февруари 18, 2016

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 08.02.2016 – 14.02.2016 година

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 08.02.2016 – 14.02.2016 година и може да се преземе на следниов линк.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Во овој период се регистрирани 12.602 бегалци, што е 15% помалку од минатата недела, кога беа регистрирани 14.589 бегалци.

Во кампот постојано се работи на проширување на просторните капацитети. Така на пример, се поставуваат тоалети во близина на платформата на возот и двата големи шатори, кои значително ќе го олеснат престојот на бегалците во кампот. Исто така, поставени се четири нови контејнери во близина на возот, од кои два се опремени со кревети и се наменети за подолг одмор на бегалците.

На 09.02.2016, во кампот оствари посета претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, а кон крајот на неделата посета оствари и министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Во кампот е редовно присуството на новинарските екипи, домашни и странски. Во одредени ситуации, забележано е непристојно и неетичко однесување на одредени новинарските екипи, кои без одобрение ги сликаат и снимаат бегалците и ги вознемируваат со лични прашања, дури и кога не сакаат да одговараат.

Хелсиншкиот комитет апелира до новинарските екипи на терен да се придржуваат до етичките стандарди на новинарството и да ја имаат предвид чувствителната состојба во која се наоѓаат бегалците.

Институционално постапување

Во текот на неделата, се воведе решение за постојаниот проблем со превозот и пропуштањето на бегалци кои немаат парични средства за карти. Имено, се прави список на лица кои немаат доволно (или воопшто) пари за карта за воз и кои поминале одредено време во кампот (еден или два дена), по што тој список се доставува до Македонски железници, одобрен од овластено лице од Центарот за управување со кризи и лицата се пропуштаат со воз. 

Хелсиншкиот комитет го поздравува ваквото решение и апелира да продолжи да се применува.

Во кампот се присутни полициски службеници на Чешката, Словачката, Словенечката, Унгарската и од неодамна Српската полиција. Забележани се исто така и зачестени патролирања низ градот, околните села и патишта.

Во изолиран настан, припадници на словачката полиција интервенирале при тепачка помеѓу група на Авганистанци и Сиријци која настанала во возот.

Депортирањето на поединци и групи кон Грција секојдневно се зголемува, бидејќи сè повеќе групи се затекнуваат со фалсификувани документи. Новина е тоа што во текот на неделата беа затекнати бегалци кои потекнуваат од Непал, Кенија и Шри Ланка.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Транзитирањето на бегалците низ кампот во Табановце се одвива брзо и во добар ред. Бегалците кратко се задржуваат во кампот, по што веднаш продолжуваат за Србија.

Институционално постапување

Еден од поголемите проблеми во кампот претставува справувањето со таканаречените „економски мигранти“, односно организирањето на нивно превезување назад кон Гевгелија. Во недостаток на превоз кон Гевгелија, тие се задржуваат подолго време во кампот, понекогаш и до една недела, што влијание лошо врз нивното здравје.

Во текот на неделата, по интервенција на набљудувачите на терен, неофицијално беше договорено со полициските службеници, „економски мигранти“ да се враќаат назад кон Гевгелија со воз. Меѓутоа, ваквата одлука не се спроведува од страна на вработените во Македонски железници, со оправдување дека тоа не можеле да го сторат без наредба од раководно лице. Кон крајот на неделата, беше договорено раководителот на кампот да го одобрува превезувањето на „економските мигранти“ со воз назад до Гевгелија.

Хелсиншкиот комитет апелира на добро организиран и координиран договор помеѓу надлежните институции во кампот, со цел да се обезбеди превоз за „економските мигранти“ кои сакаат да се вратат назад кон Гевгелија.

Од српската страна во текот на неделата беа вратени 11 луѓе во Македонија, некои од нив бидејќи се од групата „економски мигранти“, а останатите бидејќи не поседувале соодветни документи.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.

Документи