Мрежа 23 го објави Извештајот во сенка за Поглавјето 23
април 12, 2018
Извештајот во сенка за Поглавјето 23 ги обединува во единствена кохерентна целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на областите структурирани во Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Всушност, ова е трет извештај во сенка што го објaвува „Мрежа 23“. Претходните два извештаи се однесуваа на периодот октомври 2014 – јули 2015 и јули 2015 година – април 2016 година.
Извештајот го опфаќа периодот од почетокот на мај 2016 година, заклучно со крајот на јануари 2018 година. Периодот на опфат на извештајот е продолжен за да соодветствува на новиот циклус извештаи на Европската комисија, што ќе бидат објавувани во април.
Притоа, со оглед на долгата и длабока политичка и институционална криза, во која државата навлезе со обелоденувањето на прислушуваните разговори од страна на тогашната опозиција, сега власт, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, почнувајќи од февруари 2015 година, временскиот период што е предмет на овој извештај би можел јасно да се подели на три клучни етапи:
- Период пред одржувањето на парламентарните избори на 11 декември 2016 година;
- Транзитен период по одржувањето на изборите, а пред конституирањето на новата влада на 31 мај 2017 година; како и
- 3. Период од изборот на новата влада до крајот на јануари 2018 година.
За проектот:
Проектот „Мрежа 23 +“, што го имплементираат Институтот за европска политика – Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права, има цел да даде структуриран придонес на граѓанското општество во следењето и во оценувањето на политиките опфатени со Поглавјето 23 од пристапувањето во ЕУ – Правосудство и темелни права. Проектот е финансиран од Европската Унија.