Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 01.02.2016 – 07.02.2016 година
февруари 10, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 01.02.2016 – 07.02.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Во овој период се регистрирани 14.589 бегалци, што е за 19.5% повеќе од минатонеделниот период, кога беа регистрирани 12.209 бегалци.
Неделата ја одбележаа протестите на такси превозниците, кои во неколку наврати ја блокираа железничката пруга во знак на протест за непропуштањето на бегалците да патуваат до Табановце со такси возила. Протестот се прекинуваше неколку пати, кога повремено се пропуштаа групи на бегалци да патуваат со такси возила. Иако Генералниот штаб на Центарот за управување со кризи донел одлука бегалците да се пропуштаат и со такси превоз, таа не се почитува. Таксистите повторно протестираа на 06.02.2016, но овој пат беа спречени да ја блокираат железничката пруга од страна на полициските сили.
По донесената одлука на Република Македонија, во текот на неделата се започна со поставување на втор ред на жичена ограда со бодликава жица, паралелно со веќе постојната ограда. Целта на поставувањето е да се спречат или намалат нелегалните преминувања на бегалците.
Покрај проширувањата на кампот со тоалети, се напредува и со изградба на кујна во која бегалците ќе можат да добиваат храна во кампот.
Институционално постапување
Пропуштањето на бегалците се одвива организирано и координирано, а овластените службени лица одговорно си ја вршат својата работа.
Во кампот моментално се присутни полициски службеници на Република Унгарија, Словенија, Словачка и Чешка. Тие се распоредени на смени и асистираат при влегување на бегалците во кампот и нивно регистрирање, како и нивно групирање при качување во возот.
Различни медиуми, домашни и странски, се секојдневно присутни во кампот.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Се очекува во кампот во секој момент да започне функционирањето на кујната.
Во текот на неделата, во врнежливите денови на бегалците им беше отежнато движењето кон српската граница поради недостаток од кабаници. Притоа, се создава нервоза и безредие во кампот, поради тоа што бегалците се задржани подолго време.
Хелсиншкиот комитет препорачува надлежните институции да обезбедат кабаници во кампот во секое време, без разлика на временските услови.
Институционално постапување
Најголемиот проблем во кампот и понатаму останува секојдневното пристигнување на таканаречените „економски мигранти“, кои или пристигнуваат движејќи се пеш, по илегални патишта од грчката граница (самоиницијативно или со помош на криумчарски групи) или се вратени назад од српската граница. Во кампот не постојат информации или инструкции како треба да се постапува со овие лица, па тие го напуштаат кампот, препуштени сами на себе.
Хелсиншкиот комитет апелира надлежните служби итно да преземат мерки за соодветно постапување со групите на „економските мигранти“ или да обезбедат нивно контролирано и организирано враќање до грчката граница.
Во случаите кога бегалците се пропуштаат да патуваат со такси од Гевгелија до Табановце, односот на таксистите со бегалците е загрижувачки. Тие најчесто ги променуваат цените за превоз од тргнувањето до пристигнувањето, со што ги измамуваат бегалците и предизвикуваат расправии и физички пресметки. Во изолиран случај, полицијата интервенирала за да спречи насилство врз група од бегалците од страна на таксист.
Хелсиншкиот комитет изразува загриженост за постапувањето на таксистите кон бегалците. Оттука препорачува да се обезбеди присуство полициски службеници на местата каде што бегалците пристигнуваат со такси возила, со цел да се избегнат недоразбирањата.
„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.