Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 12.09.2016– 18.09.2016 година
Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот, Институционално постапување, состојбата во Прифатните центри и Нерегуларната миграција, за периодот 12.09.2016 – 18.09.2016 година и може да се преземе на следниов линк.
Гевгелија
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот за оваа седмица изнесува 126 и се задржа во текот на цела седмица.
На 12.09.2016 година по повод верскиот празник Курбан Бајрам, во кампот беше одржана мала прослава.
На 16.09.2016 во кампот оставри посета делегација на Европската Унија и ИОМ, предводена од новоименуваниот евроамбасадор во Македонија, Самуел Жбогар.
Подготовката за поставување на детектор за метал на капијата во кампот е во завршна фаза.
Со донација на УНИЦЕФ во кампот се поставени лулашки за деца, кои се главна занимација на децата во кампот.
Институционално постапување
Ноќта помеѓу 16ти и 17ти, група од 14 бегалци со потекло од Ирак, Сирија, Египет се донесени во кампот со воен камион на АРМ. Тие пеш, нелегално ја поминале границата, а биле затекнати од страна на полицијата во близина на Богданци.
Куманово
Просторни капацитети и услови
Бројот на бегалци во кампот се движи околу 60. Забележан е одреден број на бегалци кои престојуваат во полињата близу кампот, а на кои пристап во кампот не им е дозволен. Тие повремено се обраќаат во кампот за да добијат храна и вода.
После катастрофалните хигиенски услови во текот на минатата седмица, во овој период е извршено чистење и дезинфицирање на кампот од страна на Центар за јавно здравје Куманово.
Институционално постапување
Во почетокот на седмицата во кампот пристигна татко со две малолетни деца со потекло од Сирија, на кој не му беше дозволен пристап во кампот. Тој се упати во околните села, а Црвен Крст обезбеди медицинска и хуманитарна помош. По неколку дена, семејството се упати со воз кон Гевгелија, бидејќи добиле информација дека мајката била затекната во Гевгелија и вратена на грчка страна.
Бегалецот со потекло од Алжир кој по преживеан струен удар пред неколку дена беше вратен во кампот од болница, се соочува со сериозни болки од недоизлекуваните повреди, а лекарите во кампот не се во можност да му ги обезбедат потребните средства за третман.
Состојба во Прифатните центри во Република Македонија
Бројот на бегалци кои се згрижени во Прифатните центри во овој период е недостапен.
Нерегуларна миграција
Во текот на оваа седмица, во билтенот на Министерството за внатрешни работи не е регистриран ниту еден кривично-правен настан поврзан со криумчарење мигранти.