август 30, 2016

Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 15.08.2016 – 28.08.2016 година

Двонеделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 15.08.2016 – 28.08.2016 година и може да се преземе на следниов линк. 

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Во текот на овој период, бројот на бегалци во кампот се движи од 127 до 137, бидејќи одредени семејства, по своја волја се пренесени на грчка територија, додека одредени групи се задржани во кампот, најчесто поради здравствени причини.

Во периодот од 16-17 август, од страна на невладината организација Легис е организиран турнир во пинг понг  при што се поделени благодарници на бегалците кои учествуваа и симболични награди за победниците.

Од страна на невладините организации се организирани курсеви по англиски и германски јазик за бегалците, за кои тие покажуваат огромен интерес.

Од страна на Црвен Крст повремено се организираат прошетки на децата до градот.

Хигиената во кампот е влошена бидејќи хигиеничарите во знак на пасивен протест одбиваат да ги исполнуваат своите работни обврски.

Институционално постапување

Во текот овој период, околу 160 бегалци кои се затекнати на илегални патишта, се донесени во кампот и по обезбедувањето на здравствена и хуманитарна помош се пренесени на грчка територија. На 19.08.2016, група од 43 бегалци со потекло од Сирија се фатени во близина на Штип како пешки се движат покрај регионален пат. Откако во кампот им е укажана здравствена помош, тие во две групи се пренесени во Грција. На 21.08.2016 година, во близина на тунелите кај Демир Капија се пронајдени 14 бегалци со потекло од Авганистан во возило без возач. Тие се пренесени во Прифатниот- транзитен центар Гевгелија каде што се згрижени и со нив е извршен разговор од страна на службени лица. Кон крајот на денот се пренесени во Грција. На 23.08.2016 година, во кампот се донесени 57 бегалци со потекло од Сирија и Ирак кои се фатени во близина на село Банско, Струмица и по остварениот разговор со службените лица, тие  се пренесени на грчка територија. На 25.08.2016 во кампот се донесени 18 бегалци затекнати во близина на Сува Река и тие веднаш се пренесени во Грција. На 26.08.2016, 9 бегалци со потекло од Бангладеш и Авганистан се фатени во близина на Свети Николе при обид за криумчарење и подоцна пренесени во Грција.

Млада бегалка од Авганистан која неодамна се породи во Гевгелија, со нејзиниот сопруг првично поднеле барање за азил во Република Македонија, од кое по неколку дена се откажале.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот неофицијално се движи од 67 до 71, зависно од бегалците кои доаѓаат и остануваат во кампот кратко време, по што одново се обидуваат да ја преминат српската граница по илегални патишта.

Спортско рекреативниот простор кој се подготвува извесен период е во завршна фаза.

Хигиената во кампот е на значително лошо ниво, со оглед на тоа што хигиеничарите протестираат поради задоцнета плата. Поради лошата хигиена, во кампот се утврдени случаи на шуга кај неколку семејства и деца. Надлежните служби не преземаат соодветни мерки за справување со заразните болести, како што е целосна дезинфекција на контејнерите во кои престојуваат бегалците и одвојување на појавените случаи.

Бегалците се жалат на лошиот квалитет на храна која ја добиваат. Иако тие во неколку наврати бараат сами да си ја приготвуваат храната, тоа не им се овозможува.

Институционално постапување

Во кампот има голема фреквенција на бегалци со потекло од различни држави (Мароко, Алжир, Бангладеш) кои формално не се регистрирани. Дотолку повеќе, тие се предупредуваат од страна на службените лица дека во кампот може да добијат медицинска помош, храна и вода, и потоа мора да го напуштат кампот. Во неколку наврати, на одредени семејства и лица кои пристигнаа во кампот по илегални патишта (вратени од српска граница или пристигнати од околните села) не им е дозволен влез во кампот од страна на службените лица, од непознати причини.

Жена со потекло од Сирија чиј сопруг е во Германија, после 6 месечен процес успеа да се обедини со својот сопруг и да замине од кампот со цел да се спои семејството во Германија. Ова е првиот случај на семејно обединување кој се остварил со бегалци сместени во прифатно-транзитните центри во Република Македонија.

Од неофицијални извори, во околината на село Лојане, Кумановско, постои паралелен неформален камп во кој престојуваат поголем број бегалци. Црвен Крст и останатите организации (УНХЦР и невладини) повремено дистрибуираат хуманитарна помош на овие групи, но не постои формално организирана помош и поддршка за нив.

Состојба во Прифатните центри во Република Македонија 

Бројот на бегалци сместени во прифатните центри во Република Македонија е недостапен.

Нерегуларна миграција 

Во текот на овој период, во билтенот на Министерството за внатрешни работи се регистрирани пет кривично- правни настани поврзани со мигранти. Два од нив се случиле на 18.08.2016, од кои во еден случај се пронајдени 40 бегалци во товарно возило, чиј возач избегал од местото на настанот. На 21.08.2016, во близина на тунелите кај Демир Капија се пронајдени 14 бегалци со различно потекло во возило без возач. Со нив е извршен информативен разговор и се пренесени во ПТЦ Гевгелија. На 24.08.2016 пак, исто во близина на тунелите кај Демир Капија, повторно е затекнато товарно возило со 47 бегалци со потекло од Сирија, Ирак, Авганистан и Пакистан чиј возач е приведен од страна на полицијата. На 25.08.2016, во близина на село Мездра. Св. Николе, било пронајдено товарно возило со 9 бегалци со потекло од Авганистан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот на возилото.

Документи