мај 30, 2019

Месечен извештај за состојбата со човековите права – април 2019

Месечниот извештај за состојбата со човековите права за април 2019 година опфаќа теми од областите: судство, дискриминација, социјална заштита, дела од омраза, говор на омраза, работнички права и текстилни работнички.

Месечен извештај за човековите права во Република Македонија

АПРИЛ 2019

СОДРЖИНА

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

  • -Следење на тековни случаи

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • -Повторно дискриминација на Роми во кафе бар во Прилеп

СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА

  • -Несовесно постапување на Центар за социјална работа при одлучување за остварување на правото на социјална парична помош

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

  • -Двојно зголемен број на инциденти сторени од омраза

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • -Провокативна реторика во говорите на претседателските кандидати

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • -Претходна постапка за заштита од вознемирување на работно место кај работодавач

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • -Текстилни работнички работеле со договор на определено време подолго од 5 години

МАЈ 2019

СУДСКИ МОНИТОРИНГ

Следење на тековни случаи

Хелсиншкиот Комитет и овој месец продолжи со набљудување на судските постапки кои се од значење за заштитата на човековите права во државава.

Во Април заврши судењето на обвинетите за убиство на Никола Саздовски кое беше мотивирано од етничката припадност на Н.С. Младиот припадник на навивачката група „Комити“ почина откако беше претепан од тројца припадници на навивачка група „Шверцери“ во јуни 2018 година. Двајца од сторителите беа откриени и обвинети, а по спроведување на доказна постапка беа осудени на казна затвор од по 19 години. Третиот осомничен сеуште е во бегство. Ваквата осуда праќа порака дека злосторствата од омраза нема да се толерираат од страна на надлежните.

Овој месец продолжи доказната постапка во кривичниот предмет против Миленко Неделковски поради основано сомневање за сторено кривично дело по член 394-г од КЗ на РМ (Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем). Беа изведени дел од доказите на одбраната. Инаку, Обвинетиот Миленко Неделковски се товари за ова дело затоа што летото 2018 година кога избувна смртоносниот пожар во предградие на Атина објави статус со кој ширеше говор на омраза против настраданите од Р. Грција.

Хелсиншкиот Комитет исто така го следи и случајот на обвинетите медицински лица и вработени во ФЗО кои се обвинети за смртта на малата Тамара Димоска. Во месец април продолжи сослушувањето на мајката на Тамара Димоска, Жаклина Димоска, но сеуште не заврши, бидејќи судењето се одложи поради обврски на некои од обвинетите. Инаку набљудувачите на Хелсиншкиот Комитет нотираа дека обвинетите во постапката се недисциплинирани, не се однесуваат со почит кон судот и кон жртвата, дека јадат и пијат во судница за време на судењето ( бонбони и кафе) и гласно коментираат на дел од исказите на сведокот Жаклина Димоска, а судот не ги опоменува за тоа.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ПОВТОРНО ДИСКРИМИНАЦИЈА НА РОМИ ВО КАФЕ БАР ВО ПРИЛЕП

Во текот на месец април, Хелсиншкиот комитет доби претставка за дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа во пристап до добра и услуги. Имено, неколку пријатели, сите припадници на ромската заедница, околу вечерните часови се упатиле во локал во Прилеп. Откако влегле во локалот и седнале на маса вработените им кажале дека е потребно да си заминат бидејќи има приватна забава, иако ништо не алудирало на тоа дека има приватна забава и останатите гости слободно си влегувале во кафичот и си седнувале на масите. Иако на жртвите им беше дадена можноста случајот да се пријави во Комисијата за заштита од дискриминација, за жал не сакаа да продолжат понатаму со случајот. Ова не е прв случај на дискриминација кон Роми во кафе барови во Прилеп регистриран од страна на Комитетот. Во текот на 2018 година, во рамките на тестирање на ситуација во кафе бар во Прилеп, на тестерите Роми не им беше дозволено да влезат во кафе барот, додека контролните тестери остварија пристап до кафе барот.Хелсиншкиот комитет поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, која натаму ги прифати наводите од тестирањето и утврди дека ограничување на пристапот на лицата од ромска етничка припадност од страна на кафе барот во Прилеп врз основа на нивната етничка припадност и боја на кожа претставува директна дискриминација во пристап до добра и услуги.

Пристапот до добра и услуги е важен сегмент во социјалниот живот на лицата од сите етнички заедници, а претставува особено интегрален дел во социјалниот живот на лицата од ромската етничка заедница, бидејќи треба да овозможи социјална инклузија на овие лица. Ограничувањето на пристапот на Ромите до добра и услуги претставува повреда на правото на еднаквост на Ромите во споредба со останатите етнички заедници, претставува продолжување на стигматизирањето и сегрегирањето на Ромите и отвора можност за постоење на дискриминаторска практика, доколку ваквиот третман е единствено насочен кон Ромите.

Препорака: Апелираме до сите угостителски и останати објекти кои нудат добра и услуги, истото да го прават без дискриминација по било која основа. Дополнително ги повикуваме сите граѓани кои се почувствувале дискриминирани во пристап до добра и услуги по било која основа истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет.

СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА

НЕСОВЕСНО ПОСТАПУВАЊЕ НА ЦЕНТАР ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА ПРИ ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СОЦИЈАЛНА ПАРИЧНА ПОМОШ

До Хелсиншкиот комитет за човекови права со барање за бесплатна правна помош се обрати социјално загрозено лице кому му е потребно да го оствари своето право на социјална парична помош.

Имено, лицето не информираше дека во месец ноември 2018 година има поднесено барање за остварување право на социјална парична помош. Во месец март 2019 година, односно по истекот на четири месеци од поднесување на барањето, ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Гази Баба донел решение со кое постапката за остварување на право на социјална парична помош се прекинува, се до решавање на претходното прашање, односно до комплетирање на потребната документација.

Согласно член 95 од Законот за општата управна постапка, aко јавниот орган што ја води постапката наиде на прашање чие решавање е предуслов за да се одлучи за самата работа, а истото претставува независно правно прашање за чие решавање е надлежен суд или некој друг јавен орган (во натамошниот текст: претходно прашање), јавниот орган што ја води управната постапка ја прекинува постапката додека не се реши претходното прашање и за тоа ја известува странката.

Комплетирањето на документацијата за одреден предмет и прибирање податоци по службена должност од надлежните институции не претставува ниту претходно ниту правно прашање. Прибирање податоци по службена должност е токму тоа, должност и обврска на институцијата којашто одлучува по барањето за остварување на одредено право на странката. Препорака: Имајќи го предвид начелото на сервисна ориентација на јавните органи, согласно член 9 од Законот за општата управна постапка, кога јавните органи решаваат во управни работи, неопходно е сервисно да се ориентирани кон остварувањето на правата и интересите на странките, а особено во случаи кога станува збор за остварување на права од социјална заштита на странки, на кои егзистенцијалната состојба дополнително им се влошува поради несовесно постапувањето на надлежните институции.

ДЕЛА ОД ОМРАЗА

Двојно зголемен број на инциденти сторени од омраза

Во месец Април 2019 регистрирани се вкупно 30 инциденти од омраза, од кои 21 се сторени поради етничка припадност, 7 се поради политичка припадност, за еден инцидент причина е религијата, и 1 инцидент е сторен поради боја на кожа на жртвите. Најмногу инциденти се регистрирани во Скопје ( 18), а сите кривични пријави ( 5) се за кривично дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал. Повторно значителен дел од инволвираните во овие инциденти како жртви и/или сторители се деца ( лица до 18 години).

Овој месец го издвојуваме случајот на насилство сторено поради расна омраза. Имено, на 18.04.2019 година во 21.40 часот во Полициската станица Центар, М.А.М.(38) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 18.20 часот на плоштад „Македонија“ нејзиниот 13 – годишен син, кој бил со своите брат и сестра, бил физички нападнат од две непознати лица. Во полиција случајот е евидентиран како прекршок против јавен ред и мир ( член 12 од ЗППЈРМ), меѓутоа бидејќи има елементи на кривично дело Насилство, Хелсиншкиот Комитет со согласност на мајката на жртвата ќе поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Провокативна реторика во говорите на претседателските кандидати

Хелсиншкиот комитет ја следеше и кампањата за претседателските избори во двата круга. Во овој период, Комитетот не забележа говор на омраза во обраќањата на кандидатите за претседател и немаше континуирани или забележителни појави на запалива реторика во дискурсот на кампањата на двата кандидати[1] Сепак, беше забележано користење на негативни пораки и лични навреди во кампањата на дебатите во вториот круг помеѓу кандидатот Стево Пендаровски и кандидатката Гордана Силјановска Давкова. Провокативна реторика беше забележана и во говорите на партиските претставници. Иако кандидадите не употребуваа директно говор на омраза, сепак на социјалните мрежи беше регистриран говор на омраза во јавниот дискурс кој Хелсиншкиот комитет соодветно го документираше.

Дискриминаторски говор и говор на омраза по основ на етничка и политичка припадност беше евидентиран на социјалните медиуми, фејсбук и твитер од страна на пошироката јавност. Во периодот од 1ви април 2019 година заклучно со денот на вториот круг од претседателските избори, на интернет порталот wwww.govornaomraza.mk беа регистрирани вкупно 69 случаи на говор на омраза.

Најголем број на верификувани случаи се однесуваа на говор на омраза поради етничка припадност (31% од вкупниот број на пријави), говор на омраза поради политичка припадност и поради пол и род (со по 21% од вкупниот број на пријави) и 14 пријави на говор на омразапоради сексуална ориентација и родов идентитет (16%). Како што може да се забележи од хистграмскиот преглед на пристигнати пријави за говор на омраза, најголем дел се регистрирани за време на политичката кампања. По завршувањето на претседателските избори се забележува драстично намален број на пријави за говор на омраза.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА ЗА ЗАШТИТА ОД ВОЗНЕМИРУВАЊЕ НА РАБОТНО МЕСТО КАЈ РАБОТОДАВАЧ

Во текот на месец април, Хелсиншкиот комитет документираше 13 случаи на прекршување на работничките права, кои се однесуваа на:

  • Вознемирување на работното место;
  • Непријавена и неплатена прекувремена работа;
  • Неисплатени плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување;
  • Усно откажување на договорот за вработување;
  • Непочитување на предвидениот законски рок од 30 дена, во кој апелационите судови треба да донесат одлука по жалба во постапката за спорови од работни односи.

Седум од регистрираните случаи на прекршување на работничките права беа пријави од работници кои сметаат дека се жртви на вознемирување на работното место – мобинг.

Mобингот може да се манифестира во неограничен број на форми, како на пример постојано исмевање и омаловажување на работното место, наметнување понижувачки работни обврски и/или континуирано викање и навредување со што директно се напаѓа достоинството на работникот.

Законот за заштита од вознемирување на работно место предвидува две постапки преку кои може да се оствари заштитата од мобинг. По пат на претходна постапка во која би се остварила заштитата на вработениот или лицето ангажирано со договор, како и преку постапка за судска заштита. Постапките не се условени една со друга и не постои приоритет на нивното користење.

Претходна постапка за заштита од вознемирување на работно место кај работодавач

Целта на претходната постапка, која по својата природа е интерна, е да обезбеди заштита од мобинг на брз и ефикасен начин во рамките на самата работна средина бидејќи таа се спроведува непосредно кај работодавачот.

Оваа постапка се поведува со поднесување на писмено барање на работникот кој смета дека е жртва на мобинг до лицето кое го извршува мобингот, со укажување дека таквото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано. Писменото барање треба да содржи и предупредување дека доколку таквото однесување не престане веднаш, потенцијалната жртва ќе биде принудена да побара законска заштита.

Во ситуации кога иницијалното писмено барање нема да вроди со никакви резултати, односно нема да го спречи вознемирувањето на работното место, писменото барање на лицето кое го трпи мобингот се поднесува до работодавачот. Исклучок од оваа претходна постапка е ситуацијата во која како вршител на мобинг се појавува работоводен орган. Во таков случај, веднаш по претходно писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето, без претходната постапка, директно се поведува спор до надлежниот суд со поднесување на тужба. Со оглед на тоа што вршител на мобинг може да биде било кое лице или група лица, без оглед на нивното својство, односно без разлика дали станува збор за работодавач како физичко лице, одговорно лице или работник, доколку не станува збор за наведениот исклучок, писменото барање се поднесува до одговорното лице кај работодавачот. Ова писмено барање, во текот на претходната постапка се поднесува најдоцна во рок од шест месеци од денот кога последен пат е извршено однесувањето кое се смета дека претставува мобинг, во спротивно, правото на заштита во рамките на претходната постапка застарува.

Во првиот дел од претходната постапка, одговорното лице кај работодавачот се задолжува веднаш, а најдоцна во рок од 8 дена од денот на приемот на барањето за заштита од мобинг, на страните да им предложи посредување како начин на разрешување на спорот како и да изберат лице од листата на посредници. Доколку не постои согласност помеѓу страните и овластеното лице кај работодавачот за определување на посредник, овластеното лице е должно во рок од осум дена да достави писмено известување до двете страни дека не е избран посредник. Од денот на доставувањето или недоставувањето на известувањето, започнува да тече рокот од 15 дена за поднесување на тужба до надлежниот суд за заштита од вознемирување на работно место.

Посредникот може да ѝ пристапи на постапката на различни начини: да води заеднички или одвоени разговори со страните, во согласност со едната страна на другата страна да ѝ пренесе и достави предлог и ставови за одделни прашања или да направи разговори и со лица кои се предложени како сведоци. Тој/таа е должен/должна за секое преземено дејствие во рамките на постапката за спогодување да изготви посебен извештај во кој точно ќе бидат наведени работите кои биле преземени за конкретното дејствие и има најмногу 15 дена за да ја заврши целата постапка. Во зависност од успешноста на посредувањето, посредникот има рок од три дена да склучи спогодба со препораки (ако посредувањето е успешно) или да изготви писмено известување дека не е постигната спогодба (ако посредувањето е неуспешно) и да ги упати на судско разрешување на спорот.

Препорака:Покрај сите овие законски решенија, државата не може да се пофали со значителна пракса од оваа област. Двата начини на решавање на споровите кои настануваат како резултат на мобинг, во услови на висока стапка на невработеност како резултат на тешката економска состојба, во моментов не претставуваат правни институти со пошироко практично и теоретско значење. Сепак, одреден дел од вината за таквата состојба се должи на непознавањето на вработените на можностите за заштита од мобинг. Во таа насока, Хелсиншкиот комитет ги охрабрува работниците коишто сметаат дека се жртви на мобинг да ги користат наведените механизми за заштита, затоа што самото нивно искористување ќе му укаже на лицето што го врши мобингот дека однесувањето е несоодветно, неприфатливо и несакано и ќе му обзнани дека ви стои на располагање судска заштита која планирате да ја искористите доколку не го корегира своето однесување. Последователно, писмениот допис може да влијае вршителот на мобингот да го преиспита своето однесување на работното место, а доколку тоа не се случи, тој може да се искористи како доказ во постапката против неа или него.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

Текстилни работнички работеле со договор на определено време подолго од 5 години

Хелсиншкиот комитет беше известен дека во една текстилна конфекција во Штип работат работнички со договор на определено време во траење од еден до три месеци подолго од пет години, а дел од нив и по десет години се во работен однос на определено време кај истиот работодавач. Согласно Законот за работни односи договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од пет години.

Од тие причини Хелсиншкиот комитет побара од Државниот инспекторат за труд согласно законските надлежности да спроведе вонреден инспекциски надзор и да испита дали во посочената текстилна конфекција во Штип работничките и работниците работат со договор на определено време подолго од пет години, а некои и повеќе од десет години кај истиот работодавач без да им се трансформира работниот однос во работен однос на неопределено време.

Препорака: Ваквите прекршувања на работничките права се чести во текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Ги повикуваме сите работнички и работници кои се соочуваат со вакви прекршувања на работничките права, истото да го пријават во Хелсиншкиот комитет.


[1]Двата кандидати за претседател имаа платено политичко рекламирање и на македонски и на албански јазик.

Документи