Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 07.12- 13.12.2015 година

декември 15, 2015

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 07.12- 13.12.2015 година.

Гевгелија 

Капацитети и услови 

Во кампот има недостаток од топла облека и обувки. Во текот на неделата, греалките на плин кои претходно беа поставени надвор, се преместени во двата шатори во кампот, но тоа не ги задоволува потребите за затоплување на бегалците или останатите присутни во кампот (активисти, волонтери, полиција).

Кампот беше посетен од меѓународната организација Амнести интернешнл.

Институционално постапување 

Понекогаш се случуваат отстапувања од организираното и координирано спроведување на бегалците во групи, што доведува до инциденти. Јазичната бариера и понатаму игра клучна улога во недоразбирањата меѓу бегалците и полицијата.

Во конкретен настан, на 09.12.2015, во среда, во 20:00 часот, настана сериозен инцидент во кој неоправдано беше употребена сила од страна на полицијата, односно, полициски службеници започнаа со палки да удираат врз бегалците, при неуспехот да ги подредат бегалците пред билетарницата на ЈП Македонски железници. Полициски службеници, најпрво удираа со палките врз торбите на бегалците, за подоцна да почнат да удираат и врз нив директно. Особено загрижувачки е што определен полициски службеник употреби палка врз еден од бегалците кој на својот грб носеше 2 годишно дете и на никој начин не го провоцираше или напаѓаше полицискиот службеник. Потоа, полициските службеници ги спроведоа бегалците во еден од шаторите, исто така употребувајќи сила, со цел да ги доведат во ред. Предупредувањата од страна на активистите и набљудувачите на терен не беа слушнати од страна на полициските службеници кои постапуваа во тој момент. Според полициските службеници, употребата на сила уследила откако тие биле нападнати од бегалците.

Хелсиншкиот комитет опоменува дека ваквото однесување од страна на полициски службеници е неприфатливо. Недозволиво е да се употребува сила која не е неопходна врз групите на бегалци со цел да се доведат во ред, доколку претходно не му се издадени разбирливи усни наредби и инструкции за тоа. Особено недозволиво е да се употребува сила врз групи во кои се присутни деца, што ја загрозува нивната безбедност и предизвикува чувство на несигурност.

За конкретниот настан, Хелсиншкиот комитет ќе се обрати до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.

Во текот на неделата се одржа протест на таксистите кои го изразија својот револт поради монополот на ЈП Македонски железници во превоз на бегалците од Гевгелија до Табановце. Поради протестот, во одредени денови беше намален протокот на бегалци бидејќи протестот ја блокираше железничката пруга.

Бегалците кои се затекнати во кампот без соодветни документи, со возило се депортираат назад до границата и се спроведуваат на грчка територија. Нивниот број се движи од 15 до 70 на ден.

Куманово 

Капацитети и услови 

Греење во кампот сè уште нема. Единствено се загреани шаторите на СОС Детско село, кои се наменети за деца, но и тие имаат мал капацитет.

Кампот го посетија Народниот правобранител Иџет Мемети и Народниот правобранител на Република Србија, Саша Јанковиќ.

Организациите „Мерхамет“, „Класја на добрина“, „Мајка Тереза“, „Каритас“ се дел од организациите кои делеа храна и топол чај меѓу бегалците во текот на неделата.

Интензивно се работи на проширување на кампот. Поставени се и монтажни бараки за бањање на бегалците. Во кампот нема услови за движење и одмарање на инвалидни лица, што е значителен проблем веќе подолг период.

Институционално постапување 

Сериозен проблем се појавува со таканаречените „економски мигранти“ кои се практично заглавени во транзитниот камп во Табановце. Имено, околу триесетина лица кои потекнуваат од земји различни од Сирија, Авганистан и Ирак, не се пропуштаат понатаму, а пристигнале во кампот во Табановце пеш. Тие не се во можност да се вратат назад во кампот во Гевгелија користејќи било каков превоз бидејќи не поседуваат валидни документи за регистрација во Република Македонија (кои им дозволуваат легално да се движат во рок од 72 часа), ниту пак имаат пари. Од друга страна, тие се плашат да се вратат во Гевгелија пешки, како што и стигнале, бидејќи дел од нив по патот биле жртви на разбојништво од вооружени групи. Во кампот се веќе шест дена, а психичката состојба на неколкумина од нив се влошува поради неизвесноста за нивната ситуација. Во текот на неделата им беше кажано од службите дека мора да го напуштат кампот, па тие се разотидоа во непознати правци.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.