август 30, 2019

Месечен извештај за состојбата со човековите права – јули 2019

Месечниот извештај за состојбата со човековите права за јули 2019 година опфаќа теми од областите: семејно и родово базирано насилство, говор на омраза, работнички права, текстилни работнички и дискриминација.

СОДРЖИНА

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

  • Непрепознавањето и несанкционирањето на родово базираното насилтво придонесува кон негово толерирање и нормализација во општеството

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • Случајот „Рекет“ како повод за говор на омраза на социјалните медиуми

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • Работничките права се човекови права

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • Работодавачите во текстилната индустрија да ги превземат сите потребни мерки за безбедност и здравје при работа

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Дискриминација на дете со попреченост во пристап до образование

 

јули 2019

СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Непознавањето и несанкционирањето на родово базираното насилство придонесува кон негово толерирање и нормализација во општеството

Во текот на месец јули, преку својот Дневен билтен, Министерството за внатрешни работи ја извести јавноста за инцидентот кој се случи во Скопје на 24.07.2019 година. Министерството објави дека е извршен разговор со лицата и дека ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Во соопштението кое Министерството го испрати до медиумите дополнително е наведено дека согласно член 11 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Имено, на видео снимката која беше споделена на социјалните мрежи на 25.07.2019 година јасно се гледа како маж – возач на такси-возилото, физички и вербално напаѓа жена, по што жената паѓа на улицата.

Полициските службеници од Полициската станица Центар констатирале прекршок против јавниот ред и мир иако дејствието на утврдениот прекршок го исполнува битието од член 386 став 1 од Кривичниот Законик, каде што е утврдено дека „тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв ќе се казни со затвор од три месеци до три години.“

Имајќи го ова предвид, останува нејасно како ваквиот настан е евидентиран како прекршок против јавниот ред и мир, иако постои основ за поведување на кривична постапка, односно должност на полицискиот службеник да го извести надлежното основно јавно обвинителство за овој настан.

Во овој конкретен случај, станува збор за родовобазирано насилство врз жените, кое согласно дефиницијата во Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска Конвенција) претставува насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погаѓа. Насилството врз жените претставува кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родовобазирано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот, притоа предизвикувајќи страв и несигурност на целата околина. Република Северна Македонија ја има ратификувано Истанбулската конвенција и таа е дел од внатрешниот правен поредок на државата.

Препорака: Полициските службеници имаат обврска да ги почитуваат одредбите на Истанбулската конвенција, да го препознаваат насилството врз жените како родовобазирано насилство и да постапуваат соодветно на тоа. Непрепознавањето и несанкционирањето на родовобазираното насилство придонесува кон зголемување на бројот на случаи на насилство врз жените, а дополнително придонесува и кон негово толерирање и нормализација во општеството.

 

ГОВОР НА ОМРАЗА

Случајот ,,Рекет” како повод за говор на омраза на социјалните медиуми

Во текот на јули, на порталот www.govornaomraza.mk беа верификувани 44 пријави за говор на омраза на социјалните медиуми. Најголем број, односно 36% од пријавите се однесуваа на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет. 16 пријави, или 25% од вкупниот број, се однесуваа на етничка припадност, додека по 19% се однесуваа на говор на омраза поради пол и род и политичка припадност.

Тоа што беше регистрирано од страна на тимот на Хелсиншкиот комитет за човекови права беше зголемен тренд на говор на омраза на социјалните медиуми поврзано со ескалацијата на случајот “Рекет”.  Говорот на омраза беше таргетиран кон осомничениот Бојан Јовановски (Боки 13) во случајот и импликацијата за вмешаност на високи јавни службеници во скандалот.

 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Работничките права се човекови права

Во текот на месец јули, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше 17 случаи на прекршување на работничките права и оневозможување на пристап до вработување. Случаите опфатија приближно 2138 работници.

Во тековниот месец, до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати службеник вработен во Државниот просветен инспекторат на работно место Раководител на одделение за инспекциски надзор во високото образование, научните институти и студентските домови. Според кажувањата, врз инспекторот се врши мобинг од страна на Раководителот на секторот за инспекциски надзор – главен инспектор и Директорот на Државниот просветен инспекторат.

Имено, службеникот во улога на Виш просветен инспектор при спроведување на редовен инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово – Правен факултет Тетово, утврдил незаконски стекнувања на научно-наставни звања на лица кои се високи функционери во Владата на Република Северна Македонија.

Работникот, од страна на неговите претпоставени, бил спречен да ги достави записниците на лицата кои биле предмет на инспекцискиот надзор, а бил спречен и да продолжи да постапува по конретните предмети согласно Законот за просветна инспекција. Инспекторот наведува дека притисоците и вознемирувањата од неговите претпоставени се интензивирале на начин што добил опомени пред тужба за навреда и клевета и против него бил поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка поради сторени низа повреди на законот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до Државниот инспекторат за труд, од каде побара спроведување на вонреден инспекциски надзор и ќе продолжи да го следи случајот.

Од друга страна, група работници пријавија дека нивниот работодавач во неколку наврати им ги исплаќал платите со задоцнување. Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до Државниот инспекторат за труд, кој по спроведениот инспекциски надзор утврди неправилности и одреди рок за нивно отстранување. Со оглед на тоа што Хелсиншкиот комитет беше известен дека работодавачот продолжува со ненавремено исплаќање на платите на работниците, побаравме спроведување на контролен инспекциски надзор и изрекување на соодветни инспекциски мерки од страна на Државниот инспекторат за труд. По спроведениот надзор, инспекторатот не извести дека против работодавачот е поднесен предлог за поведување на прекршочна постапка поради повреда на одредбите од Законот за работните односи.

 

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

 Во  јули Хелсиншкиот комитет доби повеќе пријави од вработени во текстилната индустрија дека работодавачите ги немаат преземено сите потребни мерки за безбедност и здравје на работниците при работа на високи температури, како резултат на што работниците се принудени да работат во услови на високи температури со што постои можност за надминување на вредностите на температурните параметри кои би го загрозиле нивното здравје и работна способност.

Работа во производствен погон со машини за производство кои сами по себе се извори на топлина,  во услови на високи температури без соодветна вентилација и ладење претставува изложеност на значаен професионален ризик за работниците, за кој работодавачот е должен да ги преземе сите потребни мерки за да се спречи настанување на сериозни последици од топлотното оптоварување на работното место.

Согласно Законот за безбедност и здравје при работа и Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова процената на ризикот, работодавците имаат обврска веднаш да направат проценка на ризик за секое работно место одделно во услови на високи температури и да ги преземат сите неопходни мерки за да се спречат несаканите негативни последици врз здравјето на професионално изложените работници. При проценка на ризик за секоја препознаена, односно утврдена опасност или штетност на работното место и во работната средина, потребно е посебно внимание да се посвети на можното оштетување на здравјето на ранливите групи како што се жените, младите работници, старите работници и  работниците кои работат на работни места со зголемен ризик или имаат посебни потреби (работници со хендикеп, работници со постоечки заболувања и сл). Опасностите и штетните влијанија, меѓу другото, можат да бидат препознаени и како штетни влијанија на микроклиматските фактори, висока температура, ниска температура, влажност, брзина на струење на воздухот. Согласно Законот за инспекција на труд, во вршењето на работите на инспекцискиот надзор, инспекторот е овластен, во секое време на денот и ноќта, да влезе во просториите на работодавецот, без претходно најавување и без оглед на работното време на работодавецот.

Препорака: Упатуваме јавен повик до Државниот инспекторат за труд преку своите подрачни единици да излезе на терен во посета на текстилните, кожарските и чевларските фабрики, со цел утврдување на евентуални прекршувања на прописите за безбедност и здравје при работа и соодветно казнување на работодавците кои не ги почитуваат овие прописи, а сè со цел заштита на здравјето на работниците и работничките од овие индустрии во услови на екстремно високи температури.

 

ДИСКРИМИНАЦИЈА

 Дискриминација на дете со попреченост во пристап до образование

 Во текот на месец јули до Хелсиншкиот комитет се обрати странка, која нѐ извести за отворениот повик за општо корисна работа објавен од страна на УНДП за унапредување на услугите во воспитнообразовната дејност за децата со попречености преку обезбедување на образовни асистенти. Идејата на овој проект е преку општинско корисна работа да се активираат невработените лица на пазарот на трудот и да се обезбедат социјални услуги за заедницата. Со општините кои ќе аплицираат на повикот, УНДП и Агенцијата за вработување склучуваат Договор за соработка, врз основа на кој објавуваат јавен повик за сите евидентираните невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во програмата Општинско-корисна работа, проект „Ангажирање на образовни и лични асистенти на деца со попреченост вклучени во редовна настава и асистенти на воспитувачи во групи за предучилишна возраст во рурални средини” за работно ангажирање од 20 (дваесет) часа неделно, за период од 9 (девет) месеци заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд, да се пријават во подрачните одделенија на Агенцијата за вработување во конкретната општина. Овој проект треба да придонесе кон унапредување на услугите во воспитно-образовната дејност за децата со попреченост, а крајниот бенефит од неговото спроведување во општините го имаат децата со попреченост кои следат редовна настава во општинските училишта.

Огласот бил отворен за сите општини каде ќе се појави реална потреба од нивно вклучување во редовниот образовен процес. Странката како родител на дете со попреченост се обратила до училиштето кое го посетува нејзиното дете и до надлежната општина, со барање и образложување на потребата од користење на таквиот вид услуги, притоа напоменувајќи ја ограничувачката временска рамка за аплицирање. На барањето на странката усно ѝ било одговорено од страна на Градоначалникот на општината дека не се исполнети условите за аплицирање, иако неговите образложенија не биле во согласност со оперативниот план за учество во проект.

Ваквото пасивно однесување на Градоначалникот на предметната општина претставува дискриминација во пристап до образоование кон учениците со попреченост и прекршуавање на одредбите на Законот за основно обраование. Основното образование е институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој поддржува инклузија на сите деца во редовното основно образование. Инклузивното образование е процес кој ги зема предвид различните индивидуални потреби за развој на учениците, давајќи еднакви можности за остварување на основните човекови права за развој и квалитетно образование. Инклузивното образование вклучува промени и прилагодувања на наставната содржина, пристапот, структурите и стратегиите, за учениците со попреченост, со заедничка визија и убедување дека државата има обврска да обезбеди образование за сите деца.

Тргнувајќи од разбирањето дека секое дете има свои индивидуални, посебни потреби, меѓународните конвенции, меѓу кои и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Конвенцијата за правата на детето и Изјавата на УНЕСКО за образование засновано на посебни потреби од Саламанка, повикуваат на примена на индивидуализиран пристап во образованието, со цел максимално да се развијат потенцијалите и да се обезбедат еднакви образовни можности за сите деца. Индивидуализираниот пристап подразбира способност на образовниот систем да го приспособува целокупниот процес на настава и учење кон потребите и способностите на секое дете. Дополнително, децата со попреченост имаат право на индивидуална поддршка за рамноправно учество во образовниот процес.

За поддршка на учењето за учениците со попреченост, согласно членот 19 од нашиот Закон за основното образование, основното училиште обезбедува: образовен асистент, личен асистент, соодветна стручна поддршка од центар за поддршка на учењето, инклузивен тим и асистивна технологија по препорака на стручното тело за проценка и во согласност со индивидуалниот образовен план или модифицираната програма.

Имајќи го предвид сето ова, Хелсиншкиот комитет ќе испрати иницира постапка за заштита од дискриминација и ќе продолжи да го следи овој случај.

Препорака: Хелсиншкиот комитет апелира до сите општини ширум земјата, сите основни и средни училишта, како  и до Министерството за образование и наука да обезбедат пристап до квалитетно и инклузивно образование на сите ученици, согласно нивните индивидуални потреби. Ги повикуваме сите родители коишто сметаат дека нивните деца биле дискриминирани во пристапот и квалитетот на образованието, истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет.

Документи