Посебен извештај: Протест на стечајни работници, 18 февруари 2014 година

февруари 21, 2014

Здружението на стечајни работници и акционери УНИТ Куманово (УНИТ) поддржани од неформалното движење за социјална правда „Ленка“ и левичарската активистичка организација „Солидарност“ на 18.02.2014 во 10 часот наутро го започнаа уредно најавениот протест пред Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Седиштето на Сојузот е во централното градско подрачје на улица бул.12-та Македонска бригада 2-а. По пристигнувањето на набљудувачката на Комитетот веднаш забележа дека граѓаните се наоѓаат на паркингот на оваа улица, додека пак полициските службеници го чуваа пристапот до зградата на ССМ оддалечувајќи ги на 20 до 30 метри од местото на закажаниот протест. Тензиите започнаа по негодувањето на граѓаните со прашања зошто не им е дозволено да го изразат своето незадоволство пред влезот на ССМ. Првиот краток судир со полициските службеници кои одбиваа да дозволат да се пристапи до влезот на ССМ беше поради овие причини.

Види видео 1: https://www.youtube.com/watch?v=5S3oNrzeWPw и видео 2:  https://www.youtube.com/watch?v=6fiWI3HFvJc

Набљудувачката на Комитетот го побара известувањето за протестот и утврди дека истото се однесува на локацијата до која што, спротивно на Чл.2а од Законот за јавни собири*  беше оневозможен пристап. По спроведените разговори со  раководниот полициски службеник во врска со известувањето беше повлечен кордонот на полициски службеници и граѓаните пристапија кон местото назначено за протест. По ова, преставник на УНИТ беше во постојана добра комуникација со полициските службеници во однос на рутата на протестот која требаше да тргне кон второто закажано место за протест односно пред Владата на РМ. До пристигнувањето до Владата, граѓаните беа придружувани од полициски службеници соодветно и нивниот однос беше на завидно ниво.

Протестот пред Владата на РМ започна мирно но со значително зголемен број на полициски службеници кои го обезбедуваа просторот. Претставничката на Комитетот забележа два типа на полициски службеници и тоа припадници на редовната униформирана  полиција и припадници на Единицата за брзо распоредување (ЕБР).

Дел од редовната полиција беше со дополнителна заштитна опрема и го обезбедуваше просторот позади оградата во дворното место на Владата, додека пак ЕБР беа присутни во подземниот паркинг на Владата, а дел од нив, како што може да се забележи на фотографијата, беа сокриени позади заштитните градежни паравани.

Протестот во првиот час од пристигнувањето кај Владата беше мирен, но по недостатокот од реакција на владините претставници толпата започна со обиди за извлекување на заштитната ограда.

Тресењето на оградата и обидите за нејзино отстранување на граѓаните кои протестираа траеше подолг временски период при што во ниту еден момент не беа опоменети, спречени или пак предупредени дека доколку не престанат со овие активности полициските службеници ќе применат сила, спротивно на Чл.54 од Законот за полиција** ниту пак, на групата им беше издадено наредба да се разотидат, како што е предвидено во Членот 91 од истиот Закон. Со овој податок се остава простор за сомнеж за т.н. улога на полициските службеници како заштитници на јавниот ред и мир или пак интенцијата беше да се дозволи да започне неред кој потоа ќе може да биде неутрализиран единствено со примена на сила. Впрочем, смирувањето на тензиите ескалира поради директната употреба на сила од страна на полициските службеници кон граѓаните кои потоа се бранеа од палките, клоците и штитовите.

Како резултат на применетата сила и полициското насилство настрадаа повеќе граѓани кај кои беа забележителни телесни повреди додека ниту еден полициски службеник не беше повреден што укажува на фактот дека граѓаните не употребиле сила против полициските службеници која би можела да претставува закана по безбедноста на полициските службеници. Во судирот од средина на собраната толпа од страна на полициските службеници брутално беа извлечени само две лица, иако во толпата учествуваа најмалку 50тина. Едното лице беше идентификувано како Љиљана Георгиевска, претседателка на здружението „УНИТ“ (види видео 3: https://www.youtube.com/watch?v=Hbu3SwqR0J4), додека пак второто лице беше идентификувано како Васко Цацаноски поддржувач од организацијата „Солидарност“ (види видео 4 објавено на онлајн медиумот А1Он https://www.youtube.com/watch?v=CZX_ChEeShg#t=210). Набљудувачката веднаш се упати кон Георгиевска кај која што увиде дека и се обраќаат со недоличен тон и закани.

Набљудувачката го прекина снимањето и побара информации дали Љиљана е или ќе биде задржана или притворена и ако да, во која полициска станица ќе биде однесена со цел да повика адвокат. На Љиљана не и беше овозможено да го искористи мобилниот телефон за да се консултира со адвокат затоа што полициските службеници не знаеја како да постапат и ја држеа извесно време на платото во дворното место во Владата. На прашањата на набљудувачот присутните полициски службеници дадоа неколку контрадикторни изјави. Имено прво посочија дека таа ќе биде притворена и однесена во ПСОН „Центар“. Потоа, друг полициски службеник од повисок ранг посочи дека нема да ја приведат само ја задржуваат за да се смири толпата иако таа истото го бараше токму од нив за што беше одбиена. Потоа, повторно полициски службеници не знаеја да кажат дали и каде ќе биде привремено задржана и збунето ја однесоа до полициско комбе.

Во меѓувреме на истата локација каде што стоеше задржаната Георгиевска, беше донесено уште едно лице кое што брутално беше доведено во послушност, со примена на прекумерна сила, иако не даваше отпор. На ова лице, и покрај тоа што постојано гласно викаше дека не пружа отпор му беа ставени и лисици. Набљудувачката констатира дека се работи за Васко Цацаноски кој имаше видлива повреда на главата. (види фото) Полициските службеници не можеа да постигнат договор и да кажат дали ова лице е задржано или приведено  и како ќе постапат со понатаму. Воедно,во ниту еден момент тој не беше легитимиран ниту му беа земени податоци од лична карта или патна исправа.

Откако набљудувачот увиде дека полициските службеници не постапуваат согласно законските прописи го извести Комитетот за случувањата по што пристигна едена правна советничка и извршната директорка Уранија Пировска. Двете лица во полициското комбе беа веднаш пуштени токму поради несигурноста во постапувањето на полициските службеници. Дополнително, откако претставниците на Комитетот и лицата кои беа во комбето повеќе пати побараа од полициските службеници да се легитимираат, ниту еден полициски службеник вклучен во оваа мешаница не сакаше да се легитимира ниту на приведените/задржаните лица ниту на претставниците на Комитетот, спротивно на Чл.33 од Законот за полиција. Дотолку што повеќе и надлежниот командир при обид за негово легитимирање си замина без да каже зошто одбива да се легитимира.

По ослободувањето на двете лица, претставниците на Комитетот ги регистрираа сите повреди на граѓаните и дел од нив заминаа да дадат писмени изјави во просториите на Комитетот меѓу кои и Љиљана Георгиевска. Васко Цацаноски остана на протестот и на неполн час пред завршување на беше пресретнат од полициски службеници кои се обидоа да го легитимираат. Цацаноски со уште двајца пријатели заминал до продавница во близина на Владата на улица бул. Св. Климент Охридски бр. 20 – Центар до раскрсницата која води кон градскиот парк. Набљудувачот доби телефонски повик од неговите пријатели кои побараа да се упатат претставници на Комитетот на оваа локација затоа што Васко е запрен од двајца униформирани полициски службеници кои бараат од него да се легитимира.

По пристигнувањето на набљудувачот ги затекна полициските службеници од кои дел учествуваа во приведувањето/задржувањето на горенаведените побара објаснување зошто од тројца присутни се легитимира само еден човек. Исто така набљудувачот побара основ за легитимирањето по што доби одговор дека лицето е легитимирано за „сомнително движење по улица“. Имајќи предвид дека таковиот основ во законската регулатива (Чл.38, ст.7 од Закон за полиција) е премногу генерален и може да се однесува на низа околности, набљудувачот од својот колега побара да ги запише имињата и презимињата на полициските службеници поради сомнение дека Васко е таргетиран и легитимиран поради тоа што претходно не му беа земени личните податоци.

Ова укажува на уште еден пропуст на полициските службеници во текот на немирите како и обид да се сокрие полициската бруталност кон него за време на апсењето со подоцнежно поднесување на пријава против лицето кое заборавиле да го легитимираат на време. Имено, Васко Цацаноски е единствениот приведен учесник врз кој што е документирана полициската бруталност од страна на медиумите како и подоцна од страна на МВР преку соопштение до јавноста беше најавена пријава за нарушување на јавен ред и мир иако реалноста укажува на тоа дека ова лице може да покрене постапка против полициските службеници.***

За повредите на граѓаните сведочи и една граѓанка од Куманово која што според нејзината изјава воопшто не била во толпата и полициски службеник ја мавнал со заштитната ограда по што беше повикано возило на Брза помош за да ја санира повредата на коленото. Таа на набљудувачката и изјави дека може да го препознае полицискиот службеник доколку има таква прилика.

Покрај оваа повреда, Комитетот констатира дека повеќето граѓани се здобиле со повреди во пределот на нозете со што се потврдуваат нивните наводи дека полициските службеници прекумерна и несразмерна сила.

Како споредбена ситуација во која што успешно и соодветно беа спречени поголеми немири за време на протест и насилен обид за влез во Општина Центар беше протестот на НВО „Веритас“. Граѓаните кои протестираа употребија сила при рушење на оградата, но, полициските службеници без да употребат сила успеjaa да ја смират толпата и притоа да ја изведат надвор од дворното место на општината. Ова постапување укажува на соодветно спроведена акција и контрола на толпа без употреба на физичка сила, дотолку што повеќе немаше брутално тепање од страна на полициски службеници. Овој случај исто така укажува на тоа дека МВР различно постапува при слични тензични ситуации за време на протести, а тоа е дека за горенаведениот протест не беше приведено, задржано или повредено лице од страна на полициски службеник во ниту еден момент.

Здружението „УНИТ“ континуирано се соочува со несоодветно полициско постапување или друг вид на притисок за време на јавен собир. Комитетот набљудуваше еден од претходните протести на ова здружение одржан на 27.09.2012 година. За време на тој протест, стечајните работници се соочија со контра-протестанти кои со помош на трактори го заземаа местото на кое „УНИТ“ го имаше пријавено својот собир во што не беа спречени од полицијата.

Комитетот ги проследи протестите на НВО „Веритас“ како и на здружението на стечајци „УНИТ“. Разликата во постапувањето кон граѓаните кои употребиле незаконски мерки за време на протест е очигледна и селективна. И во двата случаи станува збор за рушење на ограда додека во случајот со НВО Веритас оградата беше дел од самиот имот на општината, а не полициска барикада, околност која ја прави заканата врз безбедноста од НВО Веритас на повисоко ниво од онаа на стечајните работници, а пак последиците и постапувањето на полициските службеници се дијаметрално спротивни.  МВР поседува видео-материјал од двата протести како и Комитетот со што останува отворено прашањето кон оваа институција за селективното, несразмерното и различното постапување во ситуации на немири за време на протест. Комитетот повторно забележува дека МВР на скоро секој оддржан мирен протест на граѓани со своите дејствија врши директна повреда на човековите права, а во последниот протест на стечајците и протестот на новинарите за поддршка на Томислав Кежаровски се употребува прекумерна физичка сила.


* Закон за јавни собири („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/1995; 19/2006 и 66/2007)

** Закон за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2006; 6/2009 и 145/2012)

*** Васко Цацаноски веќе на 19.02.2014 год.  ден по протестот беше уредно поканет за разговор во ПСОН „Центар“.  На 20.02.2014 година тој се одѕва на поканата во присуство на адвокат обезбеден од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права

2