Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 25.07.2016 – 31.07.2016 година
август 5, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 25.07.2016 – 31.07.2016 година.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот во текот на седмицата се движи од 125 до 128, не земајќи ги предвид скоро секојдневните пристигнувања и заминувања на бегалци кои се заткнати по илегални патишта и во кампот поминуваат кратко време.
Се најавува поставување на нови контејнери пред приемниот шатор на кампот, каде што ќе се сместуваат бегалците кои се баратели на азил. Иако ќе бидат сместени пред кампот, на барателите на азил ќе им биде овозможено целосно користење на сите услуги во кампот (перење облека, тоалети, кујна). Четиричлено семејство од Авганистан кои се баратели на азил е прв таков случај.
Од страна на невладините организации на терен се организираат работилници за жените и децата, додека мажите се занимаваат само со спортски активности.
Институционално постапување
На 25.07.2016, со придружба на полицијата во кампот се донесени 14 бегалци со потекло од Авганистан, Мароко, Либија и најголем број од Пакистан. Тие биле затекнати во близина на село Смоквица, Гевгелија. Непосредно потоа, се донесени уште двајца бегалци со потекло од Сирија, кои биле затекнати кај Дојран. После спроведени разговори од страна на безбедносните служби, сите 16 лица се пренесени на грчка територија.
Наредниот ден, во кампот се донесени 5 бегалци со потекло од Ирак, затекнати од полицијата во близина на Ново Село, Струмица. До крајот на седмицата е донесен само уште еден маж со потекло од Сирија кој патувал сам од Грција. Тој е згрижен во кампот и му е укажана хуманитарна помош.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот во Табановце во текот на седмицата од околу 70 на почетокот се искачи на околу 95 до крајот на седмицата. Ново пристигнати бегалци има секојдневно, со потекло од Мароко, Алжир, Ирак, Сирија, Бангладеш и Авганистан. Некои од нив доаѓаат од Грција со помош на криумчарски групи, некои се вратени од Србија на македонска територија, а голем дел доаѓаат во кампот да се засолнат од криумчарските групи.
Институционално постапување
Забележана е поголема раздвиженост на бегалците во овој регион. Невозможно е да се следи точната бројка на бегалци кои престојуваат во кампот, бидејќи најголем дел од ново пристигнатите бегалци не се регистрирани. Од страна на надлежните институции, им се кажува да го напуштаат кампот откако ќе им биде укажана хуманитарна помош, но тие сепак остануваат. Истовремено, не се води евиденција на бегалци кои влегле во кампот или го напуштиле па потоа повторно се вратиле.
Во два одделни случаи, групи на бегалци кои пристигнаа во кампот се пожалија дека биле физички малтретирани, ограбени и уценувани од страна на криумчари на територијата на Република Македонија.
Двајца бегалци од Алжир, во обид да се качат на товарен воз кон Србија, доживеаја струен удар од жица, при што едниот беше посериозно повреден, а другиот полесно повреден. Двајцата се пренесени во болница, каде што едниот од нив е задржан поради сериозноста на повредите.
Кон крајот на седмицата пристигнаа над 20 бегалци со потекло од Алжир, Мароко, Бангладеш и Пакистан. При разговор со нив тие соопштиле дека од својата земја патуваат скоро 1 година. Воедно, се пожалија на лош однос и физичко малтретирање од страна на грчката полиција. Непосредно по нив, пристигна уште една група од 3 лица од Мароко, од кои еден со видливи телесни повреди и потреба за лекарска грижа.
Хелсиншкиот комитет апелира до надлежните институции и безбедносните служби да се преземат итни и сериозни мерки за гарантирање на безбедноста и физичкиот интегритет на бегалците и илегалните мигранти кои се движат на територијата на Република Македонија, кои ќе вклучуваат задолжително прифаќање во прифатно-транзитните центри и нивно регистрирање, како и соодветна истрага на пријавените случаи на насилство.
Состојба во Прифатните центри во Република Македонија
Бројната состојба со бегалци во прифатните центри во Република Македонија во моментот е недостапна.
Нерегуларна миграција
Во текот на оваа седмица при Министерството за внатрешни работи се регистрирани два кривично- правни настани поврзани со криумчарење мигранти. Во првиот случај, 26 бегалци од кои 21 од Авганистан и 5 од Пакистан, се затекнати на автопатот Скопје- Гевгелија, во близина на с. Смоквица, во паркирано товарно возило со тетовски регистарски таблички. Возачот на возилото не е пронајден на местото. Двајца бегалци се префрлени во Прифатен центар во Скопје, а остатокот во ПТЦ Гевгелија.
Истиот ден, на регионалниот пат Валандово- Дојран, под мост се затекнати поголема група бегалци во возило со струмички регистарски таблички и без возач. По направениот увид, се преземаат мерки за расчистување на двата случаи.