Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 06.06.2016 – 12.06.2016 година

јуни 16, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 06.06.2016 – 30.06.2016 година.

Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот на почетокот на седмицата изнесуваше 137, а подоцна се намали на 134, бидејќи тројца бегалци по сопствено барање беа пренесени на грчка страна.

Со оглед на започнувањето на рамазанските постови, раздвижувањето на бегалците низ кампот е минимално.

Просторот кој што беше наменет за служење на кафе и чај, сега е прилагоден за гледање телевизија. Тој е поделен на два дела и се поставени телевизори.

Во кампот се подготвува објект кој ќе биде наменет за перална и сушална каде бегалците ќе можат да ги перат своите алишта.

Хелсиншкиот комитет ги поздравува овие унапредувања во кампот кои ќе придонесат за анимирање на бегалците и ќе го олеснат нивниот престој.

Институционално постапување

Во текот на седмицата од страна на полицијата беа затекнати вкупно 56 бегалци по илегални патишта, кои по кратко задржување во приемниот шатор пред кампот, беа пренесени кон грчка територија.

На почеток на седмицата, 17 бегалци изразиле намера дека сакаат да побараат азил во Република Македонија.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот се движи од 130 до 150.

Како резултат на постот, се забележува намалена раздвиженост на бегалците во кампот.

Поради постовите, кујната во кампот ќе биде отворена постојано, а бегалците ќе имаат можност сами да си готват.

Институционално постапување

Во кампот постојано пристигнуваат нови бегалци од разни држави кои се движат пеш.  Истовремено, од кампот постојано си заминуваат бегалци кои се упатуваат по нелегални патишта кон Србија.

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Во моментот во Прифатниот центар за странци – Гази Баба се задржани 25 бегалци, додека во Прифатниот центар за баратели за азил се сместени 14 бегалци. Во Безбедната куќа во која се сместуваат ранливи категории, во моментот се сместени 20 лица.

Нерегуларна миграција 

Во текот на оваа седмица, од Билтенот на Министерството за внатрешни работи се регистрирани  кривично-правни настани поврзани со мигранти (бегалци), од кои 3 во близина на село Удово, а останатите два на патишта кон Струмица. Во еден од настаните (на 07.06.2016) е сторено разбојништво врз петмина бегалци, од страна на 4 лица. Против нив се поднесени кривични пријави. Во другите 4 случаи, станува збор за криумчарење на мигранти, при што, петмина осомничени се фатени од страна на полицијата, а еден е во бегство. Вкупно 53 бегалци биле жртви на регистрираните настани, со потекло од Сирија, Авганистан, Пакистан и Иран.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.