Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – февруари 2021
март 15, 2021
СОДРЖИНА:
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Работникот своите работни задачи треба да ги остварува во достоинствени и безбедни услови
СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО
Долгогодишна жртва на насилство конечно доби соодветен третман од институциите
ГОВОР НА ОМРАЗА
Помеѓу личните карти и Јавна соба
ФЕВРУАРИ 2021
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Работникот своите работни задачи треба да ги остварува во достоинствени и безбедни услови
21 пријава со која се опфатени вкупно 50 работници
Работникот своите работни задачи треба да ги остварува во достоинствени и безбедни услови
Во февруари, со барање за бесплатна правна помош кај нас се обрати вработена на работно место садомијач во детска градинка во Скопје. Како извршител на ова работно место таа била избрана во 2018 година, заедно со уште една работничка, согласно актот за систематизација на работните места кај работодавачот. Овој Акт за систематизација предвидува дека за работното место Садомијач/сервирка се предвидени двајца извршители. Сепак, во моментов, работните задачи предвидени за ова работно место, работничката ги извршува сама.
Работничката нè информираше дека оваа година во градинката се запишани повеќе од 400 деца и дека вкупно бројот на деца кои дневно посетуваат настава во градинката е значително голем. Оттаму, работните задачи предвидени за работното место садомијач се од толкав обем, што секое извршување од страна на еден работник би предизвикало негативни последици по неговото физичко и ментално здравје. Поради ова, ја советувавме и ѝ помогнавме на работничката да поднесе барање до работодавачот врз основа на член 181 од Законот за работните односи, како можност предвидена за работникот кој смета дека работодавачот не му ги обезбедува правата од работниот однос.[1] На овој начин, таа побара работодавачот да ја исполни својата обврска и да најде уште еден извршител за работното место, согласно Актот за систематизација.
На нејзиното барање, работодавачот ѝ одговорил дека пред склучување на договорот за вработување таа била запознаена со работата и со условите за работење. Работодавачот ѝ ја нагласува на работничката нејзината обврска совесно да ја извршува работата на работното место за кое има склучено договор, почитувајќи ја организацијата на работата и деловната активност на работодавачот. Притоа, работодавачот додава дека единствено тој има овластување да ги уреди организацијата на работата и деловната активност, според моменталниот обем и сложеноста на работата. Тука и самиот работодавач потенцира дека овој период, градинката дневно ја посетуваат од 120 до 150 деца. На самиот крај, работодавачот заклучува дека на ниту еден начин не ја прекршил својата обврска за заштита на безбедноста и здравјето на работничката.
Токму поради тоа што работничката била запознаена со работата и условите за работење и својот работен однос го засновала при услови кога вршењето на работните задачи го делела со уште еден работник, препознала дека нејзините работнички права се повредени.[2] Дотолку повеќе, од одговорот на работодавачот произлегува дека тој не ги познава своите внатрешни прописи, ниту пак ја препознава својата обврска за заштита на безбедноста и здравјето на работниците. Оваа обврска за него подразбира дека тој е должен да ги спроведува мерките за безбедност и здравје при работа врз основа на следниве основни начела:
- прилагодување на работата кон поединецот, особено во однос на карактеристиките на работното место и олеснување на монотоната работа со претходно утврдено работно темпо;
- спроведување на мерките потребни за одржување и зајакнување на здравјето; и
- развивање на целосна безбедносна стратегија која опфаќа, технологија, организација на работа, работни услови, меѓучовечки односи и фактори кои влијаат врз работната средина.[3]
Воедно, работодавачот има обврска, во зависност од променетите околности, да врши проценка на ризикот, односно проценка на веројатноста за настанување повреди, заболувања или оштетување на здравјето на вработениот, како резултат на опасност при работа.[4] Оттука, работодавачот морал да ги земе предвид специфичните околности кои ги наметна пандемијата со коронавирусот како фактор што влијае врз работната средина, а што го прави здравјето на сите граѓани, вклучително и на работниците, далеку покревко отколку во регуларни услови. Како што е нагласено и во одговорот до работничката, градинката дневно ја посетуваат од 120 до 150 деца, а таа ги мие садовите за сите тие деца, кои конзумираат по неколку оброци во денот. Простата математика во овој случај неизбежно води кон тоа дека при услови во кои работничката сама ги извршува овие работни задачи, постои ризик работата негативно да се одрази на нејзиното физичко и ментално здравје.
Експертите за човекови права на Обединетите нации, уште на почетокот на пандемијата, потенцираа дека ниеден работник не е потрошлив. Сите работници се од суштинско значење и секој од нив има право да биде заштитен од изложување на опасности на работното место. Во оваа насока, нивното тврдење може само да се надополни со тоа дека и достоинството на работниците е од суштинско значење, тие имаат право своите работни задачи да ги остваруваат во достоинствени и безбедни услови. Ова значи дека работодавачите мораат да ја почитуваат својата обврска да обезбедат безбедност и здравје при работа за вработените од секој аспект поврзан со работата.
Поради сето ова, побаравме Државниот инспекторат за труд да спроведе вонреден инспекциски надзор кај работодавачот и да испита дали работодавачот сторил повреда на неговите внатрешни организациски прописи и прописите за безбедност и здравје при работа, во однос на работничката.
СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО
Долгогодишна жртва на насилство конечно доби соодветен третман од институциите
Жртва на семејно насилство во февруари оваа година се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права поради долгогодишно физичко и психичко насилство, кое го трпи од страна на нејзиниот сопруг. Жената во повеќе наврати го има пријавувано насилството во надлежната полициска станица, но поради страв и срам, постојано се враќала во домот и се откажувала од идејата да покрене каква било постапка против сопругот.
Во ноември 2020-та, таа по кој знае кој пат била брутално претепана од страна на сопругот. Случајот го пријавила во полиција, а инспекторот за семејно насилство ја советувал да се врати во домот. Три месеци подоцна, таа преживеала уште едно сериозно физичко насилство од страна на нејзиниот сопруг, по што успеала да го напушти домот и случајот веднаш го пријавила во МВР. Решена да стави крај на долгогодишната тортура која ја трпи и поради недовербата во институциите, кои ја “вратиле” дома кај насилникот, жртвата побара помош од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Претставничка од Комитетот ја придружуваше жртвата пред Центарот за социјална работа и надлежна полициска станица со цел пријавување на насилството и изнаоѓање на решение за проблемот со кој таа се соочува. Стручните лица од Центарот за социјална работа заеднички со Министерството за внатрешни работи проценија дека ризикот по безбедноста на жртвата е голем, поради што изготвија безбедносен план, а стручните лица од Центарот поднесоа и предлог за изрекување на привремени мерки за заштита и спречување од семејно насилство до надлежен суд. Дополнително, бидејќи жртвата го напуштила домот само со основните лични ствари, таа беше советувана да поднесе и барање за одобрување на еднократна парична помош која има за цел да и помогне во намирување на секојдневните трошоци како храна, средства за лична хигиена, лекови и слично. Понатаму, со помош на претставничката од Хелсиншкиот комитет, жртвата беше придружувана и пред Министерството за внатрешни работи, кои веднаш поднесоа предлог до судот, насилникот да биде отстранет од домот и поднесоа известување до надлежното обвинителство.
Судот донесе решение со кое се изрекуваат привремените мерки за заштита и спречување од семејно насилство, како забрана за насилникот да и се приближува на жртвата, да ја телефонира, да и се заканува дека ќе стори семејно насилство и слично. Жртвата моментално е соодветна згрижена и е во постапка да поднесе тужба за развод на бракот.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Помеѓу личните карти и Јавна соба
Хелсиншкиот комитет за човекови права во февруари 2021 година нотираше висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми. Говорот на омраза врз основ на етничка припадност повторно беше на врвот по пријави, односно 42% од сите случаи регистрирани за тековниот месец. Истовремено, пријавите врз основ на политичка припадност, како и врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет сочинуваат по 21% од вкупно 88 пријави, верификувани од Комитетот во февруари.
Врз основ на воспоставениот мониторинг на социјалните медиуми, Хелсиншкиот комитет забележа дека зголемувањето на говорот на омраза во текот на месецот се должи на тековните политички случувања во државата. Така, на пример, најголемиот број на пријави врз основ на етничка и политика припадност се должи на јавниот дискурс поврзан со организирањето на пописот на населението закажан за април 2021 и дебатата за личните карти. По тој повод, Хелсиншкиот комитет подготви и објави свое мислење[5].
Говор на омраза на социјалните медиуми за февруари, 2021 година
Тренд на говор на омраза, февруари 2021 година
Најмногу интерес и интензитет предизвика повторното актуелизирање на случајот Јавна соба, што покрај говорот на омраза, нападите и навредите, дискурсот вклучуваше и говор полн со омраза. Платформата за родова еднаквост одржа прес-конференција на која упати барања до Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители за конечно разрешување на случајот Јавна соба и доследно пружање на заштита на жените жртви на родово-засновано насилство. Во овој контекст, во продолжение се барањата кои Платформата ги испрати до Јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски:
- Кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“;
- Обвинителни акти против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, зависно од околностите на случајот;
Наместо градење на јавната свест и капацитетите на општеството во справување со овој разорен феномен, Хелсиншкиот комитет напоменува дека немањето судска пракса, казнивост и слаб капацитет на надлежните институции да го процесираат овој феномен се поттикнува и нормализира говор на омраза, како начин на кој се комуницира на социјалните медиуми. Покрај ова, се почесто се евидентира говор полн со омраза, односно употреба на крајно мизоген, деградирачко-навредлив и хомофобичен речник во јавната комуникација, што дополнително го зголемува интензитетот на омраза. Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивната надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните.
Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/
….
[1] Ако работникот смета дека работодавачот не му ги обезбедува правата од работниот однос или крши кое било од неговите права од работниот однос има право да поднесе писмено барање до работодавачот кршењето да го отстрани, односно да ја исполни својата обврска. – Член 181 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19 и 267/20).
[2] Актот за систематизација предивидува двајца извршители за нејзиното работно место.
[3] Член 9 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија” бр. 92/07, 136/11, 23/13, 25/13, 137/13 164/13, 158/14, 15/15, 129/15, 192/15 и 30/16).
[4] Закон за безбедност и здравје при работа.
[5] Правен осврт и мислење во однос на предлогот за додавање на графа за етничка припадност во личните карти на граѓаните. https://mhc.org.mk/news/praven-osvrt-i-mislenje-vo-odnos-na-predlogot-za-dodavanje-na-grafa-za-etnichka-pripadnost-vo-lichnite-karti-na-graganite/