Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 05.09.2016– 11.09.2016 година
септември 13, 2016
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 05.09.2016 – 11.09.2016 година и може да се преземе на следниов линк.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот изнесува 127 и остана непроменет во текот на цела седмица.
Се поставува бетонска подлога во пределот пред капијата каде што е предвидено да се постави скенер за идентификација и детектирање метал.
Во кампот се поставени четири нови контејнери и бегалците се веќе вселени во нив.
Тим на УНИЦЕФ оставари посета во кампот, придружен од познат норвешки актер, кој оствари средба со децата.
Во пресрет на муслиманскиот празник Курбан Бајрам, бегалците се подготвуваат се прослава според нивните обичаи.
Институционално постапување
Две деца од кампот се однесени на редовна вакцинацјиа во Гевгелија, со транспорт обезбеден од страна на Црвен Крст.
Во текот на седмицата, само едно семејство со потекло од Сирија, маж, жена и три деца, се откриени во близина на самата ограда на границата. По доделувањето на храна и вода од страна на Црвен Крст, тие се депортирани кон грчката страна. Со тоа, овие пет бегалци се единствените во текот на целата седмица што е пренесена кон грчка страна.
Од страна на невладините организации, за девојчињата во кампот се организирани часови по Зумба. Додека некои од бегалците посетуваат часови по јазици, остатокот од нив се во депресивна состојба и немаат желба да се вклучат во никакви активности.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Официјалниот број на бегалци во кампот изнесува околу 60.
Во пресрет на празникот Курбан Бајрам се подготвува соодветна прослава.
Дел од контејнерите во кампот се демонтираат, со цел да се постават нови.
Хигиената во кампот е на катастрофално ниво, бидејќи хигиеничарите во знак на протест поради неисплатени плати, веќе втора недела не ги извршуваат своите обврски.
На еден од бегалците му е подарен музички инструмент.
Институционално постапување
На 09.09.2016, во кампот пристигна семејство од Авганистан, четири деца со бремена мајка, на кои првично им беше забрането да влезат во кампот од страна на службените лица. Подоцна им беше дозволен краток влез во кампот, кој што го искористија за лична хигиена.
Се забележува голем број на бегалци кои престојуваат во соседните ниви на кампот. Тие повремено доаѓаат во кампот, барајќи храна.
Во кампот е вратен бегалецот со потекло од Алжир, кој пред неколку седмици беше погоден од удар на струја, во обид да избега преу возот.
Состојба во Прифатните центри во Република Македонија
Бројот на бегалци сместени во Прифатните центри во Република Македонија е недостапен.
Нерегуларна миграција
Во периодот на оваа седмица, Министерството за внатрешни работи регистрирало само еден кривично правен настан поврзан со криумчарење мигранти, кој се случил на 11.09.2016 година. Имено, на наплатната рампа Отовица, на автопатот Гевгелија- Скопје, е фатен еден сторител кој превезувал 10 бегалци.