ноември 10, 2020

Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – октомври 2020

СОДРЖИНА

ПОЛИТИЧКООПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

-Судската заштита треба да е последен механизам за остварување на работничките права, но за многу работници судовите сè уште се единствената можност за заштита од злоупотреби

ДИСКРИМИНАЦИЈА     

-Уште еден случај на полициска бруталност врз Роми во Битола

-МТСП погрешно ја толкува уредбата за продолжување на породилното отсуство

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

-Ненавремената реакција на институциите резултираше со фемицид

ГОВОР НА ОМРАЗА

-Потреба од правна заштита на жртвите од говор на омраза 

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

Хелсиншкиот комитет продолжи со мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Хелсиншкиот комитет во својот извештај за август дава осврт на почитувањето на работничките права, дискриминацијата, родово базираното насилство и говорот на омраза.

Во октомври 2020 година, Европската комисија го објави извештајот за Република Северна Македонија за процесот на пристапување. Согласно со извештајот на Европската комисија, се нотира дека правната марка за заштита на темелните права е во најголема мера согласна со европските стандарди. Сепак, ако во извештајот во 2019 се забележува дека земјата направила добар напредок, во 2020 година се забележува дека напредокот е ограничен.

Со преговарачката рамка за пристапување, која беше претставена од германското претседателство за преговори помеѓу Унијата и Северна Македонија, се констатира дека клучен предуслов за членство се „стабилни институции кои ја гарантираат демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и почитување и заштита на правата на немнозинските заедници.“ Имајќи ја предвид севкупната ревизија на процесот на пристапување во делот на политичките поглавја, процесот на преговори ќе започне и ќе заврши со првиот фундаментален кластер (имено и Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права). Во 2020 година, Комисијата оцени дека е направен добар напредок на ниво на поглавје што е предуслов за отворање на преговорите на првата меѓувладина конференција која треба да се одржи во декември 2020 година. Предлогот за Преговарачка рамка има за цел да овозможи доволно време и ресурси за воспоставување на неопходната правна инфраструктура за примена на правото на ЕУ и градење на досие за успешност во спроведување на преземените реформи пред затворање на преговорите и потпишување Договор за пристапување во Унијата.

Застојот што го утврди Комисијата го потврдува и Хелсиншкиот комитет за човекови права преку својот редовен мониторинг на состојбата во државата, особено на развојот на ситуацијата во контекст на Ковид-19. Исто така, Комисијата ја истакна улогата на Народниот правобранител преку зајакнување на административните капацитети на институцијата. Најголем број пријави се однесуваат за делот на правосудството, правата на потрошувачите, правата на децата, здравствената заштита итн. Сепак, како и во изминатите извештаи на Комисијата, сè уште изостанува сеопфатен институционален систем во државата за спроведување на препораките на Народниот правобранител.

Најголемата причина за воздржаниот тон на Комисијата и ограничување на напредокот е одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за превенција и заштита од дискриминација поради процедурални пропусти. Се оценува дека сè уште изостанува сеопфатна рамка за заштита од дискриминација. Се бара итно постапување од страна на надлежните институции и донесување на законот во соработка со сите засегнати страни, вклучително и граѓанските организации. На 28 октомври 2020 година беше усвоен Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Исто така, Комисијата нагласува дека унапредувањето на спроведувањето на легислативата против говорот на омраза и акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција е од огромна важност за земјата. Говорот на омраза сè уште претставува клучен предизвик за државата во наредниот период, имајќи го предвид трендот од над 100 пријави месечно откако започна епидемијата во март 2020 година.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Судската заштита треба да е последен механизам за остварување на работничките права, но за многу работници судовите сè уште се единствената можност за заштита од злоупотреби

Овој месец го обележаа мирните протести на скопските пожарникари. Пожарникарите од 26 октомври преку протести бараат усогласување на нивната плата, онака како што е предвидено со Законот за пожарникарството. Законот предвидува дека нивната плата треба да биде за 20 отсто поголема од платата на другите вработени со соодветна стручна подготовка во општинската администрација, поради видот и природата на работите што пожарникарите ги извршуваат.[1]

Извор: МИА – Медиумска информативна агенција

Независниот синдикатот на пожарникарите на Македонија уште во септември побара покачување на платите на скопските пожарникари на нивото предвидено со Законот, а ова веќе е потврдено и со судска пракса. Во септември 2020 година, Основниот граѓански суд Скопје во неколку пресуди утврдил дека Град Скопје треба да им исплати на пожарникарите додаток на плата по основ на прекувремена работа, додаток за работа во ден на неделен одмор и додаток на плата од 20 отсто поради видот и природата на работите што ги извршуваат професионалните пожарникари. Во овие пресуди, првостепениот суд директно го применил членот 13 од Законот за пожарникарството, утврдил негова повреда од страна на Град Скопје и го задолжил работодавачот да ги обештети работниците.

Пожарникарите апелираат надлежните институции да најдат системско решение за нивниот проблем, за да нема потреба тие по судски пат да ги остваруваат паричните побарувања што ги имаат кон Град Скопје. Судската заштита не е ефективно решение на проблемот со кој се соочуваат овие работници, поради тоа што парите кои ги добиваат како судско обештетување не влегуваат во пресметката на пензиската основица, имајќи предвид дека старосната пензија се утврдува од месечниот просек на платите што ги добиваат работниците пријавени во социјалното осигурување.[2] Судската заштита треба да е последен механизам за остварување на работничките права. Кога се јавуваат во својство на работодавач, институциите на национално и локално ниво треба да бидат пример за приватниот сектор, да овозможат непречено остварување на правата на работниците и да дејствуваат како нивен заштитник.

Дополнително, побарувањето на неисплатените додатоци на плата по судски пат значи и оптоварување на локалниот буџет, затоа што за секој ваков случај општината Град Скопје покрај главниот долг, исплаќа и камати, судски и адвокатски трошоци и трошоци за извршители. Ова е потврдено и со вештачење на стручни лица во судските постапки, според кое Град Скопје би го чинело помалку доколку ја усогласи платата на пожарникарите на нивото предвидено со Законот, отколку да им исплаќа оштета на работниците врз основа на судски одлуки. Трошокот за судско обештетување значително би се зголемил доколку се земе предвид пресметката што ги опфаќа и работниците во сите противпожарни единици низ државата.

На почетокот на септември, градоначалникот на Град Скопје појасни дека покачувањето на платите на пожарникарите било планирано за подоцнежен период. Дополнително, според него, станува збор за можна злоупотреба или манипулација на пожарникарите. Откако пожарникарите ги изразија своите несогласувања и протести на моменталната ситуација, се одржаа неколку средби помеѓу засегнатите страни и Владата како некој вид посредник. Заклучокот на Град Скопје беше дека не станува збор за недостаток на волја туку за недостаток на законски основ за да може да се исплаќа платата онака како што бараат пожарникарите. Дополнително, на пожарникарите им била понудена медијација како начин за решавање на спорот како замена за судските постапки. Владиниот портпарол, Душко Арсовски, на прес-конференцијата одржана на 28 октомври, најави измени и дополнување на Законот за пожарникарството во јуни 2021 година, со цел решавање на долгогодишниот проблем со платите на пожарникарите. Незадоволни од понуденото решение на надлежните институции, пожарникарите одлучија да продолжат со протестите, а Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе продолжи да го следи развојот на настаните.

Дополнително, неизбежно е да се напомене дека ова не е единствената повреда на работничките права со која се соочуваат пожарникарите. Имено, Центарот за граѓански комуникации во февруари објави извештај дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од сите противпожарни единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум, додека шест имаат токму толку колку што предвидува минимумот. На останатите 20 единици им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум. Најмногу пожарникари ‒ повеќе од 200, му недостигаат на главниот град Скопје.

Покрај недостигот на пожарникари, слична е ситуацијата и со расположливоста со противпожарни возила во државата. Според Центарот за граѓански комуникации, државата располага со вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. За споредба, во 2018 година Македонија располагала со 220 возила, просечно стари 27 години. Заклучокот на Центарот е дека возилата што се набавени во меѓувреме не биле нови и не го „подмладиле“ противпожарниот возен парк во земјава.

Извор: Центар за граѓански комуникации

Во овој контекст, се потсетуваме на заклучоците на експертите за права од Обединетите нации, дека

ниеден работник не е потрошлив. Сите работници се од суштинско значење, без разлика која категорија се применува врз нив од страна на државите или на бизнисите. Секој работник има право да биде заштитен од изложување на опасности на работното место, вклучувајќи го и коронавирусот.

Оваа обврска за заштита од изложување на опасности на работното место ја имаат работодавачите во секој момент од работењето, како при вонредни – така и при нормални услови.

 ДИСКРИМИНАЦИЈА 

Уште еден случај на полициска бруталност врз Роми во Битола

Само неколку недели по случајот со претепаните Роми од страна на полициски службеници во Битола, граѓанската иницијатива АВАЈА на 20 октомври сподели информации со јавноста за нов случај во Битола со индикации за полициска бруталност, но и со елементи на реваншизам од страна на полициските службеници. Според АВАЈА, овојпат полицијата употребила прекумерна сила врз повозрасна Ромка и нејзиниот син. Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници, преку заеднички проект, ангажираа адвокат за овој случај.

Заклучок: Со оглед на загрижувачките индиции, бараме Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи целосно да го истражи овој случај и доколку се потврдат наодите, инволвираните полициски службеници да бидат соодветно дисциплински казнети и доколку има основ, против истите да биде поведена кривична постапка.

Препорака: Го повикуваме МВР да ги преземе сите превентивни мерки за спречување на непрофесионалниот однос, расното профилирање, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани, што очигледно е честа практика на полицијата.

МТСП погрешно ја толкува уредбата за продолжување на породилното отсуство

Хелсиншкиот комитет за човекови права до Министерството за труд и социјална политика поднесе барање за постапување во насока на исправка на толкувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 90/20). Имено, од страна на Министерството и од страна на Фондот за здравствено осигурување не им беше одобрено продолжување на породилното отсуство на оние работнички кои во моментот на донесување и стапување во сила на Уредбата го користеле правото на редовно породилно отсуство, но нивните договори за вработување истекле за времетраење на породилното отсуство. Ваквиот начин на постапување  беше причина да побараме исправка на овој начин на толкување на Уредбата и донесување на ретроактивни позитивни решенија со кои ќе им се одобри продолжено породилно отсуство на оваа група работнички со кои ќе се предвиди и исплата на надоместоците на плата за периодот додека на сила беше оваа Уредба.

Министерството за труд и социјална политика до Хелсиншкиот комитет достави мислење во кое го образложува ваквиот начин на толкување на Уредбата. Во мислењето е образложено дека работничките кои биле на редовно породилно отсуство во време на донесување на Уредбата, а им биле истечени договорите за вработување, немале обврска да се вратат на нивните работни места. Работничките имале можност да останат дома и да се грижат за сопственото здравје и здравјето и безбедноста на детето во период кога градинките беа затворени како мерка за спречување од ширење на коронавирусот, а работничките кои биле сè уште во работен однос ја немале таа можност.

Потсетуваме дека Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи предвидуваше дека отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање, родителство и посвојување продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот. Продолжувањето на породилното отсуство беше регулирано од Фондот за здравствено осигурување.

Уредбата не предвидуваше дека породилното отсуство ќе биде продолжено само за оние работнички кои се во работен однос, односно кои имаа обврска да се вратат на работните места по завршување на отсуството. Оттука, погрешно е мислењето на Министерството за труд и социјална политика дека ова право не им следува на оние работнички чии договори за вработување истекле за времетраење на нивното породилно отсуство. Оваа група на работнички го стекнале правото на породилно отсуство и во време на донесување на Уредбата го користеле правото на редовно породилно отсуство, па затоа тие треба да го уживаат правото на продолжено породилно отсуство на еднаков начин со работничките кои имаа обврска да се вратат на нивните работни места по завршување на отсуството.

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Ненавремената реакција на институциите резултираше со фемицид

Во текот на месец септември во медиумите излезе веста за убиство на жена од страна на нејзиниот сопруг во нивниот дом во Гостивар, на што Хелсиншкиот комитет, преку Платформата за родова еднаквост, укажа на постоењето на сомнение дека причината поради која насилството ескалирало во убиство е непостапувањето на полицијата по претходна пријава за насилство.

На поднесената претставка од страна на Хелсиншкиот комитет до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР за овој случај, во текот на овој месец беше добиен одговор во кој се наведува дека внатрешната контрола на МВР утврдила дека наводите во претставката се основани, откако биле извршени непосредни и објективни проверки, биле собрани потребни известувања и бил извршен увид во целокупната документација. Поради тоа што полицискиот службеник од ПС Гостивар сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина, Одделот поднел Иницијатива до СВР Тетово за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така, Одделот за внатрешна контрола поднел и Известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Од почетокот на оваа година ова е трет случај на фемицид во државава, односно убиство на жена затоа што е жена, што претставува најтешка форма на насилство врз жената. Во случаи кога семејното насилство не се пријавува или, пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, како во конкретниот случај во Гостивар, многу поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Иако е за поздравување брзата реакција на Министерството за внатрешни работи за испитување на постапувањето на полициските службеници во овој случај, сметаме дека Министерството треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции. Во таа насока, Хелсиншкиот комитет веќе во неколку наврати апелираше институциите да ги спроведуваат обврските кои ги презедоа со ратификацијата на Истанбулската конвенција, а особено да се пристапи кон итно донесување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој беше предвидено да се донесе до крајот на 2019 година.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Потреба од правна заштита на жртвите од говор на омраза

Хелсиншкиот комитет за човекови права во октомври 2020 година, слично како и за изминатиот период, забележува повторно висок тренд на случаи со говор на омраза. Особено истакнуваме дека говорот на омраза врз основ на етничка припадност е во постојан пораст. И покрај големиот број јавни апели за активно дејствување на терен и на социјалните медиуми, сè уште постои инертност и нереспонзивност од страна на институциите, особено Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.

Иако темата говор на омраза се третира од страна на Европската комисија во своите редовни извештаи, оваа година за прв пат говорот на омраза добива и посебен третман и станува дел од клучните препораки на ниво на Поглавје 23 – Правосудство и темелни права. Согласно со новата методологија за преговори која беше усвоена на почетокот на годината, исполнувањето на овие препораки претставуваат предуслов за отворање на кластерот кој се однесува на поглавјата кои се однесуваат на демократијата и владеењето на правото.

Една од клучните препораки на Комисијата е дека постојат правни недоследности во регулирањето на говорот на омраза. Се бара ревидирање на законската рамка согласно со најдобрите европски практики. Комисијата констатира дека говорот на омраза е кривично дело, но дека е широко распространет на социјалните медиуми[3]. Исто така, Хелсиншкиот комитет преку својот мониторинг се согласува дека треба да се ревидира законската рамка и да се преземат конкретни мерки за негово санкционирање преку градење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Се потврдуваат наодите на Хелсиншки дека националните превентивни механизми за справување со говорот на омраза се неадекватни[4].

Она што се повторува од 2019 година е констатацијата дека не постои база на податоци за систематско документирање на случаите со говор на омраза. Позитивно е што се препознава улогата на граѓанските организации, вклучително и Хелсиншкиот комитет за човекови права, во собирање, документирање и процесирање на пријавите.

Комитетот верификуваше вкупно 104 пријави за октомври 2020 година, што претставува зголемување за 10 % во споредба со претходниот месец. Најголем број од случаите во септември се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност што е во постојан пораст од почетокот на глобалната пандемија во март годинава. Негативната реторика ескалираше овој месец на социјалните медиуми што придонесе за висок број пријави за говор на омраза на социјалните медиуми врз основ на етничка припадност, дури  46 % од вкупниот број на сите пријави за месецот.

Тренд на говор на омраза, октомври 2020 година

Говор на омраза на социјалните медиуми за октомври 2020 година

Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивна надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните.

Што се однесува на длабинските промени кои се неопходни за да се спречат негативните трендови на омраза и злосторства во земјава, ги повторуваме нашите заложби за суштински реформи во образовниот процес, културата и јавната комуникација, а пред сè во начинот на кој надлежните институции (не) го третираат говорот на омраза и неговите последици. Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија на своите седници редовно да го следи овој феномен и соодветно да презема мерки кои ќе придонесат за превенција и санкционирање на говорот на омраза, особено помеѓу помладата популација која воедно е една од најактивните групи кои се активни на социјалните медиуми.

Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: http://www.govornaomraza.mk/reports/.

[1] Член 13 од Законот за пожарникарството („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/04, 81/07, 55/13, 158/14, 193/15, 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 152/19).

[2] Член 20 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр. 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18, 245/18 и 180/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19 и 31/20).

[3] Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија. https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/north_macedonia_report_2020.pdf, стр. 30.

[4] Ибид, стр. 33

Документи