Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 02.05.2016 – 08.05.2016 година

мај 12, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 02.05.2016 – 08.05.2016 година.

Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Во почетокот на седмицата, вкупниот број на бегалци во кампот изнесува 101. Повремено се случува од кампот да заминат мал број на бегалци (тричлено семејство и две момчиња). Во приемниот шатор пред кампот бројката на бегалци секојдневно варира.

Поради ниските температури во текот на ноќта, на бегалците повторно им се распределени греалки од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Институционално постапување

Во текот на оваа седмица, секој ден во приемниот шатор беа носени поголеми и помали групи на бегалци кои полицијата ги затекнала по илегални патишта. Наместо да се носат во полициската станица во Гевгелија, поради недостаток на просторни услови, бегалците се носат во кампот и за кратко време се депортираат кон грчка територија од страна на македонските служби. Бројот на бегалци во групите варира од најмалите групи со околу 40 луѓе, до најголемите групи со околу 200 луѓе. Вкупната бројка на бегалци кои во оваа седмица биле сместени во приемниот шатор во кампот, а потоа депортирани кон грчка територија изнесува околу 1267.[1] На овие групи им се укажува медицинска помош и им се дели храна и облека од страна на Црвен крст и невладините организации. Како редовна процедура, полициските служби ги одделуваат бегалците по земја на потекло, како и мажите од жените и децата, по што спроведуваат информативен разговор со мажите и детален преглед (претрес) во одредени случаи.

Кампот го посетија полициски служби на Република Полска, кои и официјално ќе се приклучат во патролите низ општина Гевгелија, локалните патишта и автопати, како и по должина на јужната граница, заедно со македонската полиција.

Куманово

Просторни капацитети и услови

На почеток на седмицата, бројот на бегалци во кампот изнесуваше 601, додека до крајот на седмицата бројката се намали на помалку од 400 бегалци. Не постојат конкретни информации за тоа што се случува со бегалците кои го напуштиле кампот.

Поради сериозно нарушување на хигиената во кампот, постојана појава се стаорци и во последно време, значителна појава на змии.

Институционално постапување

На ова поле, нема никаква значителна промена во кампот.

Нерегуларна миграција

Во текот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи преку дневните билтени извести за пет случаи на криумчарење на мигранти, од кои најголем дел се во гевгелиската околина. Имено, во сите случаи имало вкупно 132 бегалци со потекло од Ирак, Сирија, Иран, Пакистан и Авганистан, но и по еден бегалец со потекло од Индија и Конго. Во петте случаи, тројца од осомничените криумчари се фатени од страна на полицијата, еден се дал во бегство додека во останатите два случаи, осомничени не се пронајдени на местото на настанот, туку мигрантите се пронајдени во товарни возила.


[1] Овој број е неофицијален и се базира исклучиво на следењето на бројките од страна на набљудувачите на Хелсиншки комитет.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.