Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 11.07.2016 – 17.07.2016 година
јули 20, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 11.07.2016 – 17.07.2016 година и може да се преземе на следниов линк.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот изнесува 136. Во кампот се пристигнати тројца нови бегалци со потекло од Авганистан.
Низ целиот камп се поставени патеки од бекатонски плочки.
Ситуацијата во кампот е тензична и загрижувачка поради неизвесноста на бегалците за нивната состојба.
Невладината организација Легис во кампот организира едукативно-креативни активности за бегалците односно за жените и децата.
Институционално постапување
Во текот на седмицата, на 14 бегалци кои се сместени во ПТЦ[1] Винојуг, од кои 13 од Сирија и еден од Ирак, им се издадени потврди дека ќе се разгледуваат нивните поднесени барања за азил. Иако се баратели на азил, тие не се преместени во Прифатниот центар за странци во Визбегово.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот изнесува околу 70. Бројката се менува со повремено пристигнување и заминување на бегалци од различно потекло.
Бегалците за загрижени за неизвесната состојба во која се наоѓаат и недостатокот на информации од страна на институциите. Нивната психичка состојба е загрижувачка и имаат сериозна потреба од психолог.
Институционално постапување
Во текот на седмицата, неколку поединци односно семејства пристигнаа во кампот и беа згрижени. Во одделни случаи, две семејства од Сирија кои се упатиле кон кампот во Прешево, Србија, беа фатени од страна на српската полиција и вратени назад во Македонија. Откако се вратија во кампот во Табановце, им беше укажана медицинска и хуманитарна помош поради исцрпеност. Во друг случај, бегалец со потекло од Авганистан пристигна во кампот. Според него, тој дошол сам и пеш од Грција. Истиот ден, во кампот пристигнаа уште двајца беглаци со потекло од Пакистан, на кои им беше обезбеден простор за сместување. Во текот на наредниот ден пристигнаа уште двајца бегалци со потекло од Конго. Тие изразија желба да се вратат кон Грција, поради што им беше кажано дека со воз ќе бидат испратени во Гевгелија. Кон крајот на седмицата, во кампот пристигна жена со потекло од Сирија, која наводно патувала со нејзиното семејство, но кога стигнала до Србија тие биле разделени и само неа ја вратиле во Македонија. На жената и е овозможен престој во кампот, а од страна на МТСП се прават напори за спојување на семејството.
Состојба во Прифатните центри во Република Македонија
Во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, моментално се сместни 39 бегалци, додека во Прифатниот центар за странци во Гази Баба се задржани околу 30 бегалци. Во Безбедносната куќа, во која се згрижуваат ранливи групи, жени и деца, во моментот се сместени 12 бегалци.
Нерегуларна миграција
Во текот на оваа седмица, при Министерството за внатрешни работи не е регистриран ниту еден кривично правен настан поврзан со криумчарење мигранти.