривично правни настани поврзани со нерегуларната миграција. Два случаи се регистрирани на автопатот Гевгелија- Скопје и во двата се фатени осомничените криумчари. Вкупно 86 мигранти беа регистрирани како жртви на криумчарите, кои се со потекло од разни земји односно, Авганистан, Ирак, Конго, Иран, Пакистан, Сирија.
[1] Оваа бројка е неофицијална и се заснова исклучиво на набљудувањата на Хелсиншки комитет.
„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.