Месечен извештај за состојбата со човековите права – ноември 2018
Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за ноември 2018 година опфаќа теми од областите:, Дискриминација, Семејно и родово базирано насилство, Полициско постапување и Работнички права.
Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Селективно и непрофесионално работење на Комисијата за заштита од дискриминација
Со последното мислење на Комисијата за заштита од дискриминација со кое се утврди дискриминација од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска преку непочитување на правото на фер постапка на осудениот на две години затвор, Никола Груевски, во предметот „Тенк“, целосно се доведуваа во прашања кредибилноста за вршењето на мандатот на ова институција. Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семеен статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената пракса[1], туку на претставката на поранешниот премиер и даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен. Утврдувањето на дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чии членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде очигледно нема дискриминација. Само во последните три години членките на Мрежата за заштита од дискриминација доставила 19 претставки во случаи на дискриминација кон маргинализирани групи граѓани, за кој Комисијата во просек доцни по речиси 4 месеци, а за три од поведените претставки Комисијата доцни и повеќе од една година. На пример, Комисијата сé уште нема одлучено по претставката против Миленко Неделковски, пратена на 2.2.2017 година. Наспроти ваквиот однос на игнорирање на маргинализираните заедници, Комисијата постапи брзо и пред законскиот рок во предметот на поранешниот премиер, Никола Груевски. Хелсиншкиот комитет заедно со останатите членки на Мрежата за заштита од дискриминација континуирано алармира за неефикасната заштита од дискриминација, меѓу другото, и поради немањето капацитет на Комисијата за заштита од дискриминација да се постави како препознатлива институција која ќе застане на страната на дискриминираните.
Препорака: Апелираме до Собранието за Република Македонија итно да се пристапи кон усвојување на новиот Закон за спечување и заштита од дискриминација, врз чија основа ќе се разреши сегашниот состав на Комисијата согласно засилени критериуми за избор и пошироки надлежности за превенција и заштитата од дискриминација.
Препораките на Хелсиншкиот комитет вградени во заклучните согледувања на CEDAW Комитетот
Kомитетот на Обединетите нации за елиминација на дискриминацијата врз жените (CEDAW) ги објави заклучоците од шестиот извештај за Република Македонија. Хелсиншкиот комитет за човекови права беше една од организациите кои репортираа пред Комитетот на ОН во однос на состојбата со правата на жените во Македонија и спроведувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација.
Со задоволство констатираме дека голем дел од заклучните согледувања на Комитетот на ОН произлегуваат од извештајот на нашата организација. Почнувајќи од потребата за подобрување на постоечкиот систем за собирање информации и креирање релевантни статистики за семејно насилство, се до препорака за подобрување на сервисите за превенција и заштита од сите форми на родово основано насилство со отворање на доволен број шелтер центри. Хелсиншкиот комитет исто така препорача олеснување на правните процедури за жртвите на насилство и усвојување на закон за родово базирано насилство за да се подобри заштитата и да се надминат сегашните законски недоречености. Исто така, вметната е потребата за сензибилизирање на полицајците заради промена на нивното постапување во случаи на семејно и сите форми на родово базирано насилство
Нашите препораки во делот на пристап до образование за руралните жени станаа исто така дел од заклучоците на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените, исто како и потребата за подобро евидентирање на малолетничките бракови и градење превентивни механизми за малолетничките да не се исклучуваат од образовниот процес.
Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе го мониторира процесот на имплементирање на препораките од страна на Република Македонија и во таа насока очекуваме државата да покаже политичка волја за нивно што поитно спроведување.
Дискриминација врз основа на претпоставена попреченост
До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија со барање за бесплатна правна помош се странка од Скопје, која е мајка на дете со пречки во говорот, сè уште без поставена дијагноза, кое посетува редовна настава во прво одделение во ОУ „Димитар Македонски“. На родителска средба класниот раководител на странката ѝпокажала лист со рачно напишана содржина и податоци од медицинска документација за менталното здравје на нејзиното дете. Учителката ја известила странката дека податоците ги добила од Заводот за ментално здравје на деца и младинци “Младост” Скопје. Од добиените податоци, таа им соопштила на сите присутни родители дека детето наводно има дијагноза аутизам и поради тоа не би требало да ја следи наставата заедно со останатите деца. Притоа, инсистирала неговите родители да му обезбедат приватна придружба за следење на настава. Странката нè извести дека нејзиното дете има посетувано неколку логопеди каде што се разгледувале неколку различни можности кои би можеле да го предизвикаат успорувањето во говорниот развој, но сè уште му немаат поставено дијагноза.
Исто така, на родителската средба не биле присутни ниту педагогот, психологот или дефектологот коишто се вработени во училиштето, а странката била известена дека тие не можат да му ја обезбедат соодветната помош на детето поради тоа што не биле стручно оспособени за тоа.
Препорака: Повикувајќи се на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за заштита на децата и Законот за основното образование, Хелсиншкиот комитет бара од Државниот просветен инспекторат и од Државниот санитарен и здравствен да се спроведе вонреден инспекциски надзор над работењето на училиштето и на Заводот.
До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија со барање за бесплатна правна помош се странка од Скопје, која е мајка на дете со пречки во говорот, сè уште без поставена дијагноза, кое посетува редовна настава во прво одделение во ОУ „Димитар Македонски“. На родителска средба класниот раководител на странката ѝпокажала лист со рачно напишана содржина и податоци од медицинска документација за менталното здравје на нејзиното дете. Учителката ја известила странката дека податоците ги добила од Заводот за ментално здравје на деца и младинци “Младост” Скопје. Од добиените податоци, таа им соопштила на сите присутни родители дека детето наводно има дијагноза аутизам и поради тоа не би требало да ја следи наставата заедно со останатите деца. Притоа, инсистирала неговите родители да му обезбедат приватна придружба за следење на настава. Странката нè извести дека нејзиното дете има посетувано неколку логопеди каде што се разгледувале неколку различни можности кои би можеле да го предизвикаат успорувањето во говорниот развој, но сè уште му немаат поставено дијагноза.
Исто така, на родителската средба не биле присутни ниту педагогот, психологот или дефектологот коишто се вработени во училиштето, а странката била известена дека тие не можат да му ја обезбедат соодветната помош на детето поради тоа што не биле стручно оспособени за тоа.
Препорака: Повикувајќи се на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за заштита на децата и Законот за основното образование, Хелсиншкиот комитет бара од Државниот просветен инспекторат и од Државниот санитарен и здравствен да се спроведе вонреден инспекциски надзор над работењето на училиштето и на Заводот.
СЕМЕЈНО И РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО
Жртвите на семејно и родово базирано насилство виктимизирани и од институциите
Во месец ноември три жени пријавија во Хелсиншкиот комитет за човекови права дека се жртви на одредени форми на семејно и родово базирано насилство. Правниот тим на странките им обезбедеи правно советување и им даде правна помош. Во еден од случаите, странката беше придружувана од претставничка на Хелсиншкиот комитет во Центарот за социјални работи. Таму странката се соочи со отпор од страна на социјалниот работник во моментот на пријавување на семејното насилство. Имено, странката е жртва на семејно насилство од бивш партнер со кој никогаш не делела заедничко живеалиште. Социјалниот работник не сакаше да ја прифати пријавата со образложение дека не може да станува збор за семејно насилство во случаи кога сторителот и жртвата не живееле заедно. Претставникот на правниот тим на Хелсиншкиот комитет им посочи на социјалните работници во Центарот дека тоа е спротивно на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, каде што семејното насилство е дефинирано како:„малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви за дејстви, меѓу другото, и помеѓу лица кои се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.“По половина час, социјалниот работник ја прими пријавата за семејно насилство, притоа однесувајќи се непрофесионално и некоректно кон жртвата за времетраењето на целата постапка.
Основниот суд Скопје 2 Скопје на 18.10.2018 година донесе решение за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство. Предлогот бил поднесен од страна на жртвата на 20.08.2018 година, против сторителот на семејно насилство со кој била во блиски партнерски, лични односи. Иако решението е донесено надвор од законски предвидениот рок, сепак претставува позитивен пример во судската пракса кој треба да го почитуваат не само судовите, туку и сите останати институции коишто се соочуваат со жртви на семејно насилство од лице со кое биле во блиски лични односи, без разлика дали делеле заедничко живеалиште или не.
Хелсиншкиот комитет во текот на месец ноември следеше 11 кривични постапки за делата Телесна и Тешка телесна повреда при вршење семејно насилство кои се водат пред Основниот суд Скопје 1 Скопје. Од нив, беа одржани само 2 рочишта, а 9 беа одложени. На 5 рочишта од оние кои беа одложени не присуствуваше Јавниот обвинител кој ја повел постапката, а едно од нив се одложи токму поради отсуство на Јавниот обвинител.
Препорака: Искуството на жртвите за пријавување на семејното насилство во Центарот за социјални работи покажува дека правилата за постапување во случаи на семејно насилство не се почитуваат од страна на социјалните работници. Нивниот однос кон жртвата е често субјективен и непрофесионален, што е недозволиво имајќи го предвид фактот дека ова е една од примарните институции со кои се соочуваат жртвите на семејно и родовобазирано насилство. Ваквиот однос предизвикува обесхрабрување на жртвата и претставува ограничување на правото на користење на заштитните механизми во случаи на семејно насилство. Хелсиншкиот комитет ја потенцира потребата од информирање на жртвите за бесплатните услуги кои ги нудат невладините организации – бесплатното правно советување и правна помош, како и придружба пред надлежните институции во постапките за заштита од семејно насилство.
ПОЛИЦИСКО ПОСТАПУВАЊЕ
Употреба на прекумерна сила и нанесена телесна повреда врз граѓанин
Во текот на месец Ноември до Хелсиншкиот комитет со претставка се обрати странка од Охрид за својот син, кој бил жртва на прекумерна употреба на сила од страна на полициски службеници од СВР Охрид. Имено, на денот на настанот при расправија помеѓу странката и нејзиниот син, се вмешале двајца полициски службеници од СВР Охрид кои употребиле прекумерна сила и со тупаници и клоци го удирале синот околу 15 минути, по што повикале асистенција и набрзо пристигнале уште три возила со полициски службеници од истата станица. Мајката посведочила како нејзиниот син бил фрлен во полициското возило и удиран со пендрек по телото и гениталиите. Странката била задржана околу 6 часа и пуштена по пристигнувањето на нејзините адвокати, додека нејзиниот син бил задржан 24 часа во полициска станица. Откако бил пуштен од полициската станица наредниот ден, веднаш бил однесен на лекар каде што е утврдена тешка повреда на левиот тестис, кој бил видно отечен, како и модрици и лузни по целото тело. По направените анализи, извршена е итна хируршка уролошка интервенција со што му отстранет левиот тестис. Иако се жалел на болки додека бил во полициската станица, не била повикана брза помош и не му била пружена лекарска помош.
Имајќи го предвид изнесеното, се отвори основано сомнение за непрофесионално и незаконско постапување на полициските службеници надвор од границите на нивните овластувања и должности, на начин со кој се понижува човековото достоинство и човековата личност преку прекумерна употреба на сила. Од странката бевме известени дека случајот е пријавен до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и е подготвена кривична пријава од страна на полномошниците на оштетениот.
Од страна на Хелсиншкиот комитет доставено беше барање за информации до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во врска со претходно поднесената претставка. Од страна на Одделот бевме известени дека врз основа на извршените непосредни проверки и други дејствија, констатирано е дека претставката е основана и доставена е кривична пријава против двајца полициски службеници поради постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела „Малтретирање во вршење на служба“ од член 143 од КЗ и „Тешка телесна повреда“ од 131 од КЗ.
Препорака: Апелираме до јавното обвинителство сериозно да се заинтересира за случаите поврзани со полициската бруталност и прекумерена употреба на сила и да поведе постапка против полициските службеници. Во таа насока, неопходно е итно операционализирање на измените од Законот за јавно обвинителство со кои се предвидува формирање на посебно одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство загонење на организиран криминал и корупција. Ова одделение треба да има за цел ефективно и ефикасно гонење и казнување на ваквите дела сторени од лица со полициски овластување и конечно надминување на феноменот на неказнивост на припадниците на полицијата и затворската полиција во случаи на полициска бруталност и тортура.
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Заштитата и безбедноста на работниците при работа е основна обврска на работодавачите
Хелсиншкиот комитет за човекови права бележи десет случаи на прекршувања на работничките права во месец ноември. Во еден од случаите се работи за анонимна пријаваод еден работник за ненавремено исплаќање на повеќе плати на работниците од страна на нивниот работодавач. Постапувајќи по оваа пријава, Хелсиншкиот комитет поднесе барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор во седиштето на работодавачот до Државниот инспекторат за труд. Во друг случај, еден работник пријави дека по спогодбено раскинување на договорот за вработување со неговиот работодавач е иницирана судска постапка против него за надомест на штета поради повреда на конкурентската клаузула од негова страна. Основниот Суд Скопје 2 го усвоил тужбеното барање на работодавачот, на штета на работникот. Согласно Законот за работните односи, конкурентската клаузула може да се договори само доколку договорот за вработување престане по волја или по вина на работникот. Во конкретниот случај станува збор за двострано изјавена волја, па оттука е нејасно на која основа Судот ја донел ваквата одлука. Работникот ја обжали ваквата пресуда и правниот тим на Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи овој случај.
Во месец ноември регистрирани се и четири случаи на повреда на работници на нивните работни места, од кои тројца се здобиле со тешки телесни повреди, а еден работник починал при вршење на неговите работни задачи. Хелсиншкиот комитет побара информации од Државниот инспекторат за труд дали во конкретните случаи работодавачите ги презеле потребните мерки за заштита и безбедност при работа на работниците. Дополнително, беше забележано дека на едно градилиште нема соодветна заштитна ограда, а работници ги вршат своите работни задачи без соодветна заштитна опрема. За таа цел беа поднесени барања за спроведување на вонреден инспекциски надзор до Секторот за безбедност и здравје при работа при Државниот инспекторат за труд и Градежна инспекција во општина Охрид. Комитетот продолжува да ја следи ситуацијата во наведените случаи и се уште чека одговори од страна на Државниот инспекторат за труд, Секторот за безбедност и здравје при работа при Државниот инспекторат за труд и Градежната инспекција во општина Охрид.
Препорака: Од јануари до октомври 2018 година, Државниот инспекторат за труд регистрирал 17 повредени работници со смртни последици и 1527 повредени со потешки или полесни телесни повреди. Поради алармантноста на оваа бројка, Хелсиншкиот комитет апелира до сите работодавачи да ги почитуваат правилата согласно Законот за безбедност и здравје при работа и да ги превземаат сите потребни мерки за заштита и безбедност на работниците, а особено на работните места чијашто природа е високоризична по здравјето и животот на работниците.
[1]Став на двајца членови на Комисијата за заштита од дискриминација даден во нивното издвоено мислење: https://fokus.mk/gruevski-ne-e-zhrtva-izdvoeno-mislene-vo-komisijata-za-diskriminatsija/