Месечен извештај за состојбата со човековите права – октомври 2019
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
инспекција за неисплатен регрес за годишен одмор – работниците редовно да пријавуваат
Во текот на октомври, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше девет случаи на прекршувања на работничките права.
На барање на Хелсиншкиот комитет, Државниот инспекторат за труд (ДИТ), во октомври, изврши вонреден инспекциски надзор од областа на работните односи во Приватната агенција за вработување – МОТИВИ Скопје.
Имено, во текот на 2018 година, две работнички биле вработени на определено време во Агенцијата, со цел привремено да бидат отстапени на работодавачот – Општина Центар. Работниот однос престанал по истекот на определеното време, а во тој период работничките го оствариле правото на регрес за годишен одмор за 2018 година. При надзорот на ДИТ е констатирано дека регресот не им бил исплатен на работничките, како што е предвидено во член 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Врз основа на утврдената состојба, инспекторатот донел решение со кое му се наредува на одговорното лице кај работодавачот да ги отстрани утврдените недостатоци и неправилности. Потоа, работодавачот постапи по решението на ДИТ и им го исплати регресот за годишен одмор на работничките.
Понатаму, поранешните работници на фабриката „Охис“, на 29.10.2019 година, го одржаа својот 139-ти протест. Работниците се револтирани поради тоа што не им се исплатени 24 плати (за 16 од нив не се исплатени ниту придонесите), што ги имаат заработено работејќи подложни на хемикалии, поради што голем дел од нив имаат и здравствени проблеми. Работниците бараат исплата на 5.000 евра во плати по работник. Во знак на поддршка, претставник од Хелсиншкиот комитет присуствува на протестите на работниците, што се одржуваат двапати неделно, секој вторник и петок.
До Хелсиншкиот комитет пристигна и анонимна претставка од група работници кои нè информираа дека постои сомнение оти работодавачот не им ја исплаќа прекувремената работа со изигрување на прописите на трудовото законодавство. Имено, во пресметките на плата, работодавачот ги евидентира часовите за извршена прекувремена работа, а предвиден е и додаток за успешност на работниците. Од пресметките на плата што Хелсиншкиот комитет ги имаше на увид произлезе дека секогаш кога работниците работеле прекувремена работа, износот на додатокот за успешност е понизок, односно тогаш кога во пресметките на платата не се евидентирани часовите од прекувремена работа, износот на додатокот за успешност е повисок. На овој начин, работодавачот им исплаќа речиси ист износ на плата секој месец. Оттука, произлегува прашањето за начинот на кој работодавачот ја мери и ја исплаќа успешноста на работниците, како и во однос на тоа дали постои некаква поврзаност помеѓу исплаќањето на прекувремената работа и износот на додатокот за успешност. Наведеното го проблематизира исплаќањето на прекувремената работа, односно се наметнува прашањето дали таа воопшто се исплаќа или работодавачот пресметката ја изведува само на хартија. Од тие причини, Хелсиншкиот комитет побара спроведување на вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд кај работодавачот.
Препорака: Работната успешност се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за којашто работникот го склучил договорот за вработување. Апелираме Државниот инспекторат за труд да ги зајакне своите контролни механизми при утврдување како е дефиниран работниот стандард и на кој начин функционира системот за следење на успешноста кај работниците, дали работодавачите имаат имплементирано систем за спроведување на клучните показатели за успешност и кои критериуми ги земаат предвид работодавачите во процената на успешноста на работниците.
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
државата мора да го спречи робовладетелскиот однос на работодавачите во текстилната индустрија
Во извештајниот период Хелсиншкиот комитет документираше крајно недозволиви изјави и барања на сопствениците на фабрики-членови на текстилниот кластер, што се однесуваа на продолжување на работното време, укинување на празниците, за да немало дисконтинуитет во производството, замрзнување на придонесите, повторно отворање на темата за нормиран учинок, па дури и небулозни закани за штрајк на работодавачи. Сметаме дека со искажувањето на ваквите ставови директно се удира на работничките права и на достоинството на текстилните работнички и работници – една од најзагрозените и најмалку платени групи во општеството. Со ова, работодавачите практично го признаваат досегашниот арогантен однос кон работниците и начинот на кој секојдневно ги третираат вработените во своите погони.
До Хелсиншкиот комитет, во 2019 година, заклучно со септември, се имаат обратено 1.497 текстилни работнички од 60 конфекции од 12 различни градови. Дадени се 906 правни советувања и иницирани се 20 постапки за инспекциски надзор. Сепак, Државниот инспекторат за труд само во еден случај има утврдено неплатена работа на празник, а ниту еднаш нема утврдено неплатена прекувремена работа и/или прекувремена работа над законскиот минимум.
Препорака: Уставно загарантираните права на работникот не смеат да бидат жртвувани во име на профитот на газдите. Очекуваме дека државата соодветно ќе одговори на ваквите барања и дека ќе ги заштити работниците од бескрупулозниот однос кон нив. Притоа, важно е да се спомене дека работодавачите во текстилната индустрија се дополнително привилегирани со субвенции од државата за исплата на минимална плата и дека уживаат други поволности во однос на извозот. Во таква ситуација, државата не смее да дозволи газдите да ги третираат работниците како да се робови.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
говор на омраза и вознемирување врз основа на род од страна на новинарот миленко неделковски
Во рамките на платформата за родова еднаквост, Хелсиншкиот комитет остро го осуди говорот полн со омраза и вознемирувањето врз основа на род кое лицето Миленко Неделковски ги шири преку неговата страница на „Фејсбук“, што се насочени кон жените во јавниот дискурс.
Неделковски на својата страница упатува навреди кон политичарките и ги исмева со особено деградирачки коментари, полни со мизогинија, сексизам и говор полн со омраза. Неговите коментари насочени кон изгледот и личноста на политичарките се згрозувачки, особено оние упатени кон пратеничката Даниела Рангелова, а тие водат кон поттикнување омраза и нарушување на угледот на г-ѓа Рангелова.
Ваквиот говор исполнет со омраза и вознемирувачки коментари претставува вознемирување, што, според член 10, став 1, од Закон за спречување и заштита од дискриминација, е дефинирано како „…несакано постапување кон лице или група лица врз дискриминаторски основи што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика“.
За Миленко Неделковски дискриминаторскиот говор и говорот на омраза не се непознати. Се работи за јавна личност која континуирано сеела омраза и страв кон различни категории на маргинализирани групи, додека надлежните институции упорно не преземаат дејства за да го санкционираат и да го повикаат на одговорност.
За крај, потсетуваме дека во моментот Република Северна Македонија нема Комисија за заштита од дискриминација. Постоењето на ова тело е суштинско во насока на осигурување дека Законот за спречување и заштита од дискриминација се спроведува доследно. Затоа, апелираме да се формира Комисија за заштита од дискриминација колку што е можно побрзо, како клучен елемент за имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација и доследно спроведување санкции како одговор на ваквите појави.
Препорака: Апелираме одговорните институции соодветно да реагираат на сите сексистички напади и на вознемирувањето насочено кон жените. Воедно, ги повикуваме граѓаните и медиумите да ги препознаваат онлајн-нападите и сексистичката злоупотреба на социјалните медиуми што влијаат на достоинството на жената и да не ги споделуваат и да не ги шират во јавноста. Потсетуваме дека сексизмот е централна бариера за учество на жените во јавниот живот под еднакви услови како мажите. Сексистичките коментари се пример за двојни стандарди што негативно влијаат на достоинството, самодовербата, а со тоа и на еднаквите шанси за учество и развој.
хомофобична изјава на поглаварот на ивз, сулејман реџепи
На 03.10.2019 година во повеќе медиуми беа објавени написи и видеоснимки во кои се потенцира изјавата на поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Сулејман Реџепи, кој на новинарско прашање околу ултиматумот што му го поставил Скендер Бузаку за оставка од позицијата, одговара дека во Исламската верска заедница нема место за „гејови“ и дека тие треба да бидат надвор од неа.
Хелсиншкиот комитет со преостанатите членки на Мрежата за заштита од дискриминација упати остра осуда кон изјавата на Сулејман Реџепи и особена загриженост што таа ја искажува поглавар на верска заедница кој повикува на исклучување на геј-луѓето, а особено што поддржува исклучување од верска заедница. Со оваа изјава се нарушува остварувањето на слобода на религија и вероисповед како основно човеково право, изречно гарантирано во член 19 од Уставот на Република Северна Македонија. Го потсетуваме г. Реџепи дека како поглавар на верска заедница треба да знае дека секој, па и ЛГБТИ-луѓето и другите категории луѓе кои не му се допаѓаат нему, има право слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, да ја практикува својата вера. Со оглед на тоа што изјавата е јавно искажана, таа носи штетни последици за геј-луѓето, кои и онака се наоѓаат на маргините во нашето општество и секојдневно се соочуваат со исклучувања во речиси сите аспекти на живеењето. Верското убедување на Сулејман Реџепи не го ослободува од обврските што тој како граѓанин ги има според Уставот, од законите и од другите прописи, што подразбира дека треба да ги почитува основните права и на геј-луѓето, помеѓу кои и заштитата од дискриминација и вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Исламската верска заедница, но и други верски заедници, интензивно се застапуваат против правата на ЛГБТИ-луѓето, шират говор на омраза, демонизирање и стигматизирање на сексуалните и родовите малцинства. Затоа, јавно ги повикуваме верските заедници да го преиспитаат своето дејствување и своите ставови во однос на ЛГБТИ-луѓето. Иако во повеќето религии можат да се најдат текстови и вредности што повикуваат на еднаквост и емпатија, поглаварите на тукашните верски заедници одбираат да ја толкуваат религијата како барање за прекршување на правата на ЛГБТИ-луѓето. Ова однесување нема никаква врска со нивната слобода на вероисповед, туку претставува злоупотреба на религијата за одржување на статус кво, одржување и проширување на нивната моќ на сметка на маргинализираните групи. Ова се нарекува религиски фундаментализам и за него нема простор во демократско општество.
Препорака: Го повикуваме поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, јавно да им се извини на геј-луѓето и во иднина да се воздржи од вознемирување по која било дискриминаторска основа. Ја повикуваме и Исламската верска заедница, преку своите органи на надзор, да поведе постапка за утврдување одговорност на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, за сторената дискриминација по основа на сексуална ориентација.